Денови на смртта

06.08.2015 14:56
Денови на смртта

Две работи ми се особено одвратни

Две работи ми се особено одвратни: кога стоката ќе фати да ги мести лентите на венецот под бронзената статуа на некој идиот и кога ќе го видам во куќата на несреќникот кој од мака и очај нема сила да му рече: сиктер, бе, сиктер, ако не излезеш до три ќе ти ја скинам главата, еден... два...

***

Четиристотини деведесет и девет евра пер капита помош за унесреќените во Тетовско, што ги дава владата на чипираните идиоти, воопшто не се малку пари, поплавениот со нив може да купи убав сандак за погреб или цела година да се вози на Панорамското тркало и тоа во вип кабините со безалокохолни пијалоци и стерео саунд од Банг и Олуфсен!

Пена на Лавот!

Премиерите, не само овој нашиот несреќник, обожаваат да ги посетуваат луѓето и пределите што ги унесреќиле со своите политики. На луѓето што ги дават во реките од бронзи, очила и палми, да им подадат рака ако давениците ветат дека ќе гласат за нив. Ништо не е попродуктивно за хохштаплерите во политиката од несреќата на луѓето за којашто се одговорни! Дури и палмите се покажуваат како визионерска промисла на Големиот водач: тие се тука за да има народот кај да се качи кога ќе надојде водата или кога ќе се излее канализацијата!

Не мислам дека нам ни останува само да си испраќаме сочувства! Сите жалиме за унесреќените. Сите сме со тагата на нивните најблиски. Секој е слободен да си го бара спасот во Господ. Но Господ е апелација до која не можеме да дојдеме ако не ги поминеме сите земни инстанци.

Ако Лавот Пена не фати или ако Пена не го фати Лавот!

Милениумски крст на Шапка за одбрана од поплави!

Биле разгледувани сите опции: да се исчисти коритото на Пена, да се изгради Панорамско тркало за рано предупредување, да се стават огромни вентилатори кои би го вртеле текот на реката и таа би течела угоре и при најголеми надојдувања, да се покрие реката со илјадници мостови со ангели заштитници, клупи за бесплатни ручеци и тесни процепи колку да може да се фрли по некоја јадица и пластични шишиња од зејтин... Но, на крајот Груевски решил дека сите маки ќе се решат ако владата изгради огромен милениумски крст на врвот на Шапка!

„Колку е високо од Тетово до Церипашина, толку да биде високо од дното до врвот на крстот“, рекол вршителот на должноста премиер!

„Или полумесечина“, скромно дофрлил Али Ах Мети!

„Али, тука не станува збор за верски симболи туку за мелиорација со помош на Господ. Има ли поплави на Водно - нема; а има ли на Водно крст или има полумесечина?!“, рекол Груевски во својата убиствена аргументација!

Така што за Второто албанско востание, долините околу Шипковица и Тетово ќе бидат скроз суви, погодни за вежби и за борби, ветуваат од владата на вмродпмнедуи, а познато е дека тие не само што ветуваат туку и остваруваат!

***

Не дебатирајте со вмро-дпмне, престанете да му ја мерите вината, не се обидувајте морално да го предизвикате на темата за поплавите, впрочем, како и на сите други теми, третирајте го како поплава, како кал што останува по поплавата, како бербат кој нема капилари и нервни завршетоци за да поцрвенее од срам што се нашол во вашата дневна соба... Земете лопата и изринете го!

Денови на жалост во Тетово

Отсекогаш сум се грозел од административниот диктат со чувствата на луѓето.

Башка што градот кој со својот немар и неодговорност ги уби децата, сега сака да диригира со чувствата на ожалостените! Тоа се вика откуп на нечистата совест.

А што е со остатокот на нашата мила татковина? Колку деца треба да загинат за да се аплицира овој лицемерен институт на целата територија! Или тие паради се резервирани за страдањата на децата од некоја друга вера и националност!?

Циниците велат дека во делот што го контролира Надвојводата Шарло одамна течат не денови туку години на жалост и тага. Циниците седат на кулата и имаат добар преглед на процесите. Сите сме удавени, само што не сме мртви.

Тоа е ситуација во која државните знамиња не се спуштаат на половина копје, туку се симнуваат и се закопуваат длабоко во земјата што имале задача да ја симболизираат и репрезентираат!

Можеби може работната група што го чисти избирачкиот список да ја исчисти и Пена, без да ја фаќаат за цицките и срамните места, а некоја друга работна група би можела да истражи нема ли да биде згодно да се воведат и „денови на смртта“: да речеме, деновите од моментот кога вршителот на должноста премиер ќе се врати од Израел, па до новото заминување.

Негово!

Македонецот е како дресиран лав!

Десет година Македонецот се однесува како лав под циркуски шатор: скокни, Сесил, низ обрачот во пламен, му вика дресерот на животното; и Сесил скока; седни, Сесил; Сесил седнува; исправи се на задните нозе, ооо, Сесиле; и Сесил се исправува.

Во паузата меѓу секоја точка Сесил добива мала месна карамеличка.

По една нечујна наредба, сите општински шуши на вемерето, пред осум години почнаа да ставаат легнати полицајци по патиштата и улиците, потоа сите почнаа да градат мали паркчиња по градските ливатки, па удрија да градат фонтани, по нив на ред дојдоа кружните текови и спомениците, па пивските и пастрмајлиски фестивали итн. Сега ја имаме и најновата хистерија околу влакнестите палми!

Овие иницијативи го дефинираат погледот на народот кон прашањата на безбедноста (легнатите полицајци) кон темите за убавото (фонтаните и паркчињата) и кон прашањата за забавата на широките народни маси по напорниот работен ден (пиво, музика, пастрмајлии), погледот кон иновативното и светското (палмите) и истовремено го дефинираат погледот на единствената партија која ги формулира хоризонтите на очекувања во кои, потоа, луѓето се вклопуваат не само зашто ќе добијат карамелчиња ако се фини, туку и затоа што се доведени во ситуација да мислат дека се корисни, дека тоа што го прават е важен прилог во битката за општото добро, дека тоа е сенароден вмро одговор на комунистичките работни акции, одговор што се одвива тука меѓу луѓето во градските средини, а не таму далеку на изградбата на некакви пруги и градови како во времето на Тито, одговор што го даваат тие што комунистите и комуњарите ги држеа на дното!

Избришано е посредништвото (во естетска, функционална, градежна, архитектонска или урбанистичка смисла) на стручната и културна елита која почнува да се смета за извор на отуѓеноста и за непотребен луксуз што народот нема пари да го плати; а и да има - нема да сака.

Тоа им даде на луѓето илузија на слобода, односно реална слобода да градат што сакаат, каде сакаат и како сакаат (добро, со мали или малку поголеми финансиски дилови разгранати во сите можни правци) и во таа слобода да ангажираат цели слоеви маргинализирани луѓе, заедно со крупни делови на користољубиво прешалтаната елита од старото време. Во таа слобода тие ја најдоа точката на својата идентификација.

Се разбира дека физичките облици на тој концепт или се веќе распаднати или многу бргу ќе се распаднат. Сите тротоари и фонтани, паркчиња и зградурини, сите мостови, ќе покажат, порано или подоцна, дека се правени со некоја чудна страст без трунка памет и стручност!

Но, потешко ќе пропадне психолошкиот профил: Македонецот, во меѓувреме, е ослободен од мисловните потенцијали на сивата маса, тој е претворен во рецептор, во механички тренсмитер на пораки! На ист начин на кој, еве сега, без видлива присила на оружени формации, сади палми, тој може да почне да носи панталони со една ногавица, да јаде гомна по три пати на ден или да ги принесува своите внуци како жртви за спасот на Македонија!

Да, да, не претерувам, луѓето не почнале да ги колат своите деца само затоа што уште не се појавила Ачковска или оној Жежов или некој од таканаречените политичари вмротичари, да раскаже колку многу саможртвата, посебно на најмладите и на најмилите, била клучен дел од македонската борба за слобода и дека денешните генерации имаат обврска кон своите предци и кон својата традиција, па ќе видите што ќе се случи!

Нема битна разлика меѓу психолошките механизми кои го тераат човекот да сади палми и да лепи стиропори врз врвни архитектонски дела и оние кои ќе му сугерираат дека сега му е мајката да си го убие детето или да изеде порција гомна!

Слики: Александар Јосифовски - Night of the Living Dead
Извор: Фејсбук профилот на авторот, 02-05.08.15.