Пристојната тишина

31.05.2016 01:30
Пристојната тишина

Изразот „пристојна тишина“ совршено му одговара на нашето време. Како пропаѓаат некоја земја и нејзиното општество? Како се создаваат десничарските диктатури и каква е улогата на буржоазијата во тоа? Големиот американски историчар со германско потекло Фриц Стерн, кој почина минатата недела, со овој израз го опишува неуспехот на водечките слоеви во општеството. Тие се двоумат со бунтот и им го препуштаат јавниот простор на побучните од нив. Тоа се либерали неподготвени на борба за слобода. Накратко, буржоазаијата немо го набљудувала подемот на Хитлер, а и денес го прави истото додека нашата земја и нашиот континент пропаѓаат. За тоа зборувам.

Седев со пријателот сликар на кафе во Берлин; небото беше тмурно, а вестите не беа ништо подобри. Разговаравме за десничарскиот судија и член на Алтернатива за Германија (AfD) од Дрезден кој ја заштити екстремно десничарската Националдемократска партија (NPD) од слободата на изразувањето. Разговаравме за навивачите на Унион Берлин од чиј стадион повторно одекнуваат расистички извици и навреди.

Разговаравме за Данска, некогаш светилник на либерализмот, на чии граници сега патролираат граѓански стражи и ги штитат од влегување на бегалците. Разговаравме за Полска која забрзано пропаѓа. Фриц Стерн кој 1938 година побегнал од родниот град Вроцлав од нацистите, изјави дека е шокиран од „брзината со која во Полска се воспоставува авторитарниот режим“. Таму е завршено секое превирање и воспоставена е нова реалност заснована на реконструкција на митолошкото национално минато. Она што како последица се создава од паниката на општеството, Стерн го опиша уште во својата прва книга од 1961 година, Културолошкиот песимизам како политичка опасност. Во прашање се „засилената ирационалност, будењето на презирот кон демократијата и расизмот, кои десничарските германски интелектуалци ги ширеле уште од 1914 година и на тој начин ги подготвиле стравовите од периодот 1933-1945. Но, денешниот и циничен Берлин тешко ги поднесува историските аналогии; тие делуваат претерано, луѓето одмавнуваат со рака и продолжуваат по старо.

Тоа ја објаснува медиумската немоќ одлучо и со јасни аргументи да се изреагира на успехот на Слободарската партија на Австрија и нејзиниот кандидат Норберт Хофер на штотуку завршените претседателски избори во Австрија. Тоа го објаснува ползечкиот опортунизам на ставот дека не сите избирачи на Алтернатива за Германија се нацисти. Како воопшто да станува збор за тоа. Тоа го објаснува доследното одбивање во дискусијата за границите и бегалците да се вклучат хуманистичките аргументи. Надвладеа општ релативизам.

Во меѓувреме, десничарите не се откажуваат, а ако ги критикувате, тие како писателот Тил Николаус вон Хеслер, преку Фејсбук ќе ви посакаат смрт и ќе напишат: „Новинарите на бандери!“ Ако го побарате неговото име на Гугл ќе откриете дека неговиот дедо, исто така познат писател, во мај 1933 година ѝ пристапил на Националсоцијалистичката партија. Значи, како почнува падот на едно општество? Врз него се спушта љубезната тишина на пропаста.

Извор: http://www.spiegel.de

ОкоБоли главаВицФото