Рок биографија: Бунтовната Криси Хајнд

13.11.2015 16:46
Рок биографија: Бунтовната Криси Хајнд

Оваа година започна со мемоарите на Ким Гордон, пејачката на веќе распаднатиот инди рок бенд Sonic Youth. За тоа пишуваа сите познати весници и списанија, од Vogue, до независните феминистички портали.
Есента следуваше уште една женска рок автобиографија – овојпат, за својот немирен живот се одлучи да пишува Криси Хајнд, „Американката од Лондон“, фронтменката на The Pretenders, која можеби израсна со панкот, но отсекогаш го негуваше оној мек, радиофоничен звук на поп евергрин музика.

И Ким Гордон и Криси Хајнд, во иконографска смисла на зборот, секоја на свој прилично спротивставен начин, беа синоним за женската жестокост во машкиот рокенрол свет. И додека Гордон, подобро од кој било друг, беше олицетворение на њујоршкиот уметнички кул стил, Хајнд, како нејзина крајност, се стопи со англиското панкерство. Секако, на свој, ненаситен, пред сè, американски начин.

Диво доба: Хајнд фотографирана во 1980 година зад сцената, во клубот Toad’s Place во САД, по концертот на The Pretenders

Таа остаре, ако судиме според нејзината биографија и прашината која се крена околу неа, како една чудна фигура, сега посветена на самотијата. Како вистинска Англичанка. А тука не може да не се спомене и фактот дека еден од нејзините најдобри пријатели е Морисеј , фронтменот на The Smiths.

Но, приказната за нејзината автобиографија, насловена Reckless, уште на самиот почеток тргна во некоја лоша насока. За почеток на промоцијата на својата книга, Хајнд одбра угледен британски весник и во неделнто издание даде интервју кое резултираше со скандал. На едно место во својата автобиографија, Хајнд се исповеда за трауматичен настан од својата младост, кога членовите од моторџиската банда, со кои тогаш се дружела, ја силувале.


Глад за бунт

Според сопственото признание, таа била под влијание на Quaaludes, истите оние таблети кои ги користеше Џордан Белфорт во The Wolf of Wall Street, и оние со кои Бил Козби ги замајувал своите бројни жртви. Но, јавноста се побуни затоа што Хајнд, како во книгата, така и во интервјуто, тврди дека во голем дел, таа самата е виновна за тоа што ѝ се случило. „Па, тоа беа моторџии. Ако си играш со оган, ќе се изгориш. Тоа и не е некаква тајна“. Така, на не толку ступтилен начин пејачката го елаборира настанот во интервјуто и во свјата книга.

Како е можно, жена која во во рамките на поп културата, се нарекува феминистичка икона, да има така реакционерни ставови за силувањето? Во тоа интервју Хајнд го допира и феминистичкото прашање. „Женското прашање во мојот живот никогаш не заземало значајно место. И порано ме прашувале дали сум феминистка. Што се однесува до мене, јас сум прототип феминистка. Никогаш во животот не сум носела одлуки поради мажи. Отсекогаш сум се издржувала сама. Не е тоа нешто поради кое сум особено горда, едноставно тоа сум јас“ – заводливо одговара рамнодушната Хајнд.

Ненаситната глад за бунт и живот исполнет со рокенрол, дрога и погрешни мажи – се добро познати факти од животот на Криси Хајнд. Доколку судиме според првите критики во однос на нејзината автобиографија, може да се заклучи дека овие непобитни факти, во книгата која ја носи приказната за нејзиниот живот, таа ги разработува на еден разочарувачки оскуден начин.

Харизматичната 68-годишна пејачка ја напишала автобиографијата по убедување од страна на нејзиниот пријател, легендарниот тенисер и голем рок фанатик, Џон Макенро. Исто така, чекала да починат нејзините родители, бидејќи не сакала уште еднаш да ги разочара своите конзервативни мајка и татко. Денес, оваа рок матрона и мајка на две ќерки (едната ја добила во врската со пејачот нa The Kinks, Реј Дејвис, а другата во бракот со пејачот на Simple Minds, Џим Кер), вели дека ѝ е драго поради тоа што нејзините родители биле така строги и немале нималку слух за нејзината тинејџерска глад за возбудувања. „Да не беше тоа нивно тотално отфрлање на моите тинејџерски копнежи, можеби би останала во Охајо, би се омажила за бициклист и денес би ја барала протезата изгубена под масата“, пишува Хајнд во автобиографијата.

Панк хероините во Лондон, 1980 година: Деби Хари (Blondie), Вив Албертин (The Slits), Сузи Су (Siouxsie And The Banshees), Поли Стајрин (X-Ray Spex) и Паулин Блек (The Selecter).

Основните факти од оваа, сепак голема поп приказна, се добро познати. Се чини дека Хајнд била сведок и протагонист на сите важни настани од контракултурната сцена од седумдесетите па наваму. Студирала на Државниот универзитет Кент, кога Националната гарда пукала во студентите кои протестирале против војната во Виетнам, и убиле четворица млади луѓе. По тие настани, заминува во Лондон, каде сведочи на настанувањето на панк движењето. Работела во озлогласениот бутик Sex Vivienne Westwood, на King Road во Лондон, и била дел од панк бандата, заедно со Сид Вишес, Џони Рутен, а подоцна и Мик Џонс од бендот The Clash, со кој во еден период се обидувала да основа заеднички бенд. Била во долга и деструктивна врска со пејачот на The Kinks, Реј Дејвис, но на негово инсистирање за него не пишува во автобиографијата. Така и за врската со Џим Кер од Simple Minds. Сето тоа кај критиката предизвикува посмев, а кај љубопитните фанови, најверојатно предизвикува разочарување.

Најпозната е онаа приказна за Криси Хајнд, како талентирана и сексипилна новинарка која по извесно време ја продала својата машина за пишување и основала бенд. Првата критика ја напишала за албумот на музичарот Нејл Дајмонд и веднаш заработила смртна закана. Но Хајнд во книгата ја разбива и оваа илузија. „Да бидам искрена, јас во суштина не знаев да пишувам. Уредниците ме држеа во редакцијата поради мојот имиџ. Поради тоа што им бев секси“ – вели таа.


Издавачки феномен

Криси Хајнд е родена во 1951 година во градчето Акрон во Охајо, во американско семејство од средната класа, а нејзиниот татко работел во телефонска компанија. Младата Криси се инфицирала од бунтовничката музика слушајќи прогресивни радиостаници од околниот Кливленд. Како што таа пишува, нејзиното мото од тоа време било: „Какво било искуство е подобро од никакво искуство“. Таквото нејзино мото опфаќало злоупотреба на марихуана, ЛСД, различни таблети, спид, и на крај – хероин. За среќа, и покрај тој бурен период, таа не се одвојува од гитарата, а бендот го основа дури во 1978 година во Лондон.

Една година подоцна The Pretenders го објавуваат првиот албум со кој се искачуваат на првото место на британската топ листа. Вториот албум го објавуваат во 1981 година, но ситуацијата во бендот тогаш станува многу лоша, бидејќи талентираниот гитарист Џејмс Ханимен-Скот умира една година подоцна, бидејќи неговото срце не ги изрдржало големите количини кокаин кои ги внесувал во себе. Уште една година подоцна басистот Питер Фарндон умира од предозираност од хероин. Но, во годините што следуваат, Криси продолжува бендот да го одржува во живот, менувајќи ја поставата.


Хајнд живее во Лондон веќе 42 години. Таа е долгогодишна вегетаријанка и борец за правата на животните. Често може да се види на фотографии од општествени настани, во друштво на другите PETA борци за правата на животните, како што се Памела Андерсон и Стела Макартни. Со Џим Кер беше во брак пет години. Се омажи уште еднаш, во 1997 година, со уметникот Лач Брива, и со него успева да помине период од пет години.

Како денес гледа на својот живот, разузданата рок ѕвезда? „Мојата приказна се разликува од останатите слични приказни по тоа што сите обично велат дека не жалат за ништо што правеле во младоста. Па, јас жалам за сè. Да имам можност одново да го проживеам својот живот, би се откажала од сè, од дрогата, алкохолот, бунтовноста...Бидејќи, сето тоа на мојот живот му донесе само болка“.

Последнава година рок автобиографиите станаа вистински издавачки феномен. Сè почна со Chronicles на Боб Дилан, која беше објавена пред повеќе од десет години. Во меѓувреме „паднавме“ на трогателната Just Kids на Пети Смит, сакркастичната и лудо забавна авобиографија Life, на Кејт Ричардс, и автобиографијата за горчината на една оставена жена исполнета со лисрските мемоари на Ким Гордон. Автобиографијата на Криси Хајнд, ако се се земат предвид сите нејзини аспекти, не е дорасната на сите овие мајсторски напишани рок приказни, но по нешто сепак се издвојува. По жестокиот презир кој и ден денес привлечната пејачка на Pretenders, го покажува кон сопствената младешка и порочна инкарнација.


Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото