Отворено писмо до судиите на Уставниот суд

25.02.2016 22:14
Отворено писмо до судиите на Уставниот суд Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски

 

Отворено писмо до судиите на Уставниот суд - Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски

 

Господа судии,

Откога Уставниот суд ја прифати иницијативата за која вие потоа, по брза постапка, гласавте да се овозможи криминалците, педофилите и злосторниците да бидат помилувани, еден гледач на телевизија рече: Се срамам што сум Македонец!

Јас пак додавам: Се срамам што сум човек!

Партијата која го менаџира овој случај е безмилосна: Таа ве натовари со голем срам, а потоа, како Понтие Пилат, се обиде да си ги измие рацете! Најпосле, како секогаш во историјата и во животот, оној кој не го почитувал професионалниот и човечки морал, останува сам, фрлен на сувиот песок на брегот од плимата која наидува на секои дваесет и четири часа. По толкавото упорствување на дел од демократската јавност, по толкуте ризици и жртви за да се сотре криминалот и злото и Македонија конечно да излезе од овој тунел, по толкуте упорствувања дури и на институции и поединци од светот и, најпосле, по конечното покренување на постапки за изборен криминал, вие се појавувате и фрлате весло на злото за пак да исплива и да се појави дури и на следните избори.

Ве прашувам, дали се чувствувате исто денес, кога народот протестира пред вашиот Суд, дали денес некој седнува да разговара со вас, можете ли да се сретнете со вашите четворица колеги кои длабоко го сфатија значењето на овој момент и гласаа против, што им рековте на вашите сопрузи кога се вративте дома, што им рековте на вашите синови и ќерки, на вашите внуци? Колку примери има кога за слични постапки, за постапки со кои се охрабрува злото, децата и внуците ги презреле своите родители, дедовци и баби? Не постои друг пат освен патот на чиста совест и слушање на професионалниот глас. Дали сте свесни, па вие сте судии на највисокиот суд во оваа држава, што значи кривично дело поврзано со лажирање избори? Тоа значи дека, ако изборите во 2011 или во 2013 година биле лажирани, за што постојат индиции, тогаш ние живееме во нелегален систем, во нелегална држава, дека сите институции – почнувајќи од претседателот на Републиката на кого му отворате пат да помилува криминалци, до Парламентот, Владата итн., се нелегални. Затоа ли сакате да се амнестира изборниот криминал, зар само во таков систем вие знаете да фукционирате?

Ниту еден настан во последно време, макар што ги имаме многу грди и опасни, не ме потресе и не ме згрози толку колку вашата одлука да се обидете да ги амнестирате изборните измами. Ова ваше кревање рака за амнестирање на изборното зло е длабок и широк потрес во општествениот, политичкиот и во приватниот живот на луѓето.

Како ли ќе продолжите натаму!

Слика: Странски служби