Горан Поповски: Сите добри работи лежат во темнината

01.09.2015 14:36
Горан Поповски: Сите добри работи лежат во темнината

Горан Поповски е роден 1994 година во Суботица, Србија, а живее и работи во Скопје. Во моментов е студент на Академијата на уметностите во Нови Сад, каде што студира на отсекот фотографија. Окно претставува еден портрет на моден фотограф во младоста, и на неговото творештво кое претставува фузија на технологија, емоции, социјални мрежи, борба со стереотипи и константна репетиција на појавите во околината во која живее. Поповски во ерата на сексот и материјализмот, преку својата модна фотографија, инспириран од емоциите, успева да му се спротивстави на пазарот на модната индустрија. Во продолжение, разговараме за неговите афинитети, влијанија во работата, погледите на уметничкиот ангажман...

Многумина ја следат вашата моментална работа, но малкумина знаат за почетоците. Можете ли да ми кажете како се случи HLVK?

Сликарство. Сега знам дека звучам многу просечно (јас отсекогаш сум сакал да бидам уметник), ама што е најтрагично, јас отсекогаш сум го велел тоа. Првобитно, јас сакав да бидам моден дизајнер во градинка, па после тоа се разви во сликар, сè до 2007. 2007 е битна година за мене, Бритни воскресна, исто и јас. Тогаш фотографирав другарка во полјана со жолти цвеќиња со плочка/идиотски апарат и фотошопот го познавав малку, зашто сакав да бидам и графички дизајнер. На другарката многу ѝ се допадна и ми рече „Горане, ова кине, остави тоа четките, само се валкаш“. Почетоците на HLVK беа многу спонтани и тоа беше многу јако, само многу ми е жал што пола фотки од тогаш ги нема, дигиталната фотографија уништува сè, и жал ми е што не сум почнал со аналогна фотографија, бидејќи тогаш би ги имал негативите. Инаку името Hellvection го сонував, вака не постои. Ако сега некој ме праша што значи, би му рекол „направи нешто од ништо“.

Можете ли да ми кажете кои уметници најмногу влијаеле за да дојдете до оваа естетика која ја гледаме денес од вас?

Па, не знам, ако сега гледам баш кои уметници имале некој импакт врз мене, кога зборуваме за естетика, најмногу ми се допаѓа Густав Климт. Бидејќи Климт го има тоа, жените се во некоја екстаза. Самата негова изработка на делата со многу детали, шеми, е извонредна и од историја на уметноста него многу го сакам. Шиле исто така го сакам, поради неговата морбидност, искршеноста на телата и линиите кои се препознатливи и неповторливи. Сега кога почнав подлабоко да навлегувам во историјата на уметноста, сфатив дека го сакам импресионизмот, дека мојата работа има импресионистички пристап поради едноставноста, недовршеноста. Импресионистите всушност сакале воздухот да го претстават на платното. Јас мислам дека од тоа имам влијание, бидејќи некои мои фотки доста се развлечени или екстремно матни во делот на лицето или телото. Исто така, мислам дека и кубизмот доста ми има влијаено. Пикасо. Фан сум на Маљевич поради минимализмот, иако на моите фотки изгледа како којзнае што да се случува, I am minimal gal down to earth, чистата композиција е секогаш океј. Сега, фасциниран сум многу од бес, anger, тоа е темата со која што се занимавам.

Многу филмски режисери сакаат кадрите да им бидат изработени до фотографско совршенство, а на Вас како фотограф чии кадри Ви оставаат најголем впечаток?

Секогаш е супер да се земе инспирација од филм. Кога станува збор за филм, филмовите на Дарио Аргенто ми се ремек-дела. Ларс фон Триер ми е океј, го има кадарот, меѓутоа одвивањето на приказната за мене е премногу бавно, јас преферирам поголема динамичност. Всушност, сметам дека и мојата фотографија е динамична, ништо не е мирно и стерилно, најверојатно треба да сум во некој „бед“ за да биде стерилно. Од музика, мене најдобро ми влијае електроника, дарк музика слушам дури и кога сум среќен. Дарк, зашто секогаш ќе има нешто добро на темната страна, сите добри работи лежат во темнината.

Кои нишки од вашето творештво сметате дека се најпровокативни за нашето поднебје и истовремено влијаат за негова постепена трансформација?

Сите мислат дека фотографијата, особено модната фотографија, треба да биде убава, на сите да им се допаѓа... Не. Јас тука се поистоветувам со Теодор Жерико, бидејќи тој смета дека уметноста не служи за да му се смири некому душата и да му биде убаво, туку дека уметноста треба да го шокира гледачот, да направи да се почувствува малку мрачно, неугодно. Тоа и јас се обидувам да го направам. Преку мојата фотографија јас сакам да претставам некоја сензуалност, но со твист. Дали тоа ќе биде ропство, некој Магрит/Марџела момент со покривање на лицето или ќе фотографирам девојки без веѓи, едноставно сакам кога луѓето ќе видат моја фотографија првото нешто што ќе им падне на памет да биде this shit is so wicked, so queer, така мрднато да им изгледа, бидејќи јас сум таков и сметам дека моите фотографии најдобро ме претставуваат мене, тоа што се има насобрано во мене. Им се претставувам на луѓето преку мојата работа. Ако некој сака да ме запознае, нека ги види моите фотографии. Тука има уште еден момент: кога се бавиш со уметност, твојот идентитет не си ти, бидејќи денес има големо его кај уметниците, зашто луѓето не ги гледаат само нивните дела, туку и нив како личности. Сакам многу мал број луѓе да знаат како изгледам и мојата работа да биде мојот идентитет.

Која е вашата лична дефиниција за тоа што е модна фотографија?

Инспирацијата за моите фотографии ја влечам од две работи. Првата е музиката, а втората е личното расположение, како се чувствувам. Еве, најчесто е од болка, ако сум чувствувал болка, иако работам модна фотографија, јас знам што точно се случува во неа. Меѓутоа, тука во Македонија има еден проблем: не секој модел може да долови чувство кога станува збор за модната фотографија. Затоа јас претпочитам да работам со актери кои можат да ја доловат емоцијата која јас ја барам. А јас сакам во моите фотографии да постојат емоции, зашто како што кажал ЛаШапел: „Тоа е портрет од мене, ако ви е потребна реалност возете се во автобус“. Зошто да бараме реалност во уметноста? Јас живеам во свет на технологија, микс на дигитална уметност и дигитална камера кој се смета за висока уметност, зошто да се враќаме назад кога можеме да одиме напред? Модната фотографија и емоцијата совршено одат заедно, зашто модата е чиста емоција. Дизајнерот кога почува со креирање, тргнува од некаде, јас мислам дека тргнува од некоја емоција. Гарет Пју е емоција во движење. Зависи од концептот, но модната фотографија е цела една приказна, кога сликаш кампања тоа е една приказна, кога сликаш едиторијал тоа е друга приказна. За да има приказна, треба да има емоција. Понекогаш се сретнувам со луѓе кои модната фотографија ја гледаат со потценување, како таа да не заслужува да се најде во уметничка галерија и тоа ме нервира, само не знам дали бидејќи јас се занимавам со модна фотографија или пак бидејќи тие не се доволно информирани. Постојат многу модни фотографи кои заслужуваат да се најдат во галерија, како Пјер ДеБушер, тој сега режира опери, а исто така ми е еден од омилените. Потоа Ник Најт, за кого технологијата е многу битен момент кога станува збор за фотографија. Нему социјалните мрежи му служат како галерија.

Гледајќи ги вашите фотографии имам впечаток дека имате различен пристап кон сексуалноста, можете ли да ми кажете нешто повеќе на таа тема?

Да, јас многу фотографирам жени, ме фасцинираат. Можам да ги ставам во секаква улога. Кога фотографирам жени или ги претставувам во сиот нивен гламур, или пак правам од моделот alien, суштество надвор од секој род. Сакам да си поигрувам со андрогиноста. Сакам модели со нестандардна убавина, модели за повеќето претставуваат чудни и freakish. Сакам чудни девојки кои не можат на сите да им бидат визуелно привлечни, меѓутоа кога ќе застанат пред мојот објектив нивната „чудност“ да стане нивен адут и фотографијата како целина да биде визуелно привлечна за сите. Еве, како пример ќе ја наведам Мариакарла Босконо, потоа многу ја сакам Саша Луз која има стандардна убавина, Моли Баир која е врв, онака boyish до коска. Сиера Ские ја открив деновиве, моментално ми е најомилена, изгледа ко да е излезена од некаква анимација. Исто така Тилда Свинтон би ја фотографирал, таа е чиста емоција, divine, не се опишува колку е перфектна, убава, грдаубава. Сметам дека сега ќе има сè почудни и почудни манекенки, бидејќи најважно кај еден модел е да биде blank. Моделот треба да биде празно платно за цртање, да се трансформираш, се бара моќта за трансформација, потребно е моделот да не биде ист на секоја фотографија.

Оваа година учествувавте во групната изложба “Tеlo kao dokaz“, меѓутоа овој пат како акт-модел пред објективот на Срѓан Ѓуриќ. Како се решивте за овој потег и дали истиот имаше влијание врз вас како фотограф?

Да учествувам како акт модел на оваа групна изложба беше сосема спонтано. Еден коментар ме погоди, кога ми кажаа: „Ако не прифатиш и Скопје е за тебе метропола“. И тоа беше круцијалниот коментар кој ме соблече. Тоа беше едно искуство кое мене многу ми помогна да се прифатам себеси каков што сум. Самиот концепт на Срѓан беше дека и ние не поминуваме доволно време голи. Ептен беше добро, станав свесен за голотијата, сите имаме тела, сите сме различни, тоа не е ништо страшно. Срѓан сам по себе е една многу инспиративна личност, млада личност што знае каде тера. Мене ми годи кога сум опкружен со амбициозност и Срѓан остави голем печат и влијание кај мене, меѓутоа тоа е нешто поголемо од нас и не можам да го објаснам со зборови.

Срѓан Ѓуриќ

Срѓан Ѓуриќ

Какви искуства имате од соработките со македонските модели? Дали во Македонија сè уште постојат стеги кои ги спречуваат манекенките од безусловна посветеност кон професијата, или пак сè е индивидуално?

Тука моделите не се спремни на сè. На пример, „Не можам да се соблечам, моите ќе ги гледаат сликите“, ова-она... Чекај, девојко, ако велиш дека си модел, тогаш тоа не треба да ти биде проблем, ако ти е проблем, тогаш не се бави со тоа. Или, на пример „Ќе бидам во политика, што ќе се случи ако се фотографирам гола.“ Па тогаш биди политичарка, не биди манекенка, избери си ја професијата. Ги разбирам кога не сакаат да се фотографираат за кампања каде голотијата е вишок и е само присутна за некој застарен шок момент, ама сепак, повеќе мислам дека се несигурни. Немаат причина да бидат несигурни, модели се, јас се фотографирав гол, иако сум голем и сè, ама гајле ми е. Мислам дека и манекенството и модната фотографија тука не се сфаќаат многу сериозно. Секој може да биде модел, секој може да биде фотограф, како што вели еден мој пријател: „Купи професионален апарат и добиј твоја страница на Facebook гратис.“ Има квантитет, но квалитетот е реткост. Мислам дека и стегите и индивидуалната непрофесионалност влечат. Знаеш, има модели со завршени факултети кои јас сум ги фотографирал голи и за нив голотијата не претставува никаков проблем. Еве, баш пред некое време фотографирав една девојка гола и таа немаше никаков проблем, ми вика дури, тагни ме ваму, тагни ме таму. Во Србија, на пример, има еден успешен модел кој има и маж и дете и таа нема проблем со голотија. Можеби тоа е тука проблемот, што манекенките не се доволно платени. Меѓутоа, јас соработував со неа на база на компензација и таа ми рече: „Горане, стварно ли мислиш дека тука фотосесиите се наплаќаат?“ Сето ова ме натера на размислување, сè додека не се појави, ново, свежо, edgy лице во Македонија, тука не би фотографирал никого. Тука упорно не прифаќаме ништо ново и се држиме за старото. Старото е проверено и здосадува.

На кое ликовно дело би му направиле репродукција?

Би ти дал пример: моменталната ситуација во Македонија би ја репродуцирал со сликата „Кучиња играат покер“ од Кулиџ, би ја репродуцирал „Венера“ од Ботичели за да ја искритикувам таа некоја скопска „елита“ и андерграунд сцената со лабав критички ум, а исто така би ја репродуцирал „Љубовници“ од Магрит бидејќи тоа дело лично ме фасцинира. Не знам, моментално многу ме импресионира сликарството на неокласицизмот, бидејќи неокласичарите имаат тенденција сè да биде убаво, средено, сè боговски покажано и прикажано. Не, ова што го имаме на плоштад не е неокласицизам, тоа е фуј. Спомениците изгледаат ко да ги цртало петгодишно дете, меѓутоа не на добриот начин. Извадете ги спомениците и обојте го Скопје црно.

Во ерата на постмодернизмот, што има најголемо влијание врз естетиката на филмот, фотографијата, па и музиката, бидејќи сме свесни за сè поголемата интермедијалност? Дали социјалните мрежи се „виновни“ за создавањето на нови уметнички култури и супкултури, т.е. дали на пример Tumblr ги кажува насоките по кои се движат трендовите, или пак социјалните мрежи немаат директно влијание и супкултурните уметнички правци настануваат самостојно?

Ништо ново не се случува. Интермедијалноста е предност, работите повторно се враќаат, мислам дека ова што моментално се случува кај нас и во уметничкиот круг и општо е една голема репетиција, сè се повторува, сè се враќа, сè е исто но со интервенции. Модерно, постмодернизам и останати бакрачи... сè е измислено во уметноста, во филмот, во музиката, новите продукти се стари продукти со интервенција. Секој со некаков свој печат сака да направи нешто, а кога се прави нешто поголемо најчесто не се знае позадината на делото. Сите мислат дека се Никола Тесл,а а всушност не се, дури ни јас. Јас секогаш тргнувам од себе. Денеска на социјални мрежи луѓе заработуваат милиони. Интернетот ни е развиен, не е ко пред пет-шест години кога пола домаќинства дремевме по интернет-кафиња. Сега интернетот е многу лесно достапен, секој може да направи Tumblr, да гледа слики, да објавува слики, да прави што сака. Јас гледам Tumblr за инспирација бидејќи при правењето на moodboard, ти гледаш одредени фотографии, одреден стил на фотографии, мене moodboard-oт ми се сочинува од две страни концепт и 30 страни музика.

Што е со vaporwave-oт како еден нов интермедијален, а истовремено и нов уметнички супкултурен правец кој настана благодарение на интернетот?

Па кај vaporwave-oт постои стилска шема, меѓутоа не постои една конотација, секој си го практикува како што највеќе му прилега. Тоа е истото што претходно го зборувавме, за навраќање кон минатото, репетиција. Всушност vaporwave-от практикува дигиталност, гличови, неонски бои, палми, ренесансни скулптури, изгледа евтино и е сет на фотографии, како на пример, Лепа Брена на плажа со розова неонска позадина додека лежи на лежалка во портокалова боја, ко оние старине од Југославија, и на сликата има текст за барање на смислата на животот. На нашиве простори, фотографот Василије Вујовиќ (VASSO )мислам дека е најдобар пример за фотограф со vaporwave естетика. VASSO од мало место, од Суботица го запознав пред пет години и уште тогаш пукаше од идеи, си ја знаеше насоката. VASSO ја разбира таа естетика. Сепак, мислам дека vaporwave како естетика на фотографите сè уште не се практикува многу на глобално ниво, и бидејќи спаѓа во супкултурата, ја практикуваат само млади фотографи, оние кои се веќе афирмирани ќе ја искористат само доколку стане дел од некој моден бренд. А инаку vaporwave-от полека и преминува во движење, има музичари и облека за приврзаниците на тој стил.

VASSO

Како што кажавте, vaporwave-oт има trash естетика, па оттука се наметнува наредното прашање. Уметниците сè повеќе решаваат да користат trash естетика, но дали тоа е на некој начин одбранбен механизам против сево ова што ни се случува (уметноста дава ново гледиште на trash-oт со малку фанки твист) или пак тоа е начин да се најде убавина и во грдото?

Мислам дека е фузија и од двете. Мене лично vaporwave-oт ми е многу фанки, како што викаш. Како што реков погоре, сметам дека е стил надвор од секоја конотација. Модерен е, да, меѓутоа кога станува збор за vaporwave, сè зависи од креаторот на уметничкото дело и восприемачот. За секого не е, дефинитивно. Субјективното мислење што е тоа кич многу ќе влијае на тоа дали vaporwave-oт ќе ни се допаѓа или не. Меѓутоа, многу нови работи од векот па сè до денес не биле прифатени веднаш. На пример, witch house, сега зборувам за музика, не доживеа ни две години. Сепак, vaporwave-oт е доста поразвиен од witch house, pastel goth, health goth движењата. Сè уште не е станат мејнстрим, што беше случај со Sea punk-oт и soft grunge-от, кои беа инкорпорирани во имиџот на Азелиа Бенкс и некои модни куќи, или пак soft grunge-от кој стана препознатлив преку Лана Дел Реј и Урбан Аутфитерс. Исто така, за разлика од претходните, не е сведен на мода туку на естетика. Не може да утврдиме за што станува збор, може да се состои од сè, но не знаеме што се подразбира под тоа сè. Сепак, јас немам некое омилено движење на Tumblr, најчесто следам блогови за фотографија кои се многу сирови: на пример, слика од кауч, растение сликано со некој стар апарат.

VASSO

VASSO

Фотографии: Горан Поповски (освен неколкуте од Срѓан Ѓуриќ и VASSO кои имаат посебна ознака)

ОкоБоли главаВицФото