Беда на(д) демократијата

25.11.2015 03:53
Беда на(д) демократијата

Нема и, поважно, не може ни да има демократија таму каде што големо мнозинство од населението е во постојана, секојдневна борба за гол опстанок, за преживување на границата на егзистенцијалниот минимум, таму каде што владее сиромаштија. Во Македонија, на пример. Тоа го покажа и најновата анкета на ИРИ, иако не беше спроведена со таква цел. Анкетираните граѓани се загрижени за многу нешта во државата, но најмногу за стандардот. Кога би избирале помеѓу економија и демократија, нема никаква дилема за што би се определиле (дека во поразвиена демократија би живееле подобро, на друг нека му кажат): 52 проценти - 12 повеќе во споредба со претходното истражување - се „за“ економија, наспроти 41 отсто за демократија; 57 отсто од нив сметаат дека Владата нема план за да се справи со „предизвиците“.

Ваквите проценти и процени најмалку ја загрижуваат Владата. Напротив. Во нив таа гледа шанса за да се справи со предизвиците. Зашто, демократијата кај ситите со таа кај гладните се две неспоредливо различни. Кај вторите таа доаѓа во форма на вреќа брашно, на канализациска цевка, на асфалтирана уличка, на подновена фасада, на 500 денари социјална помош, субвенција, бесплатно возење, бања и слично. А таква демократија може експресно да испорача само власта. Обвинувањата дека тоа не е демократски, туку систем на општа и јавна корупција не вредат пет пари сè додека стомакот не дозволува да се мисли со главата. За моралната и за духовната беда ич да не зборуваме.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња