Предоцна

06.05.2016 01:40
Предоцна

Десницата ја менува Германија. Почна извртувањето на вредностите и се чувствува промена на парадигмата: политички пресврт на кој му се наѕира крајот. Успехот на Алтернативата за Германија (АфД) не изненадува и не беше неизбежен, но другите партии и медиуми стоеја настрана и немо го набљудуваа нејзиниот подем. Сега е доцна: десничарската револуција почна. Револуција? Да, затоа што АфД сака поинаква Германија и шансите за тоа се мошне добри, а тајмингот одличен.

На првата голема конвенција на АфД, одржана овој викенд во Штутгарт, еден од двајцата лидери на оваа партија, Јорг Меутен, изјави: „Министерот за правда Мас барем за нешто е во право: нашата партиска програма е мапа за патот кон поинаква Германија. Тоа е точно. Тој пат до Германија е далеку од левичарско-црвено-зелената шеесет и осмашка загадена Германија, која на сите ни досади“. Можевме да речеме и „од шеесет и осмашката валкана Германија“. Воодушевување во салата. Стоечки овации. Или: френетичен аплауз. А, Меутен во АфД е претставник на умерениот центар.

Останатите партии и медиуми задоцнија. Нивната стратегија за ублажување на проблемите исчезна пред силниот десничарски гнев. Süddeutsche Zeitung уште во декември минатата година пишуваше: „Партија со ваква програма не заслужува сериозно разгледување“. Тука во прашање е или голема надменост или огромно недоразбирање, бидејќи не само што токму заради нејзината програма треба сериозно да се сфати АфД, туку тоа треба и сериозно да нè исплаши.

Десничарскиот популизам не е случајност, туку неизбежна последица од неолибералниот, пост-демократски систем. Мрморењето на незадоволните нараснува во извици на бунтовниците. Политичарот од левицата Јан Корте објаснува: „Една од најголемите грешки на левицата е уверувањето дека состојбата во општеството мора многу да се влоши пред да дојде до будење на меѓународната солидарност. Напротив, колку што состојбата во општеството е полоша, толку се полоши и ресантиманите и посилна е десницата“. И, навистина: оној што се плаши, шири страв. Затоа ќе се разочараат сите кои се надеваат на разумот на избирачите. На парламентарните избори во 2013 година, загубија Зелените, иако се залагаа за зголемување на данокот на приход на 49 проценти за приходите повисоки од 80 000 годишно, за воведување данок од 1,5 процент за имот вреден повеќе од милион евра и за двојно зголемување на приходите од данокот на наследство. Ова би погодило само 5 проценти од најбогатите луѓе во Германија. Но, премногу германски граѓани ја прифатија важната неолиберална мантра: парите се најсигурни во рацете на богатите.

Сега знаеме дека во постдемократијата нема либерален пат за корегирање на тешките социјални проблеми. Останува само нелибералниот пат. Сите направија премногу компромиси, а парите се глобализираат полесно од луѓето. Социјалдемократијата се најде на дното и самата е виновна за тоа. АфД во Штутгарт му пееше ода на капиталот. „Слободна конкуренција, лична одговорност, заштита на сопственоста, слобода на договарањето, слободни пазари, јасни правила за одговорност“, ги набројуваше Меутен неолибералните заповеди, и додаде: „Ги отфрламе барањата за зголемување на даноците“. Наспроти тоа, АфД се перципира како голема народна партија на малиот човек и таа улога им ја одзема на социјалдемократите. Луѓето се такви, не се одлучуваат секогаш за партии од кои имаат корист.

Што прави претседателот на СПД, Сигмар Габриел, за тоа време? Продолжува по старо. Неколку денови по победата на кандидатот на екстремната десница во првиот круг од претседателските избори во Австрија, Габриел, изјавува: „Сега сите демократски сили треба да се соберат и да го поддржат демократскиот кандидат“. Ова звучи како цитат од некое дамнешно минато време. Демократски сили? Па, пресвртот на општеството кон десницата е производ на „демократските сили“ кои ги ослободија токму социјалдемократите.

Но, повеќе не е важно дали СПД ќе се сепне од вкочанетоста. Глетките од конвенцијата на АфД во Штутгарт зрачат со големо олеснување кај тој дел од гласачкото тело: стегите попуштија, оковите паднаа. АфД ослободи нешто што долго време беше заробено. Брехт во Одоливиот подем на Артуро Уи вели: „Не радувајте му се премногу на неговиот пад, затоа што утробата од која исползи сè уште е плодна“.

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото