Das ist Walter

02.11.2018 16:52
Das ist Walter

 

 

– Од каде ти? – прашуваат во еден глас, додека целата задишана се приближувам до касарната.

– Онака – вдишувам длабоко, спуштајќи ги рацете на колена – Од каде вие?
– Ние сме одовде – се смее Мрва.

– Па, ебаго, и јас сум – пробувам да вдишам колку што можам повеќе, додека тие им се смеат на моите маки.

– Тоа ти е затоа што не доаѓаш често ваму – вели Белма и се поместува настрана за да ми направи место.

***

Ние сме деца од Јајачка. Нашата улица го носеше името по касарната околу која го поминавме детството. Касарната што е палена, градена, уривана, претворена во црна гнојна рана од која ползат змии долги и до половина метар. Имаше таа и свои славни денови. Во еден филм што го сакавме.

– Јас.

– Нема. Јас.

– Сакам јас.

– Јас, јас ќе кажам: Das ist Walter!

Така изгледаа нашите кавги, на децата од Јајачка, во меѓусебната борба за улогата во последната сцена од славниот филм. Имавме сѐ: панорамата на градот под нас, касарната зад нас. Наместо камера, десетина окца што те гледаат додека ги изговараш тие важни зборови. Понекогаш ќе имавме и поголем аудиториум. Пред групичка војници кај стражарницата најмногу се фалевме со своето глумење. Ќе добиевме аплаузи, некогаш и чоколатца.

Ги сакавме регрутите, од кои дознававме повеќе отколку на часовите по природа и општество – колку е голема и убава нашата татковина. Често ќе нѐ замолеа да одиме до гранапот да им купиме цигари, сокови или кекс. Ќе ги провлечеа прстите низ густите решетки на прозорците од спалните и ќе ни дадеа пари. Со полни кеси ќе дотрчавме до капијата и така им ги доставувавме ситните намирници. Кусурот ќе ни го оставеа за мастики.

Имаше и недоразбирања. Кога си игравме пицигин*, имагинарниот гол ќе ни беше некој од ѕидовите на спалните. По неуспешните предупредувања, разбудените војници низ решетките на отворените прозорци ги протнуваа врвовите на своите гумени црева од кои на улицата бликаше вода. Во знак на одмазда ние ќе украдевме од дома свежи јајца, па ги фрлавме кон спалните. Војниците ќе нѐ пцуеја, ни се закануваа со воен суд, со генералите. Како глувци пред мачка ќе се разбегавме по куќите и ги гризевме усните од страв дека некој генерал ќе дојде да нѐ апси.


***

Ѕидот ги грее грбовите на нашите возрасни тела, ги подгрева сеќавањата во нашите уморни умови. Никој веќе не прашува од каде јас. Зборовите нѐ влечат наназад, кон Валтер, кон војниците, кон пиздариите што ги правевме. Ѕиркаме во дворот зад капијата, во кој низ пукнатините на бетонот ползат некои чудни тревки. Има тука и ѓубре, ’рѓа, кучешки гомна и толку празнина, што морници нѐ лазат по кожата. Мрва, чија куќа е веднаш спроти касарната, вели дека ноќите се најлоши. Тогаш лаат и завиваат кучиња, мачки се парат, ветрот фучи, удира во тешките железни решетки, кои цивкаат, прастарите каси на вратите чкрипат. Таквата небиднина ги плаши живите. Никој не се осмелува да влезе внатре, особено откако се тука змиите. Денес сите се плашиме од касарната.

***

Понекогаш војниците, во потрага по малку разонода, ќе извадеа неколку ќерамиди од покривот и тивко, додека ние ги гледаме одоздола без здив, се лизгаа еден по еден низ лабавиот олук, како џиновски капки дожд. Умиравме од страв некој генерал да не ги види и да не ги обвини за дезертерство, а нас затоа што сме го премолчеле кршењето на воените правила.

Сепак, еднаш баш се испреплашивме. Не се сеќавам кое годишно време беше, ама знам дека времето беше убаво. Едо и јас појдовме на Мејдан нешто да купиме, кога одненадеж на дното на улицата зачувме силен тропот на војнички чизми. На тоа немаше ни да се свртиме – навикнавме војниците често да одат на вежби – да не ги здогледавме како со страшно сериозни лица маршираат под полна воена опрема, со шлемови на главите. Застанавме, се погледнавме и газ преку глава потрчавме низ улицата, дерејќи се на цел глас: „Германци! Германците напаѓаат!“

Станаа пискотници и вресок. На некои баби им се слоши кога го чуја нашето дерење. Помислија дека некое дете настрадало. Цел ден владееше вонредна состојба во Јајачка. Целиот комшилук се слеа во на Еди авлијата. На прашањето од каде ни е идејата дека Германците напаѓаат, залудно објаснувавме дека во сите партизански филмови Германците имаат шлемови, а нашите само капчиња. На Еди цел месец му беше забрането да гледа телевизија, а возрасните наредните денови ги надгледуваа нашите дружења, да не се случи некоја нова конспирација.

А за конспирациите долго време ништо не знаевме.

Никој не го забележа заминувањето на војската, освен кога низ улицата се пуштија два парадни тенка.

Тогаш војната веќе беше почната.

Касарната потоа беше скривалиште, па повторно касарна.

Не памти никој ни кога е повторно иселена. Кога се урнала?

Кога почна да ни го раѓа тој силен страв? Кога ли пораснавме?

Престанавме да се дружиме? Да се среќаваме?

***

Телата ни се стопуваат едно со друго, во пролетниот ден додека седиме пред нашата касарна. Молчејќи гледаме во градот под нас. Сонцето пржи, брише сѐ пред себе. Не ги забележуваме покривите на куќите, зградите, луѓето на улиците. Како што не забележавме ни кога си отиде Валтер.



*Вид игра со топка што најчесто се игра во вода. Нешто слично на нашата американка (заб. на прев.).


Превод: Ѓоко Здравески

Фотографиите се од филмот „Валтер брани Сарајево“ (1972)

Извор: Лејла Каламуиќ - ВИКАЈТЕ МЕ ЕСТЕБАН (Блесок, 2017)

За авторката
Лејла Каламуиќ е родена во Сараево во 1980 година, и сè уште живее таму. Дипломирала на Катедрата за филозофија и социологија. Авторка е на збирките раскази „Анатомија на насмевката“ и „Викајте ме Естебан“. Објавува проза, есеи и критика во списанијата и на веб порталите во Босна и Херцеговина и во регионот.

 

Слични содржини

Книжевност
Квир / Книжевност
Квир / Книжевност
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото