Мексиканската мафија е најсурова во светот

28.07.2010 13:58
Мексиканската мафија е најсурова во светот

Наркокартелите од Мексико ги надминаа сите мафии во светот по својата суровост, иако граѓаните во нив понекогаш гледаат модерни Робин Худовци.

Оние кои страдале од куршум се сметаат за среќници. Повеќето завршуваат во локва крв, со отсечена глава, без раце и нозе, па дури и без јазик. Мексиканската мафија со задоволство убива со мачети, бидејќи крвта претставува најголемата опомена.

Во средината на јули „одредот на смртта“ стигна на роденденската забава во Тореон. Убиј ги сите, рекол едниот гангстер. Следеле пукотници: 18 мртви, 17 ранети. Пукале во „сè што мрда“.

Мексиканските мафијаши станаа најсуровите во светот. Дури и синот на Пабло Ескобар, до неодамна најозлогласениот наркобос во светот, деновиве изјави дека во споредба со мексиканските ѕверства колумбиската мафија од времето на неговиот татко била „нежна“. Во пресметките меѓу нарко-картелите, како и во оние меѓу мафијата и полицијата од 2006 г., откако Филипе Калдерон стана претседател и им објави војна на господарите на дрогата, настрадаа околу 25 000 луѓе. Само оваа година беа убиени нешто повеќе од 7 000.

„Убијците од тој свет им ги отсекуваат главите на жртвите и ги поставуваат на влезовите од јавните институции, пред зградите на новинарските куќи, ги ставаат на крстови, а еднаш дури фрлија пет черепа на подиумот за танц во еден бар во Мичоакан“, објаснува новинарот на мексиканскиот весник „Миленио“, Диего Осорно, кој го следи криминалот. „Едната жртва ја обесија на влезот на трговскиот центар. Други исекоа на парчиња и ги напикаа во куфер.“

Мексиканските наркодилери немаат милост кон конкуренцијата и предавниците. Сè е дозволено во војната за територија, во борбата за контрола на патиштата низ кои дрогата се криумчари за САД, најголемиот пазар за наркотици, вреден 25 милијарди долари годишно. Неодамна полицијата најде куп трупови во Монтереј. Околу 20 луѓе биле измачувани, запалени, а потоа закопани. Во Такска беа откриени 55 тела во напуштен рудник за сребро.

„Мексиканските мафијаши на своите противници им ги вадат очите, им ги сечат рацете и нозете, па и јазикот. Се случува со автомобили или коњи да ја растрегнат жртвата и деловите од телото да им ги фрлат на дивите кучиња“, вели Диего Осорно.

Минатиот месец во близина на Канкун полицијата пронајде шест тела на кои им биле отстранети срцата. Во градот Синалоа беа откриени три отсечени глави на хаубата на автомобил, додека телата биле пикнати во неговата внатрешност. Три тела, со врежан знак Z, знак за картелот Зетас, неодамна висеа од мостот во Куернаваки. Овој град е претесен за сите негови дилери, но жителите не се сигурни дека проблемот се наоѓа само во мафијата. За феноменот на робинхудовската поддршка која одредени наркобосови ја имаат меѓу народот сведочи и Сули Матос, студентка по англиски јазик од овој град.

Моите сограѓани понекогаш се на страната на мафијата бидејќи таа често ги штити од корумпираните власти. Дилерите им даваат пари на сиромашните и сакаат да им помогнат кога им е потребно на луѓето, па затоа граѓаните се решаваат да им помогнат на наркодилерите, ги кријат и слично“, објаснува Матос. „Криминалците најчесто не убиваат обични граѓани, туку се убиваат меѓусебно и сакаат да ја заплашат владата. Ние немаме доверба ни во полицијата, ни во владата бидејќи се корумпирани и ги ослободуваат криминалците“, додава таа.

Всушност, мафијашите знаат да го покажат и своето друго лице. Често во рестораните им ги одземаат мобилните телефони на сите и забрануваат влегување и излегување, а потоа мирно вечераат, и кога ќе тргнат накај дома, повторно им ги враќаат телефоните, им се заблагодаруваат на гостите за соработката, им посакуваат добра ноќ и ја плаќаат сметката за сите.

Но од каде толкавите ѕверства? Зошто, едноставно, Мексиканците не ги убиваат само доушниците и ривалите? Постојат неколку причини: преку насилството кон соперниците младите членови ритуално се воведуваат во подземјето, се заведува ред и дисциплина, а не треба да се заборави ни традицијата на Мексиканците преземена од измешаните обичаи на Ацтеките и Шпанците кои со страшна смрт го казнувале секој престап.

„И денес, кога борбата меѓу клановите е заострена, кога битката за крвавите пари од дрогата и проституцијата е сурова, монструозноста е она по што Мексиканците се издвојуваат и што им дава моќ да пустошат низ Јужна Америка“, вели Марко Лопушина, автор на неколку книги за мафијата.

Диего Осороно верува дека мексиканската мафија е сурова поради други причини. „Тие сакаат да ги заплашат полицијата, ривалите и граѓаните, и да им дадат до знаење дека ако се чепкаат со нив, ќе бидат ликвидирани на најстрашниот начин. Тоа е стилот кој го наследија од полицијата која ја убиваше и ја измачуваше опозицијата за време на авторитарниот режим. Сегашните наркобосови доаѓаат од редовите на старата полиција“, тврди Осорно. Според него, картелот Зетас е основан од политичарите и војниците.

Последниве неколку месеци беа убиени неколку полицајци, еден кандидат за гувернер на сојузна држава, кандидат за градоначалник на град кој се граничи со Тексас и, она што посебно го привлекува вниманието, почнаа да користат автомобили-бомби.

Впрочем, како што забележува тамошниот писател на книги за мафијата, Елмер Мендоза, мексиканските картели ја менуваат тактиката и сè повеќе и’ се закануваат на државата со тероризам, а не го почитуваат ни правилото да не се убиваат жени и деца. Поради одмазда, бандата Зетас неодамна упадна во куќата на еден војник кој учествуваше во нападот на нивниот водач и ги уби сите кои ги затекна внатре, вклучувајќи ги и жените. Последните неколку месеци беа убиени 12 полицајци, а нивните тела беа фрлани долж автопатот во Мичоакан.

Педро Иснардо де ла Круз, стручњак за нарко-каналите во Мексико, вели дека неговата земја сега се наоѓа во предворјето на „новиот вид насилство, покрваво и посмртоносно“. Бомбите подметнати под автомобилите кои убиваат сè наоколу, велат стручњаците, само претставуваат нова метода на мафијата уште повеќе да ги заплаши владата и граѓаните. А фантазијата – како што се покажа во меѓусебните пресметки – им е неисцрпна.

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото