Кон концертите на Морисеј и Ана Моура

11.11.2015 13:03
Кон концертите на Морисеј и Ана Моура

Концерт на Морисеј, Скопје 16.10.2015
Концерт на Ана Моура, Софија, 29.10.2015

 

Изминативе две-три недели посетив два концерти, оној на Морисеј одржан во Скопјe и на Ана Моура одржан во Софија. Што може да ги поврзе овие двајца пејачи кои потекнуваат од две различни музички култури, изведуваат различни музички жанрови-инди рок и фадо, пеат на различни јазици иако Ана Моура на последниот албум почна првпат да го користи и англискиот јазик. Еден елемент може да ги поврзе, а тоа е пораката на фадо музиката која се карактеризира со присуство на меланхолија, тага, резигнација и во делот на музиката, и во делот на текстовите. Овие теми се споени со нежни мелодиски линии, емотивното пеење и доживувањето на слушателите на самите концерти. Целиот процес делува музиката да биде третирана и на транскултурно ниво, каде што може на еден дијалогичен начин да се врши компарација на сличности и разлики од повеќе музички, културни или социјални апсекти. Прв пат ја слушнав Ана Моура ова лето пред излегување од замокот Сао Жорж во Лисабон. Тоа беше песната „A Casе of You“, која е обработка на оригиналната истоимена песна од Џони Мичел. Во еден текст во списанието Ролинг Стоун (1997), објавено е интервју кое го прави токму Морисеј со Џони Мичел, а во насловот на текстот меѓу другото пишува дека „меланхолијата ја сретна бесконечната тага“. Главните теми во интервјуто се за смислата и доброто во уметноста, за јадењето месо, политиката... Воедно, овие теми се дел и на денешните активности на Морисеј. Во интервјуто Морисеј ќе ѝ каже на Мичел дека нејзините текстови ги смета за едни од најдобрите. Талентот и влијанието на Мичел може да се толкува преку успешното спојување или креирањето на пар на личното доживување со генералните човечки интереси или грижи, преку бленд на музичката разиграност, нежни мелодии и интелектуалната промисленост. Моура има изјавено дека ако се преведе текстот на песната „A Case of You“ од англиски на португалски, текстот ќе биде одличен за фадо песна („ти си во мојата крв, ти си моето свето вино, ти си горчлив и сладок“). Од друга страна, „Every Day Is Like Sunday“ е една од најомилените песни на публиката, зашто Морисеј ретко кого го остава рамнодушен кога пее дека секој ден е како недела, секој ден е тивок и сив. 

На мапата на последната турнеја на Морисеј се најде и Скопје. Во првите триесетина минути пред почетокот на концертот во спортската сала Кале, како вовед беше пуштен документарец кој претставува еден вид на музички бриколаж на разните музички или уметнички влијанија, инспирации за Морисеј како: Рамонс, Њујорк Долс, Тина Тарнер, фламенко музиката и танцот, Гинзберг... Пред самиот почеток на концертот светлата се изгаснаа и се пушти аријата „Wayward Sisters“ во интерпретација на Клаус Номи, која придонесе да се создаде атмосфера на блага неизвесност. Морисеј ја започна приказната со еден од неговите најголеми хитови, „Suedehead“. Публиката повеќе реагираше на постарите песни на Морисеј од 80-тите и од периодот на Смитс. Очекувано, слушнавме најмногу песни од последниот албум на Морисеј „World Peace is None of Your Business“. Концептот беше одличен - имаше смена на посмирени со поживи или поенергични песни. Базичниот рок звук во овој период Морисеј го збогатува со користење на фламенко гитари и маријачи труби. Морисеј ги изведуваше своите сценски елементи: движење од една до друга страна на сцената, поздравување со првите редови од публиката, вртењето на жицата од микрофонот и на крај ритуалот со фрлање на кошулата кај публиката. Настапите на Морисеј се надополнети со неговиот активизам кој е неколку децении посветен на заштита на животните, вегетаријанството, против политичките системи на доминантните држави. Повпечатливи беа изведбите на песните кои имаа и видео проекции посветени на полициско насилство, убиство на животни, исмејување на британското кралското семејство: „Ganglord“, „Мeat is Мurder“, „The Bullfighter Dies“, „The World is Full of Crashing Bores“. Низ концертот, вокалот на Морисеј звучеше смирено, нежно, остро, иронично, во зависнот од содржината, односно пораките на неговите песни посветени на претходните спомнати теми, но и на љубовта, осаменоста, и теми посветени на одредени уметници како режисерот Пазолини.

Ана Моура пееше и изгледаше одлично на концертот во салата на НДК. Љубовта и страдањето се едни од клучните теми за кои Моура пее, нејзиниот алт-вокал е длабок, зарипнат, нежен, експресивен, посебно кога прави неочекувани крешенда. Концептот на концертот беше со изведба во најголем дел на песните од последниот албум „Desfado“, каде што Моура ги проширува границите на фадото преку спојот со поп и соул елементи. На сцената во НДК Моура настапи со пет музичари, а кога ги изведуваше песните од постарите албуми на сцена ја придружуваа тројца музичари со доминантниот звук на фадо гитарата.

И покрај тоа што сме запознаени со стилот и ставовите на пејачите, сепак начинот на пеењето или интензитетот на вокалната интерпретација, и кај Морисеј и кај Моура е почесто пред содржината или пораката на текстовите во песните. Првенствено реагираме или ја доживуваме нивната вокална интерпретација која пренесува широк, исполнет спектар на емоции.