Ловот на вештерки на власта доживува фијаско

30.07.2016 00:44
Ловот на вештерки на власта доживува фијаско

Дали лустрацијата, проект на власта со кој се ловеа вештерки, како што многумина го нарекуваа, доживува фијаско? Ова прашање во јавноста се наметна откако Управниот суд, за еден месец, одлучи да поништи 17 решенија за лустрација, со кои личности од јавниот и општествениот живот беа прогласувани за кодоши или соработници на тајните полициски служби.

Комисијата за лустрација, предводена од Томе Аџиев, прогласи 200 лица за соработници на тајните служби, а меѓу нив имаше и веќе починати. Поништувањето на одлуките за лустрација од страна на Управниот суд, правно гледано, значи дека овие одлуки никогаш не постоеле.

Првата жртва на лустрацијата, поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, кој мораше предвреме да се повлече од функцијата, вели дека одлуките на Управниот суд се задоцнети. Тој, битката против лустрацијата ја водеше пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој пресуди дека постоела повреда на членовите 6 и 8 од Европската конвенција за човекови права. Поради тоа што Ивановски бил лустриран во нефер постапка и му е направена повреда на честа, угледот и достоинството, македонската држава е должна да му исплати и парична отштета од 5.350 евра.

- Лустрацијата уште кога почна беше фијаско. Врхушката на власт веруваше во неа, но еве сега, по пет-шест години се покажа дека е големо промашување. Управниот суд задоцнето реагира, односно овие одлуки требаше да ги поништи уште пред две-три години, но очигледно управните судии чекаа да видат каква ќе биде севкупната состојба. Сега дојде крајот. Не знам дали Комисијата за лустрација и Аџиев ќе продолжат да се глупираат, да бараат некаква правда и да го критикуваат судот дека не ја почитувал праксата. А која практика ја почитуваше Комисијата, кога само се изживуваа - реагира Ивановски.

Поранешниот обвинител Јован Трпеновски, обвинет дека наводно користел услуги на вработени во безбедносните служби, исто така добил одлука од Управниот суд дека му се поништува решението за лустрација. Трпеновски, исто како и Ивановски, нагласува дека лустрацијата уште кога почнала доживеала фијаско и смета дека судиите конечно почнале да судат според законот.

- Комисијата ги пречекори своите овластувањата дадени со закон, бидејќи во нејзината работа превладеа желбата да се лустрираат луѓе што размислуваат поинаку од власта. Не водеа сметка за исполнување на законските услови, а во мојот случај покажаа тотална правна неписменост. Се повикаа на неколку формални документи, кои не беа во корелација со законот и кои не даваа одговор, кога и како сум соработувал со тајните служби - изјави Трпеновски.

Според него, добро е што судиите станале извршители на законот, а не на волјата на власта и што почнале да постапуваат самостојно, согласно со законот. На прашањето, дали ќе бара некаква отштета од државата за нарушената чест и углед, Трпеновски одговара:

- Самиот на себе си поставив прашање, што ќе правам кога судот ќе ми го поништи решението за лустрација и се убедив дека мора да барам некаква сатисфакција, но дека ќе ја занемарам материјалната. Затоа ќе барам симболично еден денар за да почувствувам сатисфакција за она што го претрпев.

Првиот човек на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, пак, оцени дека Управниот суд на Македонија сериозно ја поткопал работата на Комисијата, со поништување на дел од нејзините решенија.

- Само во текот на овој и минатиот месец, добивме 17 решенија со кои се поништени нашите одлуки и кои се донесени по цела година чекање во судските фиоки. Најверојатно ќе бидат поништени и сите други решенија, 40-тина, кои се обжалени пред судот - изјавил Аџиев.

Управниот суд неодамна го поништи решението на Комисијата за верификација на фактите за лустрација на главната уредничка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова. Решението за лустрација на Костова беше донесено на 26 март 2015 година. Неколку месеци подоцна, парламентарното мнозинство изгласа прекинување на процесот на лустрација. Конкретно, од 1 септември 2015 година, Комисијата нема мандат да поведува нови постапки.

Н: Медарски: Државата има обврска да ја надомести штетата

Лицата што ја победија лустрацијата, имаат право од државата да бараат надоместок на штета, а обврска да ги поправи последиците од овој процес има и државата.

- Во секој случај каде е поништено решение за лустрација од страна на Управниот суд, државата има обврска да преземе чекори за репарирање на евентуалните правни последици од донесеното решение. Ова подразбира враќање на работа на лицата, надоместок на штета заради повреда на честа и угледот, односно повреда на личните права заради донесување на решението итн. Доколку државата не преземе вакви чекори, секое од овие лица има право да поведе соодветна судска постапка. Друго е прашањето за одговорноста на членовите на Комисијата за лустрација за донесувањето на поништените решенија. Во секој одделен случај треба да се оцени врз основа на што тие решенија биле донесени и дали постои одговорност на членовите на Комисијата за вака донесените решенија - објаснува адвокатот Филип Медарски.

Извор: Слободен Печат