Кратка историја на бодликавата жица

12.11.2015 18:29
Кратка историја на бодликавата жица

Првите концентрациони логори ги направиле Британците во Јужна Африка за време на Бурските војни.

 

Од каубојска досетка за чување крави до холокауст и поделба на Исток и Запад


Следната година ќе се навршат 75 години од премиерата на германскиот филм „Ohm Krüger“ (1941, во превод „Чичко Кригер“). Светот нема да ја одбележи 75-годишнината од премиерата на овој грандиозен филмски спектакл или барем нема да ја прославува, затоа што станува збор за дело кое застанува на самиот врв на германската нацистичка пропаганда. Станува збор за биографски филм за бурскиот водач Паул Кригер (подоцна првиот претседател на Јужноафриканската република), маестрално одигран од филмската ѕвезда на тоа време, Емил Јанингс, кој за овој филм го доби Почесниот прстен на германскиот филм, што му беше врачен лично од нацистичкиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс, додека самиот филм е прв добитник на наградата „Филм на нацијата“. Главната тема на филмот се Бурските војни (поточно втората Бурска војна, 1899-1902), а пораката е, јасно, изразито анти-британска.

Веројатно ниту ние тука не би го спомнувале овој исклучително скап пропаганден филмски памфлет, ако во него не беше за првпат во историјата на уметничкиот филм претставен – концентрационен логор. Како што пишуваат тогашните германски весници, филмот чинел фантастични 5,5 милиони рајхсмарки, а најголем дел од буџетот бил потрошен за гигантската сценографија. Емотивниот врв на филмот е сцената во која Британците го бесат синот на Кригер во еден женски концентрационен логор. За оваа прилика ќе биде направен концентрационен логор со 2.000 шатори, крај него ќе биде изградено брдо со височина од 26 метри, ангажирани се 15.000 статистки, а логорот е заграден со 15.000 метри – бодликава жица.

Бодликавата жица наоѓа своја масовна примена во Првата светска војна.

Извештаите од тоа време велат дека публиката била воодушевена од сценографската способност на нацистичката кинематографија, но истовремено и шокирана од филмските глетки на филмскиот концентрационен логор, истовремено заборавајќи дека нацистичка Германија и нејзините сателити веќе имаат изградено не филмски, туку вистински конц-логори, каде што на големо, токму како заштитна ограда, се употребува бодликавата жица.

Кога сме веќе кај филмот, тогаш веројатно најголемата симболика на бодликавата жица најдобро ја симболизира југословенскиот филм „Деветтиот круг“ (1960, режија Франце Штиглиц). Неговата искрена поетичност и непатетичната симболика на филмот му осигураа и оскаровска номинација. Во филмот, војната го раздвојува брачниот пар Иво (Борис Дворник) и Рут (Душица Жегарац), токму во годината кога премиерно се прикажува „Ohm Krüger“. Иво се спушта во деветтиот круг на пеколот, логор ограден со бодликава жица, за да ја пронајде својата љубов. Завршната сцена на овој филм е една од најпотресните сцени во историјата на светската кинематографија и можеби најдобро сведочи како изгледа оградувањето на луѓето. Во завршната сцена Иво и Рут бегаат преку оградата од бодликава жица, низ која за момент нема пуштено струја. Тој некако се префрла на другата страна, но таа малаксува не можејќи да ја искачи жицата. Тој се враќа, останува со неа на жицата, ја прегрнува, се бакнувааат, а стражарите ја пуштаат струјата низ жицата.

Душица Жегарац во завршната сцена на филмот што најдобро ја покажува симболиката на бодликавата жица.

Историјатот на бодликавата жица не е најјасен. Според некои извори, нешто слично на денешната бодликава жица првпат е употребено во Франција во 1860 година. Во 1865 Французот Луј Франсоа Жанин пријавува патент на двојна жица со дијамантски острени метални боцки. Слични обиди има и во САД. Дури постојат и легални битки околу тоа чиј патент на бодликавата жица е оригинален. Според одлуката на Врховниот суд на САД од 1893 година, за пронаоѓач на бодликавата жица се прогласува Џозеф Глиден, фармер од Илиноис. Иако и тој не крие дека идејата ја добил од претходните слични пронајдоци, сепак неговата верзија на бодликавата жица, инаку регистрирана во Американскиот завод за патенти во 1874 година (што се смета за роденден на бодликавата жица) е најблиску до онаа каква што ја познаваме денес. Идејата на фармерот била пред сѐ да ги огради и сочува своите говеда. Бодликавата жица била фиксирана за обична ограда од штици, а боцките биле свртени навнатре за да ги спречат првенствено кравите да ја пробијат оградата. Станува збор за периодот на „освојување на Западот“, но и за време на голема несигурност, па бодликавата жица служи и како заштита од дивите животни и ѕверовите, но и од – дивите луѓе.

Актерот Емил Јанингс на рекламна фотографија за филмот „Ohm Krüger“, во кој за првпат на филмското платно се покажани концентрациони логори.

Бодликавата жица со својата ниска производна цена наскоро станува вистински хит. По успешното претставување на сточниот саем во Сан Антонио, првин целиот Тексас, а потоа и остатокот од американските држави, буквално полуделе по, како што ја нарекувале тогаш, „bobbed wire“. Станала мошне популарна меѓу американските кравари, популарните каубојци, но уште повеќе меѓу земјопоседниците.

Но, ако по нешто е позната бодликавата жица, тогаш тоа е поради нејзината употреба во војните. Првпат на овој начин е употребена во шпанско-американската војна во 1898 година, а потоа и во руско-јапонската војна 1904/1905 година. Првите концентрациони логори, оние британските од бурските војни, така грандиозно опишани во „Ohm Krüger“, обилно ја користат бодликавата жица, така што таа до почетокот на Првата светска војна станала општо место за концентрирање на заробениците. Но, жицата за секогаш ќе остане симбол на холокаустот, бидејќи нејзината употреба во Втората светска војна е доведена до застрашувачка ефикасност.

Бодликавата жица станува симбол на најголемите злосторства во Втората светска војна.

Со текот на времето бодликавата жица ги менува облиците, но целта останува иста. Наместо лгорите, таа ги оградува затворите, иако во последните децении ја видовме и во старата функција, како ограда на обновените логори. Тој едноставен пронајдок и натаму ги држи внатре – а другите подалеку.

Најпознатата употреба на бодликавата жица по Втората светска војна е онаа што го надградува Берлинскиот ѕид, симболот на Студената војна. Постои една анегдота за берлинскиот студент по филмска режија и фотографија, кој неуспешно барал теми за снимање, но одбил да го снима уривањето на Берлинскиот ѕид. На својот пријател му објаснил дека не смета дека падот на ѕидот ќе има какви било реални последици по поставеноста на светот и историјата. Темата му се чинела преобична.

И Студената војна е обележена со бодликавата жица. Берлинскиот ѕид е надограден со неа.

Денес, кога знаеме дека со Ѕидот паднаа и ДДР, и СССР, и СФРЈ, и Чаушеску, и Горбачов, и, конечно, целата Студена војна, на берлинскиот несуден филмски режисер можеме само да му се потсмеваме. Или можеби не. Се чини дека поделбите што со децении нè згрозуваа и чии уривања обележаа генерации денес се повторно на сила. Студената војна меѓу Русија и САД можеби не е објавена, но на големо се одвива, а најголемата светска бегалска криза повторно ја актуелизира употребата на бодликавата жица. Унгарија ја огради својата граница, обележувајќи ја така територијата што ја смета за граничен дел меѓу „цивилизацијата“ и остатокот од светот. Дури и Македонија употреби бодликава жица да ги заштити границите од приливот на бегалците.

Како е можно во еден тоталитарен режим, во кој беше снимен филмот „Деветтиот круг“, хуманоста да доживее една таква апотеоза, а во светот што начелно го прифаќаме како хуман оваа хуманост да ја нема? Нема денес да се фатат за бодликавата жица на унгарската граница некој Сирииец и Унгарка, како што тоа го направија Иво и Рут (Хрват и Еврејка), нема богами на бодликавата жица да застанат ниту Албанка и Македонец... А и ако ги има, и ако се качуваат по жицата со струја, тогаш сигурно ќе се најде некој да ги сними со мобилен телефон и потоа да ги „шерува“ по социјалните мрежи (како што тоа, на пример, се случи со обесениот Садам Хусеин). Луѓето ќе ги „лајкуваат“ „идиотите“ што одбрале смрт наместо неслобода, па онака од забава ќе го преполнат видеото од 45 секунди со глупави коментари.

И во југословенските војни се формираа концентрациони логори. Оваа снимка од логорот во Омарска го обиколи светот.

Карактеристики, производство, употреба...

Официјалниот пронаоѓач на бодликавата жица, фармерот Џозеф Глиден, набргу по пријавувањето на патентот, набавил опрема и отпочнал со масовно производство, што му ја донело неофицијалната титула „крал на бодликавата жица“. Иако нејзината првобитна намера била оградување на големите фарми, уште кон крајот на XIX век властите во американските сојузни држави согледуваат дека таа може да биде корисна и за укинување на слободата на луѓето, па со бодликава жица ги оградуваат подрачјата на кои живеат Индијанци...

Основна карактеристика на бодликавата жица се шилците, односно острите рабови, наредени во одредени растојанија, најчесто на секои пет, десет или 15 сантиметри. Шилците обично имаат по четири остри краци, долги по два сантиметра. Според конструкцијата жицата може да биде еднократна, двократна или трократна. Еднократната е направена од челик со квадратен пресек за да се спречи вртењето на боцките. Најчест пречник на жицата е два или 2,2 милиметри, а може да биде и подебела. За поголема отпорност од корозија, таа може да биде поцинкувана, но и пластифицирана. Некои бодликави жици наместо боцки имаат остри парчиња метал. Вака „подобрената“ верзија на бодликавата жица, која ја нарекуваат и „жилет-жица“, е полесна и има мали острици, налик на жилет, па полесно нанесува повреди, а потешко се пресекува со клешти.

Унгарија ја затвори својата граница со бодликава жица за да го спречи приливот бегалци.

За еден километар ограда потребно е околу 800 килограми жица. Од еден килограм жица можат да се растегнат од 9,5 до 15 метри, во зависност од дебелината на жицата. Бодликавата жица се продава на метри, обично во котури од сто и 200 метри или на килограми, начесто десет, 15 и 20 килограми по котур, како и во палети со тежина од 700 до 1000 килограми. Во Македонија се регистрирани неколку десетици фирми за производство и продажба на бодликава жица, додека во Европа најголем производител е Германија, а во светот, се разбира Кина.

Според светските стандарди, бодликавата жица не може да ја мести кој како му текне. Клучно е, сепак, таа да не претставува опасност за минувачите. Затоа најчесто не смее да биде на височина пониска од 180 сантиметри. Исто така, смее да се поставува само на високи огради, како надградба, а никако по целата ограда.

Извор: Коза ностра бр. 7, 5.11.2015.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото