Заминувањето на Човекот и Уметникот

14.10.2016 11:20
Заминувањето на Човекот и Уметникот

Во 69 година од животот, по она што го нарекуваме тешка болест, нè напушти Младен Стилиновиќ (Белград 1947., Пула 2016), бардот на хрватската современа уметност. Ликот и делото на неверојатно благиот, мирен и сталожен човек, кому под густите мустаќи секогаш ѕиркаше насмевка, фасцинираше многумина. Мојата генерација ја привлекуваше неговата вонсистемска позиција, бунтот против општествените конвенции, против системот на уметноста, автономните зони на медијација во уметноста кои ги создаваше, изложбите-акции кои со групата Шестмината работеше на улица, самоорганизацијата, работата во уметничката група, никогаш експлицитно декларираниот анархизам, но и неговото навредување на анархијата. Но, пред сè, нè привлекуваше неговата уметност, едноставна и скромна во материјалите и изведбата, а голема во темите што ги отвораше.

Во фокусот на неговото дело беше идеологијата, потоа работата, парите, системот на уметноста (од Западот и Истокот), мртвата уметничка поетика, болката. Стилиновиќ беше поет. Не го кажувам тоа зашто во раната младост објавувал поезија туку затоа што секое негово дело е втемелено во јазикот. Кратки, тавтолошки, секогаш вистинити искази напишани со едноставен ракопис се наоѓаат на бројни негови дела. „Сите пари се валкани, сите пари се наши“ или „нема уметност без последици“, „како што парите се хартија, така и галеријата е соба“, „уметникот што не зборува англиски не е уметник“, да споменам само некои кои како народни мудрости одекнуваат на (меѓународната) сцената, без разлика дали како називи на изложби, како наслови на публикации или како општо референтно место во дискурсот на современата уметност.

Историјата на уметноста ќе го поврзе неговото дело со Групата шестмина автори кои дејствуваа од средината на седумдесеттите, но тој се појавува на сцената со поезијата објавена во списанието Република, а потоа на самиот крај од шеесеттите со експерименталните филмови кои ги работел во рамки на студентскиот кино клуб Пан69, кој го основал со пријателите. Своите колажи, асамблажи и специфични уметнички студии за јазикот по кои е познат и денес, ги прави од 1972. Не е погрешно да го наречеме најистакнат претставник на новата уметничка практика, југословенска опачина на концептуалната, постконцептуалната и новомедиумската уметност која интензивно се развиваше низ седумдесеттите години од минатиот век, а во оптек на меѓународната сцена лесно се движи по падот на Берлинскиот ѕид, во текот на деведесеттите и малку поинтензивно во 2000-те години. Токму тогаш може може да се следат и изложбите на Стиле на Сиднејското биенале, Истанбулското биенале, во New Museum во Њујорк, на Документите во Касел, на Венециското биенале, во Van Abbemuseum во Ајндховен. Неговите дела се наоѓаат постојано поставени во големите институции – во њујоршката МоМа, во Victoria and Albert Museum во Лондон, во загребскиот Музеј на современата уметност, во парискиот Центар Georges Pompidou – но, на крајот на краиштата, сето тоа се само „згради“ за кои Стиле, се чини, и не се грижел премногу.

Формалното образование го напуштил во вториот клас од средното училиште и оттогаш интензивно читал за книжевноста, историографската литература, теоријата на лингвистиката, ја следел кинематографијата, случувањата на ликовната и театарската сцена, речиси опсесивно ги следел домашните медиуми и дневната политика. Неговите учители – сите до еден мртви поети – Велимир Хлебников, Осип Манделштам, Грофот Лотреамон, Артур Рембо, Владимир Мајаковски, Т.С Елиот, Тадеуш Розевиц. Тука се уште и сликарот Малевич, филмаџиите Ѕига Вертов, Сергеј Ајзенштајн, Годард, Жан Виго... Неговите дела се читливи во корелација со опусите на историската авангарда, уметничките поетики на изгубеното време, затоа не треба да зачудува што големата ретроспективна изложба на Стилиновиќ во загребскиот МСУ го носеше називот според делото на Виго Zéro de conduite (Нула по владеење), презрениот и забранет филм кој цензорските очи го толкувале како експлицитна промоција на анархизмот.

Но, не умре само уметникот, умре и човекот, а Стилиновиќ, иако ситен според растот, беше голем, џин меѓу луѓето. Неуморно ја следеше сцената, беше верна публика, неверојатна поддршка. Со историчарката на уметноста и својата животна партнерка Бранка Стипанчиќ ги посетуваше сите изложбени простори во градот, а откако му се отворија вратите од големите институции и понатаму изложуваше во самоорганизираните off простори: малата загребска галерија Грета, Ателјеата Житњак – напуштена училишна зграда на периферијата од градот која уметниците ја добија на користење како простор за работа. Го помнам од таму, весел, додека танцува двочекор со уметникот, исто така мошне склон кон шеги, Жељко Бадурин. Вратата од сопствениот стан во улицата Људевит Посавски им ја отварал на многумина љубопитни: кустоси, студенти, уметници. Од 2004 година таму ги изложувал своите дела, а тој стан многу брзо станал институција за себе.

Минатото на неговото семејство е посебна тема. Роден е во семејство револуционери со мошне комплексен животен пат. Неговиот татко, Маријан Стилиновиќ, како и што му доликува на времето помеѓу двете светски војни, многу рано се политизирал, како 16 годишник станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија. Работел како режисер и помошен спикер на загребската Радио станица, а по „Обзнаната“ и законската забрана на комунистичкото дејствување неговата политичка работа се радикализирала. Ѝ се придружува на револуционерната организација Црвена правда основана 1921 година. Следбениците на организацијата со вооружена борба планирале „да ја присилат буржоазијата да ја повлече „Обзнаната“, повторно да дозволи да фунционира Комунистичката партија и останатите организации на работничката класа.“1 Непосредно пред планираниот атентат на Милорад Драшковиќ, министерот за внатрешни работи во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Маријан Стилиновиќ го уапсиле и заради комунистичко дејствување го осудиле на робија каде ја дочекал Втората светска војна. Со група политички затвореници побегнал од затворот во Сремска Митровица 1941 година и му се придружил на Првиот фрушкогорски партизански одред. Во партизани ја запознал идната жена, Нада Поповиќ.

Синот Младен се родил 1947 година во Белград каде по војната Маријан работел како главен уредник на дневниот весник Борба. Ако се родел неколку години подоцна, во изводот на родените на „местото на раѓање“ ќе пишувало Прага или Буенос Аирес каде се селело семејството бидејќи татко му работел во југословенската дипломатија. По враќањето во Загреб во раните педесетти, Маријан основал низа јавни културни институции, меѓу другото и градската Галерија на современата уметност, претходник на денешниот Музеј на современата уметност, но во средината на педесеттите заради несогласувањата со политичката линија на КПЈ сосема се повлекол од политиката и заминал во Задар. Таму умрел многу брзо, уште 1959 година, така што 12 годишниот Младен со мајка му Нада, братот Свен и сестрата Весна се преселил во Загреб. Со оглед на немилоста кон татко му, би било погрешно да се каже дека Стилиновиќ бил привилегирано дете на „црвената буржоазија“. Неговата позиција била сè само не пријатна, а создавањето критичка, нерепрезентативна уметност во околностите на доминација на апологетската, глорификувана уметност остварена преку споменичката пластика и големите државни нарачки, не била лесна задача. Но, тој творел неуморно. Стилиновиќ не зборувал многу за тоа, освен ако го прашале. А во последно време на дневен ред доаѓале и таквите прашања. Во јавното интервју кое пред преполната сала во берлинскиот Haus der Kulturen der Welt со него го водеше Борис Буден, голем број прашања се вртеа токму околу валоризацијата на уметничкото творештво и материјалната база за уметничкото производство.

Со смртта на Младен Стилиновиќ заврши една ера во хрватската современа уметност, како што изјави уредништвото на списанието Животот на уметноста. И имаат право. Заврши ерата на мрзеливите, сиромашни, самоуки уметници кои имаат време да се занимаваат со уметност. Настапи период на комодификација на уметноста, или со зборовите на Стилиновиќ, доминација на уметници од Западот кои се преокупирани со сосема неважни нешта – производството, промоцијата (и самопромоцијата, додавам), системот на музеи, системот на галерии, системот на натпревар (кој е прв), објектите. Смртта на Стилиновиќ нè оддалечи од мрзеливоста, од самата уметност.

(1) Од Манифестот на револуционерната организација Црвена правда.

Слики: Младен Стилиновиќ

Извор: http://lemondediplomatique.hr