Авганистан, бананастан, избористан

28.09.2016 14:08
Авганистан, бананастан, избористан

Погледот на смирените општествено политички води, што тивко и тажникаво течат низ мугрите на оваа изборна есен, ах, тие непроѕирно матни води на краткото паметење, што меланхолично се изливаат по библиската земја само на помен на зборот „избори“, ми го разбуди сеќавањето на еден сладок филм од раните седумдесетти. Филмот е вистинско ремек-дело, но не според големината на неговите уметнички аспирации, туку според неговото ненаметливо, лесно и забавно, и навистина велемајсторско филмско раскажување. Филмот се вика „Жешкиот камен“, во режија на Питер Јетс, со моќна актерска екипа предводена од Роберт Редфорд и легендарниот (и заборавен) Зеро Мостел. Асоцијативната „јадица“ што ми се закачи за мозочната кора, додека го гледам психосоцијалното рестартирање на библиската земја и паѓањето во бесмислен и сосем вонконтекстуален изборен обред, некаков вид безбеден повторувачки транс, се клучните зборови од завршницата на филмот: „Авганистан, бананастан...“. Елем, во филмот се работи за операција на крадење на еден повеќекратно откраднат дијамант, со цел тој да се врати во Африка, од каде што потекнува. Операцијата успева дури со употреба на хипнотичарот Мијазмо, кој успева на чуварот на банкарскиот сеф во потсвеста да му всади предетерминирана хипнотичка шифра - бесмислените зборови „Авганистан, бананастан“, по чиешто изговарање чуварот ќе падне во субмисивен хипнотички сон. Е, улогата на таа постхипнотичка сугестија што станува неотповиклива команда што луѓето повторно ги втурнува во хипнотички транс, транс на сонлива потчинетост, во кој ги исполнуваат сите наредби на хипнотизерот (или на оној што ги изговорил магичните зборови), во нашето веќе предолго лизгање надолу, тркалање и препелкање низ нерамната историска стрмнина, улогата на тоа зборче што е, демек, чкрапалото на хипнотичкиот механизам, стана зборот „избори“. Иако зборот „избори“ кај нас веќе нема никаква рационална содржина, и претставува функционален оксиморон - спротивен на сопствените својства, зашто означува процес на избирање, но во реален контекст во кој слободниот избор воопшто не е можен (нешто како кредибилно лажирани избори), тој сепак ја предизвикува и ја одржува обредната повторливост на изборниот хипнотички транс што ги успива и во заборав ги поништува сите општествени, политички и морални превирања што му претходеле. Авганистан, бананастан, избористан...



Токму тој монотон хипнотички изборен ритуал што повторно нè вовлекува во својот неумолив смирувачки вртеж, е најголемата опасност што му се испречи на процесот на ослободување од внатрешната окупација на ВМРО-Фашистичка. Па, колку пати треба да ни се повтори истиот процес на изборно анестезирање и придавување на социјалните и политичките превирања, протести и општонародни будења; колку пати треба државно-партиската мафија на Груевски со лажирани избори да се обновува и легитимира, за да се сепнеме и оттргнеме од тој самоуништувачки ритуал на тоталитарните избори? Тоа циклично повторување, тој кружен односно спирален временски тек, е универзално хипнотичен и успивно смирувачки, знам, и затоа и во големите американски кланици за крупен добиток, пристапната патека до местото на егзекуцијата се проектира и изведува во кружна односно полуспирална форма. Навистина, ова бизарно архитектонско решение на добиточните „логори на смртта“ е воведено пред некоја деценија зашто луѓето ја забележале деструктивната вознемиреност на добитокот предизвикана од нивното претчувство на смртта; вознемиреност што индуцирала панични движења и самоповредувања на кутрите животни. Испадна дека кружната патека во предворјето на смртта ефикасно ги смирува животните, кои - кружејќи во збиена колона - мирно и покорно се доведуваат до местото на егзекуцијата.

Честото циклично повторување на македонските тоталитарни избори, што во опозицискиот печат беа наречени „изборни кланици“, се разбира, само метафорично ги поврзува овие две појави. Но, суштината е иста: факт е дека изборните циклуси, во услови на смртната предетерминираност на тоталитарните околности, ги смируваат до непостоење сите претходни протестни енергии, го предизвикуваат колективното заборавање на претходните револуционерни освестувања и антигруевистички откровенија и ги воведуваат граѓаните на библиската земја во смирен, успивен и самопокорувачки транс. Така тоталитарните избори станаа нешто како хипнотички транс што се одржува на потребното ниво – како анестезијата за време на операција – со бескрајно досадното бамборење за многуте технички и нормативни детали, партиски бладања за програми и проекти, анализи за бројот на определени и неопределени гласачи и други смирувачки шумови... Накусо, изборите нè враќаат во парализирачката нормалност; нормалност, што не само што не чини потполно неспособни да ги смениме – гневно и одлучно – ненормалните околности на „демократскиот“ тоталитаризам на ВМРО, туку и немоќни да сфатиме дека токму таа комфорна и пердувеста „нормалност“ е најсилното оружје на тоталитарните режими.



Дека одржувањето на илузијата на нормална секојдневница – стратегијата што режимот на Груевски успешно ја спроведува веќе со години – е всушност најсилното психолошко оружје на тоталитарните режими, покажува и можеби најдрастичниот пример на Хитлеровата Германија во 1945 година, во последните денови на агонијата на нацистичкото општество. Иако сојузничките бомбардирања уништиле повеќе од 80 проценти од вкупниот градежен фонд во сите поголеми градови, луѓето кои биле приморани да живеат во подруми, засолништа и дупки во урнатините, секој ден редовно оделе на работа, децата ги оставале во импровизирани градинки, а трамваите стасувале навреме. Нацистичкиот режим инсистирал државната бирократија, школите и установите, дури и во толку екстремно ненормални околности на масовно уништување и гибел, да функционираат како и нормално. Режимот ја обезбедувал борбената психологија на својата армија и затапената потчинетост на целиот народ одржувајќи ја илузијата на нормалност до апсурдни размери. Така, на пример, на 29 април 1945, еден ден пред Хитлер да се самоубие и четири дена пред сојузничкото освојување на веќе уништениот Хамбург, во градот се одиграл фудбалски натпревар помеѓу Хамбургер и Алтона (со резултат 4:2), пред преполн стадион! Се разбира, споредбата на Македоња Вечна со Хитлеровата Германија во април 45 година е, за наша среќа, во размемра 1 : катаљон, но режимската употреба на илузијата на нормалност за одржувањето на субмисивната психологија на населението е потполно аналогна. И, во таа аналогија, апсурдниот фудбалски натпревар во сред германската воена катастрофа ја има истата улога како и структурално лажираниот политички натпревар што треба климаксот на македонската „политичка криза“ да го претвори во крај, после кој учесниците и гледачите, уморни и задоволни, ќе си појдат дома на заслужена починка и окрепнувачки илјадагодишен сон.

Значи, декемвриските избори по никоја цена не смеат да се третираат како нормални, туку слободарските сили треба да направат сè тие да бидат ненормални! Како што криминалната партиска мафија на ВМРО ги користи изборите како алатка за покорување на народот, така и слободарите треба да се подготвуваат не за „мирни и добро организирани избори“, туку за настан со кој ќе се собори нелегалната власт. Тоа значи дека изборите својата веродостојност ќе ја докажат само ако ѝ послужат на својата цел: ако се собори криминалниот режим на ВМРО. Во спротивно, доколку режимот успее да го лажира својот изборен успех, изборите не смеат да се признаат од опозицискиот фронт и од слободарските граѓани, туку денот веднаш да се искористи за соборување на режимот и за воспоставување народна власт. Ништо „нормално“ не треба да има ниту во подготовките за овие ненормални избори: тие не треба да бидат политички, туку морални; не партиски, туку општонародни; нивната цел не е нова политичка влада, туку преодна власт што ќе има за цел само да ги исчисти институциите на државата од партиските криминалци на ВМРО и да ги подготви за демократски избори. Потоа, во подготовката на овие ненормални избори секоја „нормална“ партиска тактика и математика претставува погубна грешка: на избори треба да излезе обединет фронт од сите партии и партиички, движења и организации, значи, сите етнички македонски и албански партии, што ќе ги мери силите само со изолираната мафијашка коалиција на ВМРО. И, на крај, изборите не смеат да бидат дисциплинирана граѓанска должност, туку востание; не смирувачки хипнотички транс, туку будење... Ако некако, тогаш само така!



Фотографиите се од филмот The Hot Rock (1972)
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото