Видете си го градот премиере! Гнев се вика.

01.09.2015 12:28
Видете си го градот премиере! Гнев се вика.

Видете си го градот премиере! Гнев се вика. За некое време, мртов или жив, во овој град, ќе биде исто.

Албер Ками во „Странецот“ најубаво ја опиша онаа оморина и пеколното сонце што човек може да го натера на сешто. Му удира во главата и му ја поматува свеста. Заслепувачкото белило на штотуку ситно поплочениот плоштад приврши отприлика на денот кога премиерот го слави својот 45-ти роденден. Ова пекол(но) лето 2015. Немало полошо. Гледајќи го Скопје, може да се препознае себеси. Гневен град полн со фалични градби, разни доградби, фалшиви поплочувања, имитации, криво-леви зданија. Кога ќе чукне во нив одзивот е празен. Како да доаѓа од празна глава. Град кој по секоја цена се труди лажно да се претстави, токму како и неговиот нарачател. Одземен му е здивот, бојата, исцеден е од него секој атом сила, земен му е полетот, сив човек на кого смртта добро би му дошла да го спаси од маките.

Тој наполни 45 години. Девица во хороскоп. Кога седум слугинки со седум метли би го чистеле половина година, мислите ли дека ќе го исчистат? Вака би прашал моржот од Алиса, а дрвосечачот ќе му одговори дека се сомнева, и ќе пушти горка солза. За Девицата ќе речат дека прифаќа повеќе работа отколку што може да заврши и се напрега над своите можности, сонува невозможни соништа и има практична природа. Но, кога се работи за премиерот, одамна е помината потребата од анализа на неговиот хороскоп.

За човек на 45 години, тој изгледа незрело. Таков му е чекорот, насмевката му е несигурна и неискрена, гега кога се движи, обидувајќи се тоа да го претстави како фраерско одење. Но, ниту е фраер, ниту фајтер. Обична кукавица. Кога еднаш ќе се разобличи, ќе сфатиме дека „диктатор“ секако не е. Дека Стар Рим би се засрамил од ваков диктатор, со оглед дека нему му припаѓа Нерон.

Колку и да се неговите постапки погубни и убиствени, за многумина на кои влијае посредно или непосредно, тој има една раздраганост на бахат тинејџер кој имал лошо детство. Во едно минато време, за ваквите луѓе се велеше дека се неизживени и дека девојките во средно не ги сакале. Акумулирале комплекси со текот на годините, главни незнајковци и лоши ученици од последна клупа, на кои лошо им оди математика и никој не ги дружи. Затоа тие го бираат подмолниот пат за да дојдат до ридот по кој копнееле отсекогаш. И од него да му викнат на светот под нивни нозе: е сега мамата…Опкружен со „извршители“ на неговите наредби, зашто самиот нема храброст да ги спроведе „идеите“ во дело, се плаши дека ќе биде навреден, повреден, дека ќе покаже слабост, незнаење. Никогаш не се меша во народот, кој не му е однапред договорен. Кому сè му се свети, не знаеме, но листата е сигурно подолга. Сега сака да ги донесе сите одлуки кои си мисли дека му биле ускратени, да ги потроши сите пари кои ги немал, да се накити со сите облеки по кои копнеел, да го има сето она што не го заслужил со својот минат труд и го добива така што им го ускратува на други. Себичен, мрачен, злобен, тој сета своја личност му ја става на чинија на сопствениот народ смеејќи му се како самиот Луцифер. Од него наваму, луѓето ништо не сакаат, како омамени одат наваму натаму, потполно олеснети од вера, надеж, љубов. Непознато е каков е неговиот среќен роденден, но со сигурност знаеме дека ниту една Мерлинка нема да му ја испее „Хепи брдеј“. Човекот кој ја влече сопствената жена под рака и за рака како да ја спроведува, секогаш ваквиот потег би го прогласил како несолена шега.

Немојте да се грижите, премиере. Нема да ви ја пеат песната во проѕирен фустан, зашто не будите такви фантазии кај жените. Вие не сте добар човек и опкружен сте со опасни луѓе како вашите братучеди и луѓе кои живеат со шарпланинци, со насилници и ласкавци. Сепак, не ви се плашиме. Колку сме? Вие чукате на сто начини на нашите порти, но помножете нè нас и ќе ја добиете бројката на оние што ќе чукнат на вашата порта. Ние не сме насилници, за разлика од вас. Нам не ни требате вие, туку некој кој ќе го почитува нашиот живот колку својот. Ние немаме веќе што да изгубиме. Впрочем, смртта не сме ја искусиле, но животот со вас секако. Еден ден ѓаволот бил добро расположен и направил огледало кое може да голта сè што е добро и убаво, а сè што е лошо и грдо, го истакнувало уште појасно. Прекрасни пејзажи да личат на варен спанаќ, а добрите луѓе да бидат грди. Ако низ главата на човек помине добра мисла, од огледалото одекнува силен кикот. Му се лизнало огледалото од рацете на ѓаволот и се скршило на милијарда парчиња, некои не поголеми од зрнца песок, кои се разлетале по светот. Ако му влезело во окото на некој човек, гледал сè наопаку. Ако му влезело во срцето, му се претворало во грутка мраз. Некои парчиња се прозорци, но не е добро да се гледа светот низ нив.

Тоа е вашиот свет, премиере, кој не сакаме да биде наш. Растроениот дух се навредува и од безначајни нешта. Боговите него со духот го нагрдиле полошо отколку робот со положбата.

Видете си го градот, премиере. Гнев се вика вашиот град. За некое време, мртов или жив, во овој град ќе биде исто. Гнев е вашето второ име. Погубен е тој за оние кои му слугуваат.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња