Дојде моментот за разделба

20.07.2017 16:48
Дојде моментот за разделба

Паричникот на татко ми

Дамна пред да мисли на сопствената смрт,
татко ми рече дека би сакал да почива крај
своите родители. Баш му недостасувале
откако веќе ги нема.
Го рече тоа доволно пати за мојата мајка да запомни,
и јас да запомнам. Но кога здивот
исчезна од неговите гради и сите знаци на живот
исчезнаа, тој се најде во град
512 милји оддалечен од местото каде што најмногу сакаше да биде.

Мојот татко. Дури и во смртта беше немирен.
Дури и мртов мораше да тргне на тоа последно
патување. Цел живот сакаше да лута,
и сега остана уште едно место за заминување.

Погребникот рече дека тој ќе ја среди работата,
бидете без грижа. Некое бедно светло
од прозорецот паѓаше врз правливиот под
каде што тоа попладне чекавме
додека човекот не излезе од другата соба
и ги свлече гумените ракавици.
Донесе јак мирис на формалдехид.
Бил крупен човек, рече погребникот.
Потоа почна да ни раскажува зошто
сака да живее во тој мал град.
Човекот кој штотуку ги отвори вените на татко ми.
Колку тоа ќе чини? реков.

Извади нотес и молив и почна
да пишува. Како прво, трошоците за подготовка.
Потоа превоз на останките 22 центи по милја.
Но тука беше патот таму и назад за погребникот,
не заборавајте. Плус, да речеме, шест оброци
и две ноќи во мотел. Уште нешто сметаше.
Додадете 210 долари посебни трошоци за
неговото време и трудот, и тоа е тоа.

Мислеше дека можеби ќе се буниме.
Врз обата образи имаше румени
петна кога погледна во нас
од своите бројки. Истото бедно светло
паѓаше во истиот беден простор врз
правливиот под. Мајка ми кимна
како да сфаќа. Но ни збор не сфаќаше.
Ништо од тоа за неа немаше никаква смисла,
почнувајќи од моментот кога излезе од дома
со мојот татко. Знаеше само дека ќе ја
чини пари, што и да се случуваше.
Посегна во чантичката и го извлече
паричникот на татко ми. Ние тројцата
во малата соба тоа попладне.
Нашиот здив влегува и излегува од нас.

За момент ѕверевме во паричникот.
Никој ништо не рече.
Целиот живот исчезна од тој паричник.
Беше стар, искрзан и валкан.
Но тоа беше паричникот на татко ми. И таа го
отвори и погледна внатре. Извади
полна дланка пари кои ќе заминат
на последното, најчудно патување.

Анатема

Целата куќа патеше.
Мојата жена, јас, двете деца, и кучето
чиишто кученца беа родени мртви.
Нашите врски, такви какви што беа, изумреа.
Мојата жена ја отфрли љубовникот,
едноракиот учител по музика кој беше
нејзиниот единствен контакт со надворешниот свет
и со работите на духот.
Мојата девојка рече дека веќе не може
тоа да го трпи, и се врати кај мажот.
Ни ја затворија водата.
Целото тоа лето куќата се вареше.
Стеблата на праските се исушија.
Нашата мала леа со цвеќе беше згазена.
Кочниците откажаа на колата, акумулаторот
цркна. Соседите престанаа да зборуваат
со нас и ни ја затвораа вратата в лице.
Продавачите ни ги враќаа неважечките чекови ‒
а потоа престана да пристига и поштата.
Само шерифот ќе се пробиеше до нас
од време на време ‒ со едното или другото
наше дете на задното седиште,
коешто молеше да го води каде
било, само не ваму.
А потоа глувци во чопори навалија во куќата,
следени од едно дебело змииште. Мојата жена
ја затекна како се сонча во дневната соба
крај мртвиот телевизор. Посебна е приказната
како таа се справи со тоа. Ѝ ја отсече главата
веднаш тука на подот.
Потоа ја располови откако оваа продолжи
да се извива. Видовме дека веќе не можеме
да издржиме. Бевме победени.
Сакавме да паднеме на колена
и да кажеме прости ни ги гревовите, прости ни ги
животите. Но беше предоцна
Предоцна. Немаше кој да нè чуе.
Моравме да гледаме како ни ја рушат куќата,
како го преоруваат теренот, а потоа се
разиjдовме во сите четири насоки.

Доцна ноќ со магла и коњи

Беа во дневната соба. Се простуваа.
Загубата им ѕвонеше во ушите.
Сешто беа поминале заедно, но сега
не можеа понатаму. Освен тоа, за него
постоеше друга. Солзи течеа
кога коњот исчекори од маглата
во дворот. Потоа уште еден, и
уште еден. Таа излезе и рече:
„Од каде дојдовте вие, драги коњи?“
и отиде меѓу нив, плачејќи,
допирајќи им ги сапите. Коњите почнаа
да пасат во дворот.
Тој сврте два броја. Првиот беше
на шерифот. „Надвор има нечии коњи.“
Но беше тука и другиот број.
Потоа ѝ се придружи на жената во
дворот, каде што заедно им зборуваа
и ги галеа коњите. (Што и да се случувало,
сега се случувало во некое друго време.)
Коњите ја испасоа тревата во дворот
таа ноќ. Црвеното ротационо светло
блесна кога автомобилот изнурна од маглата.
Гласовите допираа од магла.
На крајот од таа долга ноќ,
кога конечно меѓусебно се прегрнаа,
нивната прегратка беше полна
со страсти и спомени. Обајцата се присеќаваа
на младоста на другиот. Сега нешто завршуваше,
нешто друго брзаше да го заземе своето место.
Дојде и моментот за разделба.
„Збогум, оди сега“, рече таа.
И автомобилот си заминува.
Многу подоцна,
се беше сетил дека водеше ужасен
телефонски разговор.
Кој траеше и траеше,
проклетство. Се сведе
на тоа. Остатокот од неговиот живот.
Проклетство.

Сеќавање (1)

Кинејќи ги петелките од јагодите
во кошничката - први
пролетва - и однапред радувајќи се
како ќе ги јадам вечерва, сосема
сам, за промена (Тес беше отсутна),
се сетив дека бев заборавил да ѝ ја
пренесам пораката кога разговаравме:
некој чиешто име го заборавив
се јави за да каже дека бабата
на Сузан Пауел починала, ненадејно.
Им се вратив на јагодите.
Но се присетив на нешто додека
се возев од продавницата. Девојче
на ролшуи по патот беше
влечено од еден голем пес со доброќуден
изглед. Ѝ мавнав.
Ми одмавна. И тогаш остро
му подвикна на песот, кој постојано
душкаше по миризливата трева што
расте од ендеците крај патот.

Надвор е сега речиси мрак.
Јагодите се ладат.
Малку подоцна, кога ќе ги изедам,
повторно ќе се потсетам - без посебен
редослед - на Тес, девојчето, песот,
рошуите, сеќавањето, смртта, итн.

Слики: Даниел Џеси Луис
Избор и превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото