Родители им купиле на децата мобилни телефони за да можат нормално да комуницираат за време на ручекот

11.01.2016 17:22
Родители им купиле на децата мобилни телефони за да можат нормално да комуницираат за време на ручекот

Скопје, 11 јануари 2016

Мики и Анета Деспотовски, родители на 11-годишниот Андреј и 9-годишната Јана, им купиле на синот и ќерката мобилни телефони за да можат нормално да комуницираат за време на семејните ручеци.

Според зборовите на Мики, досега само сопругата и тој за време на ручекот гледале во своите телефони, па децата се чувствувале исклучени од комуникацијата.

„Сфативме дека за време на семејните ручеци воопшто не функционираме како нормално семејство и дека и она малку време што го поминуваме заедно не го користиме на квалитетен начин. Анета и јас ги вадиме телефоните, читаме вести, се допишуваме преку вајбер, следиме што се случува на социјалните мрежи и воопшто не комуницираме со децата. Увидовме дека тоа не е добро ни за децата ни за нас, па им купивме телефони, така што сега, додека ручаме заедно, секој може да гледа во својот мобилен телефон. Конечно изгледаме онака како што би требало да изгледа едно вистинско семејство кога ќе се собере заедно“, објаснува Мики за Пара вести.

Анета тврди дека мажот ѝ и таа сега знаат многу повеќе за тоа што се случува во животот на нивните деца.

„Порано, пред да им купиме телефони, немавме претстава за тоа како го поминуваат времето, со кого се дружат, што сакаат, што не сакаат, но сега, кога ќе се собереме, ги проверувам убаво нивните профили на Фејсбук, ако забележам дека прават нешто што не треба им испраќам порака во инбокс, а кога ќе пронајдам нешто за кое сметам дека задолжително мораат да го прочитааат, го поставувам на нивниот профил“, вели мајката на Андреј и Јана.

Мики и Анета откриваат дека откако секој го користи својот телефон, не доаѓа ни до семејни расправии за време на ручекот.

„Порано се случуваше децата да ни пречат додека нешто читаме, па на крајот да дојде и до кавга, а сега секој гледа само во својот екран и на сите им е супер, зашто немаме никакви проблеми во комуникацијата“, гордо истакнува семејството Деспотовски.

Извор: www.njuz.net