Бајката за „чисти“ електромобили

28.07.2017 10:54
Бајката за „чисти“ електромобили

Врз германската автоиндустрија, таканаречената примерна бранша, посебно откако на виделина излегоа сомневањата за картелско договарање, се истураат ведра со критики и злоба. Разбирливо, зашто имиџот и веродостојноста на автопроизводителите се нагризани уште со дизел-аферата.

Самите концерни ескивираат. И тоа е разбирливо, зашто, како прво, истрагата на Антимонополската управа е на самиот почеток, па важи презумпцијата на невиност. Второ, секој погрешен збор може да биде прескап, да чини милионски суми. Можно е наскоро во јавноста да зборуваат само правниците.

Сообраќајно преструктуирање vs. енергетска транзиција

За самонарачените противници на автомобилите во целина и за оние кои се посебно контра моторите на внатрешно согорување, ова е повод за славје. Тие гледаат брз крај на својот непријател, загадувачкиот автомобил на фосилен погон.

Но, ситуацијата и тука наликува на онаа со комплицираниот енергетски пресврт. Гробница за милијарди евра. Со државен налог и соодветно на тоа, државни субвенции. А сепак, токму во моментов сериски банкротираат германски производители на соларни панели. Исто така, никој не сака во градината да има ветерница за производство на електрична струја. И кај моторот на внатрешно согорување, на крајот се поставува истото прашање како и кај енергетската транзиција, каде главната забелешка гласеше: од каде ќе доаѓаат струјата и топлинската енергија ако некогаш во иднина бидат исклучени и затворени сите конвенционални електрани?

Елекромобил? И тој не е решение

И кај автомобилот загрижувачкото прашање гласи: со што ќе се возиме ако се забранат моторите со внатрешно согорување? Јасно е, со електромобили! Најчесто така гласи брзиот одговор. Но, тука се крие зајакот. Никој не знае дали тоа некогаш вистински ќе функционира. Еко-билансот на елекромобилите е мизерен. Човек треба осум години да вози автомобил Мерцедес од Е-класа од вообичаено производство за да достигне ист степен на загадување на околината колкаво што предизвикува еден автомобил Тесла.

Доколку моторот на внатрешно согорување троши помалку од шест литри бензин на сто километри, според сегашните прилики тој врши помало загадување на околината отколку еден елетромобил од производителот Тесла. Причината: стотици килограми тешката батерија.

Милиони електромобили значат и милиони батерии. Тоа значи дека ќе бидат потребни и суровини како литиум, но првенствено кобалт. А од каде се добива кобалт? Во најголем дел тој доаѓа од Конго, земја разнишана и разјадена од граѓанска војна и корупција. Рудата најчесто од земјата ја вадат деца, во услови недостојни за човек. Но, без кобалтот од Конго, нема ништо од прекрасните планови за електромобили.

При производството на батерии се ослободуваат гасови и ситна прашина, како и огромни количини јаглероден диоксид. А откако ќе им заврши работниот век, милиони батерии ќе треба да бидат отстранети или во најдобар случај - рециклирани. Во спротивно, тие претставуваат специјален отпад.

Електрификација на автопатиштата

Значи, можеби електромобилот е само една преодна технологија. Можеби сепак ќе биде пронајдена и развиена горивна ќелија како погон на иднината. Можеби, можеби. Никој не го знае тоа со сигурност, ниеден автомобилски папа, раководител на развојно одделение на некој автопроизводител. Никој нема да може искрено да одговори на ова прашање. А можеби со енергетскиот пресврт треба да се почне од сосем друг крај. Со повеќе трамваи и електрични автобуси во градските центри. Зошто да не се електрифицираат автопатиштата, а транспортерите или патничките автобуси со електромотори да не се закачат на електричен вод? Тоа не е нов пронајдок, сето тоа веќе постои.

Проблемот е следниот: кога ќе се види дилетантскиот начин на којшто Германија го врши својот енергетски пресврт, се губи надежта во успешен сообраќаен пресврт. Барем додека „лошите момци“ од автомафијата го имаат главниот збор.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото