Како поп музиката стана порно

29.03.2010 11:51
Шакира

Жената е гола. Или барем така изгледа. На себе има само хулахопки. Долгата руса коса и’ паѓа на грбот. Се наоѓа во кафез и провокативно со прстите поминува по усните. Мислите дека ова е сцена од некој порно филм? За жал, не е.

Главниот женски лик во приказната е Шакира, поп ѕвезда и четвртата најбогата пејачка во светот.

Овие сцени можат да се видат на нејзиниот музички спот за песната „She Wolf“ кој илјадници млади жени и мажи опсесивно ќе го гледаат повеќе пати во текот на денот, а многу од нив ќе се согласат дека токму ваквото играње е начинот на кој жената треба да се однесува.

Во спотот за песната „Rude Boy“, Ријана – американска поп ѕвезда, позната по тоа што беше претепана од своето момче – е облечена во тесен кожен комбинезон. Се витка на подот. И јава зебра и лав.

Дури и фината, во вистинскиот живот, пристојна и нежна Лиона Луис во своите музички спотови е претставена како пасивна жртва, најчесто прикажана како се превиткува по подот (зарем е можно режисерите на ваквите спотови, кои по правило се припадници на машкиот род, да не можат да смислат ништо поинакво и пооригинално?).

Која е заедничката карактеристика на овие кратки музички приказни? Девојки во кафези, девојки облечени во животински дезени, девојки кои меѓусебно се милуваат, симулираат сексуален однос, девојки кои се „превиткуваат“ на подот и изгледаат како да биле или допрва треба да бидат силувани. Жени снимени во мрачни и влажни улички, неизбежно облечени како проститутки – бројот на познатите пејачки кои снимила вакви сцени е преголем за да можеме да ги споменеме сите. Обидете се да поминете 24 часа гледајќи MTV. Ќе ве заболат очите, мозокот ќе ви падне во кома, ќе ви стане мачно, а најпосле и ќе ви здосади.

Британскиот психолог Линда Пападопулос напиша извештај од стотина страници за насилството над жените. Таа укажа на потребата да се забрани прикажувањето на музичките спотови со сцени на секс пред 9 часот навечер. „Децата и младите денес не само што се изложени на прекумерна количина сексуални содржини, туку често им се продава идејата дека треба да изгледаат ’секси’ и ’заводливо’“, наведува Пападопулос.

Нејзиниот извештај е реакција на неодамнешните ветувања на Лабуристичката и Конзервативната партија во Британија дека во иднина повеќе ќе се занимаваат со темата за (пре)раното влегување на младите девојки во сексуални односи. Тоа посебно се однесува на продажбата на „полнетите“ градници за малите девојчиња, розевите маици со натписи „Кога ќе пораснам ќе бидам жена на фудбалер“ и сл. Радио-водителот на Би Би Си, Дејвид Камерон, во својата емисија раскажа дека неговите напори да ја натера најмладата ќерка да престане да ја слуша музиката на Лили Ален поради нејзините провокативни текстови биле залудни.

Родителите, едноставно, не можат да надгледуваат и да контролираат сè што гледаат или слушаат децата, а кое може да содржи опасна порака во себе. MTV и Youtube – кои емитуваат вакви содржини по цел ден – се премногу моќни. Решението е да се воведе построга цензура на интернет содржините кои им се достапни на децата бидејќи досегашните заштитни мерки се смешни.

Од друга страна, самите поп ѕвезди никогаш нема самоволно да го променат својот имиџ поради стравот дека ќе исчезнат, ќе станат неинтересни или премногу „питоми“ за актуелната културна клима која музичките спотови ги спои со одредени елементи на порнографијата. Ако ја прашате која било пејачка зошто дозволува да биде прикажана во такво светло кога знае дека меѓу нејзините обожаватели има и деца, секогаш ќе го добиете истиот, бесмислен одговор.

Кога ја прашаа Шакира како може истовремено да изгледа секси, да носи оскудна облека и да се занимава со добротворна работа за помош на децата во земјите во развој, таа огорчено одговори: „Секако дека едното не го исклучува другото! Мислам дека мојот имиџ покажува дека сум моќна жена, дека имам контрола. Јас сум целосно на страната на жените. Знам дека од клучна важност е да се вложува во нивното образование!“ Па, зошто тогаш се појави на насловната страница на FHM списанието како евтина верзија на пин-ап девојка?

Кога една новинарка и’ рече на Кимберли Волш од бендот „Girls Aloud“ дека оскудно облечените и пренашминканите девојки од нејзината група изгледаат како немоќни, незрели девојки кои како да се создадени за изживување и злоставување, таа одмавна со главата: „За спотовите се облекуваме така бидејќи тоа е дел од нашиот перформанс да бидеме гламурозни. Но само поради тоа што изгледаме така не значи дека сме слаби. Знам дека девојките нè имитираат и не мислиме дека убавината е поважна од тоа да имаш своја личност. Впрочем, дома јас никогаш не изгледам така“. Дали и’ поверувавте? Дали навистина младите девојки знаат да направат разлика меѓу сценскиот настап и вистинскиот живот?

И дали момчињата ја знаат разликата меѓу девојките во поп групата и оние што ги гледаат во своето маало? Дали тие ќе израснат во мажи кои ќе имаат искривена слика за тоа како треба да изгледа и да се однесува жената? Доволно е само да се погледнат девојките кои излегуваат преку викенд – силната шминка и провокативната гардероба буквално се пресликани од ТВ екраните.

Некои можеби ќе кажат дека музичките спотови отсекогаш биле контроверзни, спакувани со секс и насилство. Музичкиот канал MTV, кој од август 1981 г. прикажува спотови, уште од самиот почеток се соочуваше со критики поради брзото менување на сликите и ограничувањето на распонот на вниманието на своите гледачи.

Кога беше прикажан спотот на групата Duran Duran „Girls On Film“, во кој се борат голи жени намачкани со масло, родителите ја бомбардираа ТВ станицата со своите обвиненија. Американското „Национално здружение против насилството на телевизија“ ја осуди MTV уште во 1985 г. Музичкиот канал прифати одредени критики, па така го намали бројот на прикажани спотови со елементи на насилство, па дури и го забрани спотот на Мадона „Justify My Love“ во 1990 г. поради експлицитните садо-мазохистички содржини.

Но политиката на овој канал да пропагира воздржаност изгледа се заборави во меѓувреме. Од денешна гледна точка раните спотови на Мадона изгледаат старомодно. Дури и Spice Girls предизвикуваат носталгија во нас кога ќе видиме што се нуди денес.

Едно истражување на содржините што се прикажуваат на MTV мрежата покажа дека во рок од 71 час се емитуваат 1548 провокативни содржини кои содржат најмалку 3056 прикази на секс или голотија, што значи дека на секои 6.6 минути „наидуваме“ на една секс сцена.

Еден очаен татко од Британија на својот блог напиша дека на MTV со своите деца гледал „натпреварување во јадење човечки куп“, каде некоја девојка лижела шлаг од градите на некое момче. „Таквата содржина ми е незамислива“, пишува тој. „Сексот како борба, препоните како фетиш. Глупав, банален, монотон сексизам. Крупен план на делови од телото. Не гледам никаква разлика меѓу MTV и порнографијата“.

Иако постојат неколку пејачки кои не ја прифатија оваа мода на самопонижувањето како неминовност, сè поголем е недостатокот на женски изведувачки кои имаат смислени текстови и успеваат да останат облечени. Каде исчезнаа Керол Кин, Трејси Чепмен или Бјорк на денешнината?

Вистина е дека е неопходна построга контрола на она што се прикажува на телевизија и на интернет – особено имајќи предвид дека многу деца имаат телевизори и компјутери во своите соби – но апсолутно ништо нема да се промени сè додека не се појави нов бран интелегентни пејачки кои самите ќе си ги пишуваат своите текстови, ќе ги контролираат своите кариери и – што е најбитно – нема да настапуваат речиси голи.

Денес сме сведоци на цела една подкултура на музичките спотови во кои сексот е единствената валута: девојките се „фрцкаат“ во бикини, а момчињата бираат. Тоа е депресивно. И понижувачки. Го расипува целото поколение без присутен морален авторитет кој ќе ги натера да го промена ТВ каналот. Или да го исклучат компјутерот.

Извор: B92

Хм, ако во ова е проблемот на

Хм, ако во ова е проблемот на општеството тогаш лесно ќе го средиме. И патем може и абортус да забраниме, улични протести (на некои не му се свиѓаат), и с`е друго што не е пуританско. Или да го стиснеме копчето на пилотот и да го исклучиме ТВ. И да ја откажеме кабелската.

 Добар текст, добри

 Добар текст, добри опсервации. Околу заклучоците, останува да се види. Само мене ова со порновизијата малце ме асоцира на книгите на Мишел Уелбек... што е чиста трагедија ако се оствари. :/

ovaa

„Каде исчезнаа Керол Кин, Трејси Чепмен или Бјорк на денешнината?“ А бе ајде, да имаше таа Бјорк боља цицка, мислиш дека немаше да ја покаже?

 Де бе Анонимен, мора сите

 Де бе Анонимен, мора сите жени ако имаат добри цицки да си ги покажуваат на ТВ? Или нужно да оглупавуваат ако имаат добри цицки?
 
Денес бар добри цицки може сегде да видиш. One click away.

Како поп-музиката стана порно

 „Обидете се да поминете 24 часа гледајќи MTV. Ќе ве заболат очите, мозокот ќе ви падне во кома, ќе ви стане мачно, а најпосле и ќе ви здосади.“
Јас имам (сега-засега) многу успешен метод за справување со демонизацијата во светот присутна преку голотијата на ТВ. Моите деца живеат со правила, орагничувања, црвена линија ако сакате. Да не бидам сфатена погрешно. Стаклено ѕвоно не постои. Но, ако можете мудро и реално на децата да им претставите како функционира човекот, како е создаден, што се случува со него во процесот на растење, ако имате смелост фактите да ги гледате како биологија, а истовремено да ги натерате да сфатат дека за се‘ има време и место (а, за некои работи никогаш не треба да  направат ни време ни место), нема да ве боли ни мозокот, ни очите, ни желудникот. Ние не гледаме MTV. Никогаш. Слушаме музика и на youtube и на ТВ. Слушаме и рок и поп, понекогаш и хеви-метал. Она што го слушаме ние возрасните, го формира вкусот на нашите деца. Затоа, пред да ги судиме тие што решиле со т.н. порно-презентација да ловат публика- да се преиспитаме сами. Оти крушата не паѓа подалеку од коренот!

Токму така - за с`е има време

Токму така - за с`е има време и место. Ако децата не смеат да гледаат, тоа не значи дека возрасните не смеат. Башка деца башка возрасни. Или сите да се направиме деца?
Без никакви ограничувања за возрасните т.е. сами да си одлучуваат што ќе гледаат, а соодветни забрани и означувања за децата. Генерално - нема што да се гледа на МТВ за деца, има заклучување на пилотот, и чаос...

ОкоБоли главаВицФото