Електрификација на транспортот

07.10.2015 10:10
Електрификација на транспортот

Во услови на прекумерна населеност и исцрпување на фосилните енергетски ресурси како и епохално најголемото загадување на воздухот, особено во урбаните средини, извесно е дека електричните возила се иднината. Трендовите застапени во голем дел од европските држави, Америка, Јапонија и Кина го потврдуваат тоа. Во овој миг во светот се возат над 2 милијарди автомобили или скоро една третина од вкупното светско население располага со автомобил. Во просек еден автомобил има животен циклус од 20 години, што значи дека за да се променат сите автомобили на планетата, потребно е секоја година да се менуваат по 100 милиони возила. Од друга страна, капацитетот за производство на електрични возила е доста мал на годишно ниво. Од возилата кои денес се продаваат помалку од 1 процент се електрични. Имајќи ги предвид најновите податоци, до 2025 се очекува бројот на електрични мотори за електрични возила да достигне 130 милиони во светски рамки, што се чини дека не е многу. Сепак, извесно и очекувано е дека електромобилната индустрија, вклучувајќи го скандалот со Фолксваген, ќе има експоненцијален раст кој дава реалистични очекувања до 2050 половина од бројката на возила на планетата да бидат електрични и водородни.

Електричните автомобили во Европа се дел од стратегиите за премин кон енергетски одржливи општества. Во Европа, француските производители на автомобили имаат најголем број електрични автомобили во сериско производство и долгорочни стратегии за електрификација на транспортот. Причината е домашна инфраструктура за производство на енергија сочинета од 58 нуклеарни реактори како декарбонизирано производство на електрична енергија. За разлика од Франција, во земјите како Полска каде електричната енергија се добива во најголем процент од термоелектрани, односот меѓу загадувањето и користењето на електрични возила се сведува на локализирање на загадувањето на местото каде се произведува електричната енергија. Така воздухот во урбаните средини станува помалку загаден за процент во кој се користи електричен транспорт кој го растоварува транспортното загадување, но има и решенија за затворање на циклусите на карбон. Данска е земја која до 2020 ќе префрли 50 проценти од целата енергетика на ветерници. Сепак, за сега во Данска во однос на електрични возила, се возат помалку од 1 процент од вкупниот број на возила. Истовремено, Шведска и Норвешка се земји кои исто така изобилуваат со природни предиспоизиции за обновливи извори на енергија.

Автомобилската индустрија во Европа апсорбира 12 милиони работници од вкупно 240 милиони вработени или 5 од 100 вработени. 23 отсто од вкупните фондови на годишно ниво на европските компании за развојни истражувања доаѓаат од автокомпаниите. Автомобилскиот секторот претставува 4,6 проценти од вкупниот БДП на Европските земји. Овој сектор остварува извоз со над 107 милијарди евра и приход од даноци во касите на европските земји од 308 милијарди евра.

Каде е македонската автоиндустрија и кои се перспективите за производство на електрични возила? Електромобилната индустрија која може да се формира во Македонија би можела да трансформира огромен број мали капацитети и индустриски гранки кои директно и индиректно би ја поддржувале индустријата за производство на апарати за електромобили. Македонските инженерски кадри се спремни за предизвикот. Во фабричките хали ќе мора да се отворат и истражувачки оддели кои заедно со институтите низ Македонија и регионот би работеле на иновации и развој кои во овој момент во фабриките низ Македонија не ги гледаме. Фондациите од приватните компании, фондовите од европските партнери и македонските министерства ќе треба да се насочат кон поддршка за истражување на можностите за градба на делови за електромобилната индустрија. Да не заборавиме дека одредени апликации од електрични апарати кои би се граделе во Македонија би имале примена и во други индустриски дисциплини, како роботиката, растечката индустрија за 3Д печатење и слични гранки. Ако Македонија сака да им избега на сите конкуренти во овие области, тогаш е време да ја прогласиме наредната насока за Македонската индустрија, преку комплетна електрификација на транспортот. Ако ја изградиме оваа приказна со значително неутрализирање на карбонскиот отисок во Македонија, тогаш не само што ќе си ја зачуваме околината и ќе дишеме почист воздух, туку ќе можеме и да се претставиме во добро светло пред европските партнери. Ова се важни причини заради кои е неизбежно да се размислува за комплетна електрификација на транспортот во Македонија како долгорочна стратегија која ќе биде директна поддршка за градба на апарати за електрични возила. Во однос на регионот би можеле да ги споиме научните институции со институти од Грција, Србија, Бугарија и Албанија и да се обидеме да градиме предност во индустриското производство од оваа гранка.

Македонски конзорциум за производство на делови за електромобилна индустрија

Во Македонија веќе постои одредено ткиво во приватниот сектор од кое може да се направи конзорциум според познати модели. Конзорциумот треба вклучи најмалку 10 компании кои поединечно ќе се обврзат да го поддржат процесот со знаење, проектирање, развој и градба на делови од електрични возила, понатаму би се вклучиле постоечки институти од македонските универзитети, како и невладини инженерски организации. Треба да имаме компании од електромашинство, развој на софтвер, дизајн и градба, серии на тестови итн., при што иновациите кои би се појавиле би ги користеле компаниите кои ќе бидат дел од конзорциумот и нема да имаат право да ги отуѓуваат, туку би ги користеле за свои потреби и за свој развој, но во прва линија тоа би бил придонес за малку поинаква заедничка соработка и градба на електрични возила во Македонија. Треба да се истражат сите можности за градба на сите компоненти од електровозилата, особено електроника, композити, мотори, софтвер, хемија, тестни оддели со електронски микроскопи со серија на нови згради на македонските природно-научни факултети опремени со софистицирани апарати. Да не заборавиме дека огромен број инженери одат во Америка да прават докторати не поради тоа што во Европа тоа не е можно, туку поради тоа што во Америка има апарати кои ги нема на друго место.

Неминовна е спојката на софтверџиите со хардверските компании и тука е дополнителната можност за нашите инженерски кадри. Неколку примери: Гугл купи над 20 компании чија примарна дејност се роботите. Зошто? Епл работи на електрично возило, а Мајкрософт има софтвери за автономно возење на возила и во таа приказна се и другите софтверски гиганти. како на пример одделот на Сименс за софтвер. Што значи тоа за Македонија? Ако кажеме дека за 15 години од денес возилата на патиштата ќе бидат автономни, тоа значи дека софтверите ќе го раководат управањето со возилата, тогаш таква приказна би била мошне симпатична како развоен проект да се склопи од македонските софтверски компании како дел од конзорциумот.

Ако немаме индустрија за електрични возила, нема логика да имаме и фабрика за батерии за електрични возила, но ако имаме, тогаш освен за електрични возила, фабриката би можела да произведува и батерии за соларни панели и ветрогенератори. Батериите до 2018 ќе се преполоват ценовно, на пример, ако до пред две години беа 750 долари за 1 киловатчас за тракциски батерии, денес се околу 550, тенденцијата е да ги имаме за 200 долари за 1 киловатчас до 2020, а има најави дека ќе паднат и под 100 долари. На тоа треба да се додаде дека со едно полнење ќе се оди и до 1000 километри според најавите на производителите на електрични возила. Најчест камен на сопнување за електромобилите е сепак загадувањето во случајот на производството на електрична енергија. Оттука, најчесто се прашуваме кој дел од производството ќе биде со карбонски отисок? Дали може да се затворат циклусите и да не се исфрла јаглерод, азот, сулфур во воздухот? За да се реши ова, најважно е дали електричната енергија ќе доаѓа од обновливи извори како во Данска и низа други европски земји. Но, има примери на термоелектрани низ Европа кои ги враќаат штетните материи назад во процес на производство и со тоа го затвораат циклусот за да нема загадување, при што со огромни притисоци, додавање на енергија и хидрокарбонати се добиваат корисни материјали. Прашањето за тој дел се сведува на тоа дали тој проблем сакаме да го решаваме или повторно ќе стоиме со бесмислените аргументи дека за здравјето ќе плаќаме со животот. На автоиндустријата не ѝ се исплаќа да ги собира гасовите и да ги рециклира, бидејќи возилата би поскапеле за најмалку 50 отсто, познатиот трошок кој не го плаќаат externality и тука се наметнува идејата за ЗЕЛЕНА ТАКСА.

Реелектрификација на Македонија и градба на инфраструктура и мрежи во мрежи

Европската комисија на почетокот од годинава предложи електрификацијата на транспортот да биде висок приоритет за сите земји од ЕУ, со комплетна интеграција на електричните возила во политиките на урбаните центри и широк пристап за сите возила до електричната мрежа. Во вкупната потрошувачка на енергенси транспорот влегува со една третина, што значи дека стратегијата треба да се насочи кон обновливите извори. Во моментов транспортот е целосно зависен од фосилни горива.

Не смееме да ги заборавиме шинските електрични возила. Како поддршка на коридорот исток-запад за Македонски железници потребни се најмалку 5 трафостаници на 110 киловолтно напонско ниво, кои ќе бидат градени на секои 50 километри од трасата. Во бившата држава, МЖ имаше искористеност на капацитетите на железницата до 50 проценти со тогашната индустрија, а денес искористеноста е околу 10 проценти. Зарем не е подобро една електролокомотива да влече 50 композиции со 1 возач, отколку да имаме 50 дизел камиони, секој со по 2 возачи? Има една важна работа околу градбата на железница, а тоа е дека железница се гради за масовен транспорт и поддршка на индустријата која Македонија споредбено со поранешните времиња ја нема. Градбата на железница исклучиво за цивилен транспорт не ги враќа вложените пари кои вообичаено се кредити. Но, кој би бил мотивот тоа да го направиме иако немаме индустрија која во таков случај би била поддржана? За овие прашања најважно е да се размислува за електрифицирање на јавниот транспорт низ цела Македонија, бидејќи тоа долгорочно ќе донесе благодати и мултиплицирачки корисен ефект за индустриските гранки во електромашинството. Во сегашниот момент особено е лошо решението на Владата да се купат повторно хибридни локомотиви. Попаметно е континуирано повеќедецениско вложување во електрификација на железницата, при што секоја година по 50 до 75 милиони евра ќе бидат вложени во инфраструктура, исклучиво за електрификација. Прашање за сите кои ќе раководат со град Скопје во иднина: Зар не е паметно од сите даблдекери за Скопје, барем половина да беа нископодни електрични автобуси? Принципиелно одговорот е да, но мора тоа и да се практикува при секоја идна набавка на градски возила од сите калибри.

Инцијативи од ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА

Бараме активирање на проектот 100.000 соларни панели во Македонија. Бараме награда за сите кои возат електрични возила и тоа за првите 5.000, како и субвенција за 5.000 полначи за приватни лица. Бараме бесплатни патарини, бесплатни паркизни, бесплатна регистрација на е-возила.

Според тоа и насловот на приказната, имено, насоката за Македонија. е електрификација на транспортот како поддршка за индустриското производство, како лице пред светот.

ОкоБоли главаВицФото