Твитер револуција (1)

05.11.2010 15:48
Твитер револуција (1)

Еден понеделник во 16:30 часот, на 1-ви февруари 1960 г., четири студенти седеа на шанкот на кој се служеше храна во ресторанот Woolworth во центарот на Гринсборо, Северна Каролина. Тие тогаш беа студенти на прва година, на Земјоделскиот и техничкиот факултет на Северна Каролина, црнечки факултет кој од центарот на градот е оддалечен околу 1,5 км. „Ве молам, едно кафе“, и’ рече едниот од нив, Езел Блер, на келнерката. „Не послужуваме црнци“, му одговори таа.

Шанкот во ресторанот Woolworth беше во облик на латинската буква L и на него можеа да седат 66 луѓе, додека на другиот крај се наоѓаше мезе бар каде што се стоеше. Делот за седење беше за белците. Мезе барот беше за црнците. Втората вработена, црнкиња која работеше во кујната, им пријде на студентите и се обиде да ги предупреди: „Вашето однесување е глупаво, неразумно!“. Тие не се поместија. Околу 17:30 часот, предниот влез од ресторанот беше заклучен. Четворицата и понатаму останаа да седат. На крајот излегоа на споредната врата. Надвор се собра група луѓе, вклучувајќи го и фотографот на весникот Greensboro Record. „Утре ќе им вратат студентите од Земјоделскиот факултет“, изјави едниот од четворицата.

До утрото протестот порасна на дваесет и седум машки и четири девојки, главно од истиот студентски дом од кој потекнуваат првите четворица. Машките беа облечени во одела и вратоврски. Студентите ги донесоа и факултетските книги и учеа седејќи на шанкот. Во средата им се придружија учениците од средното црнечко училиште „Dudley High“, па бројот на протестирачи порасна на осумдесет. До четвртокот оваа бројка се зголеми на 300, вклучувајќи и три бели девојки од студентскиот дом Гринзборо, од Универзитетот на Северна Каролина. До саботата на „седенката“ имаше 600 лица. Луѓето излегоа на улица. Белите тинејџери ги виореа знамињата на Конфедерацијата. Некој фрли петарда. Попладнето стигна фудбалскиот клуб од Земјоделскиот факултет. „Еве, стигнуваат разбивачите“, викна еден од белите студенти.

До следниот понеделник, седенките се проширија на Винстон-Салем, кој е оддалечен околу 40 км и Дурхам, на околу 75 км. Утредента им се придружија студентите од Учителскиот факултет „Fayetteville Johnson C. Smith“, од Шарлот, за во средата да им се придружат и оние од факултетот „St. Augustine“ и Универзитетот Shaw, од Ралеј. Во четвртокот и петокот протестот ја премина државната граница, зафаќајќи ги Хемптон и Портсмаут (Вирџинија), Рок Хил (Јужна Каролина) и Чатануга (Тенеси). До крајот на месецот седенките се проширија низ целиот Југ, сè до Тексас на запад.

„Секој студент што го сретнав го прашав како беше во првиот ден од протестот на неговиот кампус“, пишуваше политичкиот теоретичар Мајкл Валзер за Dissent. „Одговорот секогаш беше ист: ’Тоа е како треска. Сите сакаа да учествуваат’“. На крајот околу 7000 учесници учествуваа во протестите. Илјадници беа уапсени, а уште илјадници станаа порадикални. Овие настани од раните 1960-ти прераснаа во војна за граѓански права која го зафати Југот во наредните години на ова десетлетие – а сето тоа се случуваше без е-пошта, смс пораки, Фејсбук или Твитер.

Велат, светот се наоѓа среде револуција. Новите алатки на друштвените медиуми повторно го измислија општествениот активизам. Со Фејсбук, Твитер и сличните мрежи, традиционалниот однос меѓу власта и волјата на јавноста е целосно променет, олеснувајќи им на немоќните меѓусебно да соработуваат, да ги координираат акциите и да проговорат за своите проблеми. Кога десет илјади протестанти излегоа на улиците на Молдавија пролетта 2009 г., за да протестираат против комунистичката влада во таа земја, акцијата беше наречена „Твитер револуција“ бидејќи оваа друштвена мрежа беше користена за собирање на демонстрантите. Неколку месеци подоцна, кога студентските демонстрации го потресоа Техеран, State Department презеде несекојдневен чекор барајќи од Твитер да го суспендира закажаниот ремонт на својата интернет страница, бидејќи власта не сакаше клучната алатка за организирање да биде вон употреба за време на протестите.

„Без Твитер, луѓето во Иран не би чувствувале моќ и самодоверба да се кренат во одбрана на слободата и демократијата“, подоцна напиша Марк Фејфл, поранешен советник за државна безбедност, барајќи Твитер да биде номиниран за Нобелова награда.

Порано активистите се дефинираа според своите цели, а сега според алатките. Фејсбук воините одат на интернет за да се борат за промени. „Вие сте нашата единствена надеж“, и’ рече Џејмс К. Гласман, претставник на State Department, на групата кибер активисти на неодамнешната конференција која ја спонзорираа Facebook, АT&T, Howcast, MTV и Google. „Страниците како Фејсбук на САД им даваат значајна предност над терористите“, изјави Гласман.

Зошто е битно кој има предност на интернет? Дали луѓето кои се запишуваат на својот Фејсбук профил навистина се нашата единствена надеж? А што се однесува до молдавската Твитер револуција, Евгениј Морозов, од универзитетот Стенфорд, тврди дека Твитер имал слабо влијание во Молдавија, земја во која постојат многу мал број корисници на Твитер. А можно е и дека тоа не било револуција, бидејќи протестите – како што сугерира Ејн Ејплбаум во Washington Post – можеби биле исценирани од страна на владата. (Во земја која се плаши од романскиот реваншизам, демонстрантите вееја романско знаме пред зградата на Парламентот.) Во случајот со Иран, луѓето кои на Твитер се занимаваа со демонстрациите главно беа стационирани на Запад. „Време е да се прикаже правилно улогата која ја имаше Твитер во настаните во Иран“, напиша Голназ Есфандиари летово во весникот Foreign Policy. „Просто кажано: во Иран немаше Твитер револуција.“ Според неа, влијателните блогери од Западот, кои ја величаат улогата на друштвените медиуми во Иран, погрешно ја сфатиле ситуацијата. „Западните новинари кои не можеа или не се потрудија да дојдат до луѓето кои беа на местото на настанот во Иран, едноставно наоѓаа информации на Твитер на англиски јазик“, вели Голназ. „Во сето тоа, никој не се запраша зошто луѓето би се обиделе да ги координираат протестите во Иран на некој друг јазик поразличен од Фарси.“

Дел од ваквата грандиозност и можеше да се очекува. Иноваторите имаат обичај да бидат солипсисти. Тие често сакаат насила да ги вклопат сите факти и искуства во нивниот нов модел. Како што напиша историчарот Роберт Дарнтон: „Чудото на комуникациската технологија на сегашноста произведува лажна свест за минатото – дури и во смисла на тоа дека комуникацијата нема историја, или дека не постои ништо вредно за споменување пред ерата на телевизијата и интернетот“. Но во прашање е нешто друго: во претераниот ентузијазам во врска со друштвените медиуми, 50 години по една од највеличествените епизоди на општествените превирања во американската историја, се чини дека заборавивме што е активизмот.

Во раните 60-ти Гринсборо беше место каде што на расната непослушност редовно се возвраќаше со насилство. Четирите студенти кои први седнаа на шанкот беа преплашени. „да дојдеше некој зад мене и да речеше ’Бу!’, јас ќе паднев од столчето“,изјави еден од нив подоцна. Првиот ден, сопственикот на ресторанот го извести шефот на полицијата кој веднаш испрати двајца полицајци во ресторанот. Третиот ден, банда бели силеџии дојде покрај шанкот и надмено застана зад протестирачите, изрекувајќи закани и епитети како „црнчиште“ и сл. Се појави и водачот на месниот Кју Клукс Клан. Во саботата, напнатоста порасна, а некој пријави дека е поставена бомба и целиот ресторан мораше да биде евакуиран.

Опасноста беше уште поголема за време на проектот „Лето на мирот“ од 1964 г. во Мисисипи, уште една од кампањите кои му претходеа на движењето за граѓански права. Студентскиот ненасилен одбор за координација регрутираше стотина северњаци, повеќето белци, неплатени доброволци, да водат „школи на слободата“, да регистрираат црни гласачи и да ја подигнат свеста за граѓанските права на Југот. „Никој не смее никаде да оди сам, посебно не во автомобил и навечер“, гласеа упатствата кои ги добиваа. Во рок од само неколку дена откако стигнаа во Мисисипи, тројца волонтери беа грабнати и убиени, а подоцна летото беа запалени 37 црнечки цркви, додека врз десетина куќи беа фрлени бомби; доброволците беа претепувани, се пукаше врз нив, беа апсени и бркани од камионети полни со вооружени луѓе. ¼ од вкупно пријавените доброволци се откажаа. Активизмот кој го доведува во прашање статус квото – кој ги напаѓа длабоко вкоренетите проблеми – не е за слабаци.

Што ги прави луѓето способни за овој вид активизам? Социологот Даг МекАдам ги спореди лицата пријавени на „Лето на мирот“ кои останаа во програмата со оние кои се откажале, и откри дека клучната разлика не била, како што се очекувало, во идеолошката жар: „сите пријавени – учесниците и оние кои се откажаа – подеднакво се покажаа како длабоко посветени, свесни поборници за целите и вредностите на програмата“. Она што било важно е степенот на лична врска на учесниците со движењето за граѓански права. Од сите доброволци било побарано да дадат список со лични контакти – луѓе за кои би сакале да бидат известени за нивната активност – и се покажало дека учесниците, почесто од оние кои се откажале, имале блиски пријатели кои исто така оделе во Мисисипи. „Активизмот од висок ризик“, заклучил МекАдам, „е феномен на ’силни врски’“.

Овој образец често се повторува. Едно истражување на Црвените бригади, италијанската терористичка група од 1970-те, покажа дека 70% од регрутираните веќе имале најмалку еден добар пријател во организацијата. Истото важи и за луѓето кои им се придружиле на мухаџедините во Авганистан. Дури и револуционерните акции кои делуваат спонтано, како демонстрациите во Источна Германија кои доведоа до падот на Берлинскиот ѕид, се наоѓаат во сржта на феноменот на силните врски. Опозициското движење во Источна Германија се состоеше од неколку стотици групи, од кои секоја имала во просек по 12 членови. Групите имале ограничен контакт со другите, а во тоа време само 13% од Источните Германци имале телефон. Сè што знаеле е дека во понеделник навечер, пред црквата Свети Никола во центарот на Лајпциг, се собираат луѓе за да ја искажат својата лутина кон државата. А она што било пресудно за тоа кој ќе се појави биле „критичните пријатели“ – колку повеќе пријатели сте имале кои биле критични кон режимот, толку поголема била веројатноста дека ќе им се придружите на протестите.

Така што, клучниот факт во врска со четворицата студенти од прва година на шанкот во Гринсборо бил нивниот меѓусебен однос. Двајца од нив биле цимери во студентскиот дом, додека тројца од нив заедно посетувале исто средно училиште. Четворицата криумчареле пиво во студентскиот дом и додоцна во ноќта разговарале во собите на двајцата од нив. Седенката во ресторанот била идеја на едниот од нив, МекНил. Разговарале за тоа речиси еден месец. Потоа тој влегол во собата и ги прашал останатите дали се спремни. Настанала пауза, а МекКејн, еден од останатите, рекол: „Дали сте кукавици?“ Езел Блер собрал храбост следниот ден да побара кафе, бидејќи со него биле неговиот цимер и двајца добри пријатели од средно училиште.

Активизмот кој се поврзува со друштвените медиуми воопшто не е ваков. Платформите на овие медиуми се изградени на слаби врски. На Твитер можете да следите (или да ве следат) луѓе кои можеби никогаш не сте ги запознале. Фејсбук е алатка за успешно управување со познанствата, за одржување врски со луѓето кои во спротивно не би можеле да останете во допир. Поради тоа можете да имате илјадници „пријатели“ на Фејсбук, што никогаш не би можеле да го имате во реалниот живот.

Ова на многу начини е прекрасна работа. И слабите врски имаат свои предности, како што забележал социолог Марк Грановетер. Нашите познајници – не нашите пријатели – се нашиот најголем извор на нови идеи и информации. Интернетот ни овозможува да ги експлоатираме предностите на ваквите оддалечени врски со зачудувачка ефикасност. Тоа е сјајно за ширење на иновациите, интердисциплинарната соработка, поврзувањето на продавачите и купувачите, и останатите видови логистика. Но слабите врски ретко водат во активизам од висок ризик.

(продолжува...)

Извор: The New Yorker

Илустрации: Чарис Цевис

Вториот дел од текстот можете да го најдете овде.

Од друга пак страна, ако еден

Од друга пак страна, ако еден од овие денови ИМА револуција, таа скоро сигурно ќе биде наречена твитер или facebook или барем интернет револуција.

ОкоБоли главаВицФото