Богородичната црква во Париз

16.04.19 03:14

Париските пожарникари ноќеска успеаја по неколку часа гаснење на пожарот во катедралата Нотр Дам, да ја сочуваат конструкцијата на објектот во целина.

„Можеме да кажеме дека конструкцијата на Нотр Дам е спасена во целина“, изјави Жан-Клод Гале, командант на пожарната бригада и додаде дека огнот е речиси изгаснат.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Лоран Њунез изјави дека и понатаму се внимателни во проценките, но се „многу поголеми оптимисти“ отколку претходно.

Пожарот го гаснеа повеќе од 400 пожарникари кои успеаја да спречат ширење на огнот на северната камбанарија на Богородичната црква.

Според првичните информации од истрагата, најверојатно пожарот не бил намерно подметнат.

Пожарот првично го зафати поткровјето, по што се урна дел од кровот и врвот на централната кула што го држеа четири столбови високи 93 метри.

Изградена во 12. и 13. век, Нотр Дам (Богородичната црква) е една од најславните готски катедрали од средниот век, како и еден од најомилените објекти во светот, а ја посетуваат околу 14 милиони туристи годишно. Сместена на Иј де ла Сите, остров во Сена, архитектурата на катедралата е прославена, а меѓу бесценетите уметнички дела се витражните прозорци од розево стакло и католички реликвии, како Круната од трње, која повремено се изложува, особено секој петок за време на велигденските пости. Катедралата е овековечена и во делото на Виктор Иго „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од 1831 и долго време е предмет на фасцинација во популарната култура и на традиционалниот уметнички свет.

Извор: You tube

ОкоБоли главаВицФото