Пред фотографските ноктурна на Иван Блажев

11.01.2017 03:48
Пред фотографските ноктурна на Иван Блажев

 

Македонскиот фотограф Иван Блажев неодамна ја објави книгата „Во три наутро“, која содржи фотографии од истоимената изложба, снимени во периодот 2013-2016. Книгата може да се набави во скопската книжарница Или-Или, или да се купи директно од авторот.

Во продолжение, го пренесуваме текстот на Владимир Мартиновски посветен на изложбата и книгата на Иван Блажев.

 

Пред фотографските ноктурна на Иван Блажев 

 

Кога ќе се каже „ниедно време“, неретко се мисли баш на три часот наутро. Oсвен патниците, кои итаат да ги фатат „пекарските летови“, освен таксистите што ги возат до аеродромот и ранобудните пекари или освен ретките што „заглавиле в град“, речиси сите се потонати во своите перници, препуштени на сонот.

Но, токму во таа „глувa доба“, еден уметник-бдејач направил серија моќни ноќни портрети на заспаната македонска престолнина. Неговиот нов уметнички проект е именуван елиптично и ефектно: „Во три часот наутро“. Овој наслов не е (само) индикатор за времето кога можеби се настанати дел од фотографиите на Скопје. Таа временска секвенца е параметар за духовната состојба и за времето во кое живееме, кое авторот во овој проект го одбрал (или тоа него) за свој уметнички хронотоп.

Најновата црно-бела светлописна авантура на Иван Блажев е бдејачка, обеспокојувачка, обессонувачка. Таа ја документира траумата од вртоглавите промени на лицето на градот. Напати ни фрла пипер во очите со ракурсите од кои го набљудува градот. Во своите сугестивни и суптилни фотографски ноктурна, Блажев го покажува своето интимно гледање на денешно Скопје. Дури и во „денските“ фотографии Блажев успеал да долови нешто ноќно, фантазмагорично, полукошмарно. Ноќниот амбиент неретко е доловен преку благата замагленост на фотографираните објекти, а понекогаш ониричноста на амбиентот сугерира дека ноќта може да се долови дури кога е сонцето во зенитот.

Преку оптиката на Иван Блажев јавниот простор најчесто се прикажува како место за средба со другите, но и со себеси. И покрај неколкуте впечатливи фотографии со „масовни сцени“ (карневал, протест, прослава, уличен метеж), во доминантниот дел од неговите визии гледаме невообичаени „парови“: куче и сенка, светилка и месечина, коњ и пешаци, велосипедист и човек што си го шета песот, урнисан сообраќаен знак и човек што брза зборувајќи на мобилен... Протагонистите на тие улични фотографии често се „уловени“ како секој си ја брка својата работа, заитани во спротивни насоки.

Со една беспрекорна ликовност и истенчен сенс за контраст, Иван Блажев успеал да ја „кадроса“ осаменоста (своја и наша) во урбаниот простор, користејќи ги сликите од градот, кои можеби ни се пред носот, ама не сме ги забележале: пес што срамежливо ѕирка од тераса на солитер, одамна исушена облека што виси како бајрак, скулптури што личат на несреќни призраци, пешаци сардисани од паметници, пресечени стебла кои пешаците ги прескокнуваат, луѓе со чадори околу бадникови огнови, рибари в магла, скулптури на музи на градилиште, вртелешки што вртат кругови без деца, улици со променети имиња во кои старите натписи се појавуваат како тетоважа што не може да се избрише, трошни куќарки со огромни сателитски антени, мал вир како огледало на градот...

Впрочем, фотографиите на Иван Блажев се како огледални одрази. Во овие визии, Градот е Големото огледало на Човекот. Во неговиот фотографски проект „Во три часот наутро“, урбаниот простор е архива под отворено небо, а авторот е грижлив „архивар“, кој успеал да создаде фотографски слики, кои би можеле да нѐ држат будни и во три часот наутро. Слики што и сред бел ден ги доживуваме како сон.

Слични содржини

Фотографија

ОкоБоли главаВицФото