Немерлива глупост

20.03.2015 10:45
Немерлива глупост

На кое дереџе падна ропска Македонија, какви умствени капацитети диктираат и со какви креирани (про)визии доминираат во политичката култура. Стигнавме дотаму власта да ја обвинува опозицијата дека целата своја политичка битка ја води за слобода и за демократија! Јавно, написмено (поточно полуписмено, ама сеедно недвосмислено), црно на бело, што се вели, да ѝ го припишува тоа на опозицијата како најголем грев, како губење време на нешто штетно, непотребно за граѓаните.

Имено, некогашниот шеф на злогласниот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, сега координатор на пратениците, Илија Димовски, во некогаш слободарскиот дневник пишува: „Разликата е видлива. Едните (мисли на владејачките партии) зборуваат за проекти што можат да се стават на кантар и да се измерат и врз основа на кои на граѓаните би им било лесно да пресудат кој е во право, а вторите зборуваат за термини што ниту може да се одмерат, ниту може да се доближат до граѓаните заради тоа што не се конкретни, не се мерливи и не се видливи“.

И на ум што се мери на аптекарска вага му е јасно дека слободата и демократијата во Македонија нема да се доближат до граѓаните, ниту ќе станат мерливи и видливи сè додека нема кантар што може да ја измери глупоста со која веќе девет години лесно пресудуваат кој е во право.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња