Санта Аргирова: Идејата ми е да ја отвориме МРТ

13.09.2016 13:05
Санта Аргирова: Идејата ми е да ја отвориме МРТ

Од Договорот од Пржино, согласно сите негови продолженија, во изминатиот период произлегоа неколку услови „битни“ за одржување на предвремени избори, меѓу кои за најакутен се покажа медиумската реформа или парцијалните обиди за медиумска реформа, со што се направи, како и обично, преседан – „политичарите преку свои членови да одлучуваат за судбината на медиумите и да имаат свое влијание врз нив“.

Од поставените услови, барем во сферата на медиумите, во најзначајните беше наведен и „номинирање главен уредник на информативната редакција на МРТВ на предлог на најголемата опозициска партија и во консултација со другите партии, а кој треба да стапи на функцијата 100 дена пред изборите“. Во однос на истиот, критиките на експертите и на јавноста кои уследија во меѓувреме допрва ќе се докажуваат во практика колку и на кој начин се вистинити!

Токму затоа, во тој „ваакум“ од 100 дена повеќе од нужно е да се разгледаат, за да можат подоцна и критички од јавноста да се оценат, ставовите и интенциите на „новопоставениот“ главен уредник на информативната редакција на МРТВ, Санта Аргирова, која во однос на најавената „промена на медиумскиот амбиент преку влез на (…) непристрасни уредувачки тимови и новинари во јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија“, уште на почетокот е децидна и не крие дека е сама, без тим, барем како техничка подршка. Но, она што го наведува како најважен мотив во нејзината одлука е „своето огромно искуство во медиумите и убедувањето дека ќе можам со луѓето кои се тука и кои и самите се жртва на многу промени и на кои можеби во еден дел им е згасната желбата за работа, истите малку да ги разбудам, да посакаат да бидат дел од нешто што се нарекува одразување на општествена реалност, а не само да се биде во служба на политиката, во служба на политичарот. Бидејќи мојот мандат овде е крајно ограничен и временски и суштински, а се нафатив да пробаме да направиме нешто, јас тоа и ќе пробам да го направам.

Навидум или реално „донкихотски“ потфат

Во разговорот што го водевме со неа (4 септември 2016 г.), во однос на нејзината перцепција на нештата на ова парцијално политичко решение на медиумските проблеми, а „обременета со личен влог од 30 години работно искуство во новинарските води, а не потрага по кариеризам и трка кој ќе го освои гламурот на функцијата“, како што вели таа, нејзиното доаѓање во МРТВ е многу јасно и кристално чисто: „професионално информирање, избалансираност и вистински јавен сервис, што во превод значи дека нам ни требаат приказни од животот, нам ни треба инклузивност на сите граѓани, сите ранливи категории. Ние треба да им се обратиме на сите затоа што политиката е еден сегмент. Јавниот сервис не може и не смее да се занимава само со политика во вестите бидејќи тој е сервис и на тие што не гласаат. И таков треба и да остане.“

Во реализацијата на овој навидум или реално „донкихотски“ потфат, на кој најверојатно, како што смета и Аргирова, „не постои човек кој би сакал за 100 дена да фрли во бунар 30 години искуство зад себе“, битно е што „јас тука немам лични интереси да бранам одредена партија, туку да бранам само интереси на јавен сервис, односно на сегментот каде што сум јас“, и тоа преку обидот за „една нормализација на она што се емитува од вестите во јавниот сервис, да правиме дебати, да се договориме во однос на тоа како ќе ја покриваме целата изборна кампања, односно да не биде како и досега – за едните мајка, за другиве маќеа, туку МРТВ е за сите иста. Идејата ми е да ја отвориме МРТ. Сакам теми и сакам преку истите да ја доловиме општествената стварност, затоа што нема друг начин. Токму затоа она што ме интересира е содржината од шпица до шпица, а кое тешко ќе оди затоа што има недостиг од луѓе, има кадри кои уште треба да работат на себе, има многу малку камери… Оттука мојата амбиција не е од јавниот сервис да направам „Би-би-си“ или „Си-ен-ен“…“.

Имајќи предвид дека во многу документи стои запишано дека имаме „отсуство на институционална автономија и независност кај Јавниот радиодифузен сервис (ЈРС)“, односно и во клучните извештаи, дека имаме „селективно известување и недостиг на уредничка независност во Јавниот сервис“, токму поради притисоците од политиката со што повторно се враќаме на почетната позиција со идејата за медиумските реформи, Аргирова тврди дека притисоците не ја интересираат. „Јас имам правила кои се запишани во Етичкиот кодекс на МРТВ и тоа е мојата Библија која МРТВ ја направила уште пред да дојдам јас. Мое е само истиот да го почитувам. Сѐ што излегува надвор од него, за мене е притисок и јас тоа нема да го почитувам, дури и да сакам. Можам само да си одам оттука“.

„Нема фаворизирање на овој или оној“

Токму затоа е и убедена дека идејата во 100 дена, однатре да се дојде до нормализација на она што се емитува од вестите во јавниот сервис, а однадвор да се врати изгубената доверба, за враќање на МРТВ на трасите на етичното новинарство е реална: „Истото е можно, но само ако се има волја. Најголем проблем и понатаму ми е што немам доволно техника за да можам да работам. А луѓето се тие што се, првично со одредени симпатии, со освежување од моментот кога од нив барам живот во МРТВ – живот во вестите. Нема фаворизирање на овој или оној, туку теми, размислување за теми, работи што ги тангираат луѓето. Се надевам дека ако ги поттикнам, тие ќе возвратат на позитивен начин, што ми дава право на почеток да кажам дека не можам да гарантирам ништо бидејќи ќе има многу нешта, ситуации, работи…“.

Ова ја отвора и дилемата за тоа што од бенефитите и слабостите по стоте дена од ова решение во однос на можноста од промена на медиумската реалност во Македонија. Како што наведува Аргирова: Ние имаме, пред сѐ, проблем со медиуми кои имаат клиентелистички однос кон врхушките, имаат ќар од тоа и спроведуваат уредувачки политики кои се штетни за државата. Не е трката кој ќе направи подобар дневник. Овде трката е во тоа кој ќе направи поплатен дневник. Оттука и се создава состојба во медиумската сфера на крајна поделеност на медиумите во смисла на поларизација на симпатии кон политички партии и политички субјекти, а во целата таа приказна она што се заборава е дека клучна улога може да одигра јавниот сервис и тој тоа треба да биде затоа што истиот не треба да се крои според приватните медиуми туку обратно. Колку за пример, да го земеме „Си-ен-ен“. Сега во Америка се случуваат избори, „Си-ен-ен“ е продемократски ориентиран, ама кај нив не недостига ниту една вест околу Доналд Трамп. Не се крие ниту една анкета во која Хилари Клинтон паѓа во однос на Трамп… Значи, ако се постават работите на здрави основи, тогаш е можно светло на крајот од тунелот. Но, ако не тргне натаму работата, тогаш не тргнала никаде! Значи, сѐ може да се среди ако се постават правила на игра! Но, потребна е и волја да се почитуваат тие правила. Без разлика кој и да дојде власт, ако постави правила на игра во медиумската сфера, но не таа да ги диктира, туку да ги усвои и да ги практикува, тогаш овој проблем е завршена работа“.

„Јавноста мора да биде вклучена“

На крај останува да се види резултатот во однос на кој јавноста, како морален судија, ќе даде оценка, но само доколку и таа биде активен чинител, а не дел од „актерската екипа“ во медиумската реалност. Аргирова стои на ставот дека „јавноста мора да биде вклучена. Без неа не што не можеш, туку и не смееш. Јавноста треба да гледа, да размислува, да сугерира и да реагира. Мора! Сепак за јавниот сервис, луѓето плаќаат такса. Тоа е голем обврзувачки елемент за тој што седи тука и што треба да одлучи што ќе оди вечер на дневник. Системот во кој јас сега влегов е прегломазен. Ништо не е променето, туку напротив, ситуацијата е влошена. Но, јас прифатив и ќе продолжам сѐ додека и до каде можам, ако можам. Во еден дел, прво, да направиме овој сервис да не прави повеќе штета, а подоцна да се обидеме да ја разбудиме јавноста, луѓето да почнат да ја гледаат, да почнат да сугерираат, да зборуваат за неа и, на крај, да пробаме дали истото можеме да го прошириме. Значи, јас ништо не можам да ветам, туку само да направам она што е најдобро од мене. А, што ќе биде на крајот, тоа не зависи само од мене, бидејќи сум навистина само една. Да сум Супермен, не ќе можам тоа што можам. Цело време сум тука и правам сè што можам.

Остануваат помалку од 100 дена да се потврди или негира ваквото решение, но и неговите критики дека: „наместо да се најде системско решение за јавниот сервис, МРТВ, тој да не биде полигон за партиски вработувања, наместо да му се обезбеди некој вид сеопшта граѓанска контрола по примерот на „Би-би-си“, кој нема да трпи промени при секоја промена на власт, понудено е „килаво“ решение пред избори да го води кадровик поставен од опозицијата. Четири години МРТВ ќе ја водат кадровици на власта, а пред избори ќе ѝ биде понудено на опозицијата? Со која цел? За да обезбеди неутралност (ако се знае дека тоа е невозможно) или, пак, да ѝ надомести на опозицијата тоа што била четири години запоставена во јавниот сервис“.

________________________________________
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Извор:http://proverkanafakti.mk/