Што и како да им се каже на децата за терористичките напади?

20.11.2015 11:06
Што и како да им се каже на децата за терористичките напади?

Денот по терористичките напади во Париз беше еден од оние денови кои моите деца никогаш нема да ги заборават: Во текот на целиот ден мораа да гледаат програма за деца.

Додека се обидував да смислам што да им кажам (и бидејќи се плашев да ги однесам надвор), ваква беше мојата стратегија. Нападите не беа некоја далечна вест за настан кој се случува на некое друго место, тие се случуваа во нашето соседство. Батаклан, местото на кое се случија најголем број од убиствата, е оддалечено на шест минути пешачење од нашиот стан.

Тоа е безбедна дистанца, во споредба со тоа колку блиску до местото каде што се случуваа нападите се наоѓаа некои други луѓе кои ги познавам. Мојата пријателка Кармела, кој живее во близина на каналот Сен Мартен, била на вечера со ќерките кога слушнале истрели однадвор. Нејзиниот осумгодишен син, веќе подготвен од претходното искуство со престрелки во Шарли Ебдо во јануари, беше првиот кој сфатил колку е сериозно сето тоа, прашувајќи, „Мамо, дали ова е напад?“

„Не, сигурно не е, не може да биде“ – одговорила Кармела. Потоа погледнала надвор од прозорецот и видела тела на земјата, пред кафулето Le Carillon.

Многу француски весници и ТВ-емисии смислија приказни и посебни прашања за тоа како да се разговара со децата за нападите. Ги читав тие текстови. Нивните совети доаѓаа директно од Франсоа Долто, влијателниот психоаналитичар кој беше француски еквивалент на д-р Спок, и неговите совети со наслов „Бидете искрени“.

Во 1976 година, д-р Долто имаше секојдневна 10-минутна емисија во која таа одговараше на писма од родители кои бараа совети. Една од нејзините најважни пораки до родителите беше дека не мора да значи дека децата треба постојано да бидат среќни, тие треба да го разберат и да се соочат со она што се случува околу нив. Дури и во тешки времиња, родителите треба да им ја кажуваат вистината, најчесто со едноставни термини, и да им помогнат сето тоа да го обработат. Многу е полошо доколку децата насетат дека нешто не е во ред, но никој не разговара со нив за тоа. Таа советува дури и да се однесе мало дете на погребот на неговата баба или дедо, и внимателно и благо да му се објасни: „Тоа е погребот на дедо ти, тоа е нешто нормално, тоа се случува во животот“.

Децата „не живеат на Марс“, вели Франсоа Дуфо, главен и одговорен уредник на Le Petit Quotidien и два други дневни француски весници за деца на возраст од 6 до 17 години. „Тие живеат во истиот свет како и ние“. Но, сепак има граници. Тој и многу други се согласуваат дека родителите не треба на децата да им покажуваат фотографии или снимки од насилство. „Мојот совет за родителите е да почнат со прашањата на децата“ – вели тој.

Г-дин Дуфо собра група деца во редакцијата и ги поттикна да поставуваат прашања во врска со неодамнешните напади, за потоа тој материјал да биде застапен во посебните изданија на весниците. Едно десетгодишно момче по име Теодор праша како може едно мало и слатко бебе да порасне во злобен терорист. „Тие не можеле да бидат терористи додека биле со нивните родители, тоа е сигурно“ – рече тој. „Можеби биле земени како заложници од страна на терористите?“

Други, пак, сакаа да знаат дали загинале деца за време на нападите, зошто терористите убиваат луѓе кои не направиле ништо лошо, и зошто тие не сакаат фудбал или рокенрол. (Г-дин Дуфо им кажа за изјавата на Исламската држава за масакрот на концертот во Батаклан).

Децата, исто така, не разбираа зошто воопшто некој извршува напад, ако само сакал да се самоубие потоа. („Затоа што некои луѓе се подготвени да умрат за идеја“ – смирено одговори г-дин Дуфо).

Најважното прашање беше она што и ние возрасните непрестајно си го поставувавме: Дали терористите ќе се вратат?

Никој не знае. Г-дин Дуфо рече дека неговите весници пишуваат за зголеменото присуство на полицијата и другите мерки кои се преземаат, но „невозможно е со сигурност да се каже дека нема да има уште еден напад“.

Во специјалното детско издание на весникот Libération стои: „Она што се случи е многу тажна и многу тешка ситуација, нападите сега се многу ретки. Но, сè уште не можеме да кажеме дека нема да има повеќе“.

Во неделата, по нападите во петокот, парковите повторно беа отворени, а кафулињата беа преполни. Налетав на пријатели што изгледаа по малку ослободени поради тоа што можат да излезат надвор, но сепак беа исплашени. Престрелките беа насочени кон луѓе како нас: просечни парижани излезени надвор на вечера во соседството.

Една пријателка рече дека нејзиниот деветгодишен син ѝ кажал дека не се плашел по нападот на Шарли Ебдо, кој беше насочен кон новинарите, но дека сега се плаши. („Од тоа што го кажа знаев дека му е јасно што се случи“ – рече таа.) Во саботата тој доби и неограничено време за гледање телевизија.

Една друга пријателка, која предава во основно училиште, ѝ кажала на својата четиригодишна ќерка дека „лошите момци убиле некои луѓе“. Девојчето не рекло ништо во моментот, но подоцна ѝ дала цртеж со „мртва принцеза“.

Мојата пријателка која слушнала истрели пред нејзиниот прозорец се обидувала да одговори на сите прашања на нејзините ќерки: Дали ќе пукаат во нас? Дали ќе умреме? Дали ти, мамо, ќе умреш? Кои беа луѓето кои загинаа во кафулето во соседството? Што точно виде кога погледна низ прозорецот? (Терористите убија најмалку петнаесет лица во кафулето Le Carillon и ресторанот Le Petit Cambodge, кој се наоѓа на другата страна на улицата).

Ќерка ми сакаше да знае дали е нормално да се случат два терористички напади во соседството за помалку од една година. Кога побарав совет за тоа како да се разговара со децата за нападите, ми посочија дека родителите треба да им раскажат приказна за нешто слично што се случило во текот на нивното детство, а потоа да опишат како тие го надминале тоа.

Се мачев да се сетам на нешто, а потоа, конечно, ѝ реков дека мојата куќа двапати беше ограбена додека дома немаше никој. Се плашев, но постепено го надминав тој страв. Потоа ја прашав дали се чувствува подобро.

„Средно добро“ – рече таа.

Под овие околности, средно добро е прилично добро.

Извор: The New York Times
Слики: Фред Џовантини
 (преработени детски цртежи)

ОкоБоли главаВицФото