Нелуѓе од другата страна на барикадата

24.05.2016 13:34
Нелуѓе од другата страна на барикадата

Прво „избори на 5-ти или смрт“, потоа „избори на 5-ти, па на 6-ти“, секунда подоцна „избори никогаш“, па го гледавме спикерот со фаца и сериозност на овен, како вели „уставо не даал, па Бог“, миг подоцна се собраа и донесоа закон, можеби два..., или две верзии од три закона, а „уставните“ се за „да“, принципиелно за „не“, но бидејќи ситуацијата „захтевала“ – ондак, можда...

Како е можно цели институции да се движат цик-цак, како во анимиран филм или забрзана нема филмска бурлеска и цели букети торжествени судии и глутници пратеници, демек, цели парламенти, да менуваат правец како да се поленови честички во хаосот на брауновото движење, како да немаат материјалност и инерција? А, за вселенското непостоење ниту на траги од некаква свест, совест, морал, право или држава, и да не зборувам?!

Кој може да следи и да разбере што се случува во библиската земја, почитувани читатели, и како е воопшто можен ваков кретенски след на настаните? Разбирањето е невозможно, се разбира, во рамките на ментално нормалниот свет, кадешто владеат принципите на логиката и разумот, зашто сè што ни се случува е можно единствено во Диктатурата на Глупоста, во инфантилниот свет на Мрсулавиот Фашизам на Груевски. И, никаде на друго место.

Отпрва, пред осум, девет години, бев вчудоневиден како тоа Македонците не можат да го препознаат македонскиот фашизам како маршира, и ги освојува и уништува една по една институциите на македонската државност, фундаментите на македонското културно самоспознавање, дури и општочовечките системи на вредности... Со време, како што сеуништувачкиот поход на Груевски и неговата ВМРО-Фашистичка ги нижеше своите победи над македонската култура и граѓанско општество, така се зголемуваше бројот на луѓе што почнаа да го препознаваат феноменот на Мрсулавиот Фашизам. Сфатив дека се работи за феномен во својата суштина идентичен на оригиналниот италијански и германски фашизам, и дека е тоа повторно производ на колективното откажување од слободата, некој вид онтолошка отсутност на граѓанската свест, што неминовно се исполнува со својата негација – со Баналното Зло. За среќа, еве, само десет години подоцна, сè е поголем бројот на луѓето што станаа свесни за природата на феноменот на новиот прикриен и инфантилен, но не помалку смртоносен Мрсулав Фашизам. Оваа свест што расте секој ден и се претвора во граѓански отпор што веќе има своја перформативна форма во Шарената револуција, како и освестувањето на сè поголем број опозициски партии и на меѓународната заедница за вистинската природа на режимот, ја зацрта цврсто и непоколебливо надолната линија на власта на внатрешната фашистичка окупација.

Но, иако „маските паднаа“ и криминалната суштина на режимот е веќе сосем оголена, многумина се уште имаат проблеми да ја спознаат фашистичката суштина на режимот, да разберат кого навистина имаат од другата страна на барикадата. И сите ние - жртвите на новиот вмровски фашизам, и меѓународната заедница, се уште си го трошиме времето и душевната супстанца во залудни преговори, бесмислени правни толкувања, повикувања на оставки или одговорност на злосторници што нелегално ги „држат“ титулите и институциите на власта; се фаќаме упорно за непостоечките столбови на правниот поредок, повикуваме на правда, разум и еднаквост... Сите се уште се однесуваме како од онаа страна на барикадата да имаме луѓе што го разбираат значењето на зборовите, луѓе што го разликуваат доброто од злото или која и да е морална вредност?! Меѓутоа, сите грешиме: од другата страна се наоѓаат наши земјаци и сограѓани, сватови и роднини што во морална смисла се небаре нелуѓе; тапи и плиткоумни војници на Баналното Зло, ослободени во потполност од товарот на совеста, од каква и да е почит или чувство на срам и одговорност, луѓе – нелуѓе растеретени од смислата на зборовите, било да се кажани или напишани. Тоа се Ајхманите што ги опиша Хана Арент: обични луѓе што од плиткоумност ги изгаснале сите функции на совеста, и се обесчовечиле секојдневно убивајќи ја моралноста во себе. Тоа се злосторниците без мисла и совест, што ги создава секој фашизам. „Жална вистина е дека најголемите злостори се сторени од луѓе што не се ни замислиле дали чинат добро или зло“, пишува Арент. И, повеќе од тоа, во тоталитарното нацистичко општество „злото ги изгуби дистинктивните својства според коишто мнозинството луѓе дотогаш го препознавале. Нацистите го редефинирале злото како граѓанска норма.“

Токму таа „нормализација“ на Злото што ја воведе ВМРО-Фашистичка во изминатава деценија во Македонија, токму таа обесчовеченост, произлезена од инцестуалната врска помеѓу Глупоста и Злото, им ја обезбедува на војниците на груевизмот иницијативата и зловестата ефикасност – тие делуваат без какви и да е морални, правни или човечки ограничувања! И, токму оваа потполна и сеопфатна изопаченост на вмровскиот „свет“ ги прави несфатливи и непредвидливи нивните зборови и акции! Всушност, тоа и не непредвидливост, бидејќи се работи за проѕирни и инфантилни реакции, туку за морална неприфатливост на нивните дела за сите нормални луѓе. Најнеприфатлива за нормалниот човек е токму леснотијата на нивната апсолутна аморалност: тие не се потат кога лажат или мамат, и не се чувствуваат виновни или одговорни за ништо. Таа анимална леснотија со која лажат или тропаат најдолни глупости – „судиите“ на Уставниот суд, зелките од Советот на обвинителите, министрите осомничени за докажани мегакриминали, претседатели на собранија и комисии за лустрација; кога ги гледаме сите нив како со едноличен глас и емајлиран козји поглед мирно и ја распоруваат утробата на Вистината или Правдата, таа дехуманизирана смиреност на Баналното Зло ги прави сите нив како да се од друга планета...

Но, не треба, почитувани читатели, да не обесхрабрува нашето неразбирање на нелуѓето од другата страна на барикадата, зашто токму неможноста да го разбереме Злото нè прави нас – жртвите на вмровскиот фашизам, човечни и морални луѓе. Конечно, вистина е и дека не се работи за нелуѓе – тоа се обични луѓе со недостиг на мисла, плиткоумни и алчни соседи што случајот ги донел во можност да ја злоупотребат власта за да го „озаконат“ својот дефект на човечност. Затоа, единствената поука од разбирањето на феноменот на Баналното Зло, е дека тоа не треба да се разбере, со него не треба да се преговара – тоа треба само да се уништи! Смрт на фашизмот – слобода на народот!

Слики: Michael Borremans
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото