Чеченскиот владетел сака да ја ублажи сликата за себе

14.01.2017 12:00
 Чеченскиот владетел сака да ја ублажи сликата за себе

Рамазан Ахмадовиќ Кадиров, водач на Чеченија, на натпревар за боречки вештини, настапува на реално шоу, со поддршка на Кремљ

Кавкаскиот господар на војната, вљубеник во боречките спортови, страв и трепет за секоја опозиција – Рамазан Ахмадовиќ Кадиров, автократскиот водач на немирната планинска република, сака да го убеди остатокот од Русија дека сликата за него е потполно погрешна.

Чеченскиот водач Кадиров оваа есен настапува на реалното шоу „Екипа“, слично на „Приправник“ кое му ја зголеми славата на Доналд Трамп. Од шеснаесетмината млади руси ќе одбере едeн кој ќе му стане помошник.

Лидерот на Чеченија, можеби најпознатиот руски политичар по Владимир Путин, почнува една епизода од шоуто со објаснување зошто мора да ја промени сликата за себе.

„Луѓето веруваат дека сликата за мене ја создадоа либералите, дека сум страшен, дека ќе го убијам секој кој ќе каже нешто за мене, дека ќе ги однесам во темница и ќе ги избодам“ – вели Кадиров. „Тоа го измислија народните непријатели, непријателите на нашата земја кои знаат дека додека јас сум на Кавказ, специјалните служби на Европа и Западот нема да можат ништо да променат“ – изјавил мислејќи на официјалното убедување дека Запад сака да предизвика промена на режимот во Русија.

Четириесетгодишниот Кадиров очигледно ужива во подdршката на Кремљ со помош на државната телевизија која ја емитува оваа очигледна реклама.

Една можна причина е економската криза. Чеченија со 1,4 милиони жители Кремљ го чини околу милијарда долари годишно во субвенции, пресметал еден известувач од куќата RBC. Москва неодамна објави дека Чеченија ќе мора да се соочи со намалувањето на федералниот буџет.

Судејќи според ситуацијата, реалното шоу има за цел да ги убеди инвеститорите и руските туристи да ги отворат паричниците во Чеченија, за Москва да не мора да работи.

Разубавената слика ги заташкува и премолчува мртвите критичари и атентати

„Тие се свесни за постоењето на Трамп, свесни се за искуствата на другите луѓе кои ги користат медиумските стереотипи за својата политичка кариера“ – вели Григориј Шведов, уредник на интернетската служба вести „Кавкаски јаз“. „Очигледно е дека ова е политички маркетинг“.
„Екипа“ го прикажува Кадиров како некакво добродушно плишано мече. Го премолчува агресивниот исламизам и неговата кампања за исламизација.

Вo емисијата тој пушта стадо елени во дивината и бере полско цвеќе. Кадиров ја користи телевизијата и за задушување на незадоволството, на тој начин што јавно ги понижува критичарите на своето владеење. „Има многу злоупотреби“, стои во неодамнешниот подробен извештај на групата Human Rights Watch.

Надвор од домет на камерите, критичарите исчезнуваат, а некои се пронајдени мртви. Чеченската сила на безбедност ја поврзуваат со атентатите во Русија и странство, а најновиот пример е убиството на Борис Њемков, водечки критичар на претседателот Путин, застрелан во близина на Кремљ во 2015 година.

Каква и да е целта на „Екипа“, поголем дел од аналитичарите велат дека Кадиров тешко може да стане претседател на Руската Федерација бидејќи е муслиман и не е етнички Русин.

Но, Путин нема очигледен наследник, а некои замислуваат дека Кадиров, ако преносот на власта биде хаотичен, би можел да влета и да изјави дека воведува ред за доброто на Русија.

Генерации на руски уметници го прикажуваа Кавказ како насилен, но најтрајниот впечаток можеби се содржи во песната на Михаил Лермонтов „На Кавказ“ која почнува вака: „Кавказ! Далечна земјо! Дом на едноставната слобода! Полн тага и извалкан од крвта на војната...“

Слика: Сергеј Пономарјов

Извор: The New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото