Презентација на Акто фестивалот во Белград

29.11.2017 16:25
Презентација на Акто фестивалот во Белград

Филип Јовановски, визуелен уметник и Ивана Васева, кураторка се дел од програмата „Добри практики“, на галеријата Ремонт во Белград.

Нивната презентација на 29 ноември, со наслов „Акто фестивал како програма која креира контекст“, главно се фокусира на предизвиците и прашањата: како систематски да се создаде pop-up формат, како да се иницираат и имплементираат нови стратешки потези во областа на културата на локално и регионално ниво?

За програмската цели на Добри практики, од тимот на галеријата Ремонт велат:

„Проектот „Добри практики" беше создаден од желбата да се укаже на клучните регионални феномени (поединци, организации) кои долго време ја преживуваат нестабилната клима на овие подрачја , кои имаат богато искуство и со својот пример и делување влијаат на општествените промени, започнуваат и иницираат нови иницијативи. Преку промовирање на примери за добра уметничка практика, исто така сакаме да ги охрабриме и поддржиме новите генерации бескомпромисно да се борат за нивните идеи.
Второто по ред претставување во рамки на оваа програмска линија е посветено на АКТО фестивалот за современа уметност кој од 2006 година се одржува во Битола, Македонија.


АКТО е една од најзначајните културни манифестации како на локално така и на регионално ниво, посветен на пронаоѓање на нови форми на еманципација, како и нови начини на ангажирање на локалната заедница, волонтери и млади луѓе во фестивалот.

На кој начин да се организираме колективно, на кој начин можеме да се појавуваме „неочекувано” на места каде ќе промовираме современи ангажирани уметнички проекти и практичари? Дали граѓанска иницијатива од овој тип може да биде посилна од една јавна институција и да овозможи да се чуе гласот на рзочараните граѓани во една политизирана општествена клима во земјата? Може ли еден фестивал да биде катализатор на зацврстување, оснажнување, артикулација и отпор и во соработка со локалните актери да ги решава проблемите во нивната локална средина? “

Изминатите години АКТО фестивалот се соочуваше со доста потешкотии во својата локална средина, кога на неговиот десетгодишен јубилеј не доби финансиска ниту пак инфраструктурна поддршка од општина Битола, што несомнено ја отежнуваше но и повторно ја ставаше на тест спремноста на локалната средина да ја прифати културата како двигател на општествени промени.

Од минатата година (2016 год.) АКТО се појави во нов формат на POP UP AKTO фестивал, како тригодишна целина во која покрај Битола се оддржува и во други градови во Македонија (Скопје, Штип, Тетово).
АКТО фестивалот за современа уметност е во организација на организацијата за уметност и култура ФРУ - Факултет за работи што не се учат (Битола / Скопје).

 

ОкоБоли главаВицФото