Демоните на преродбата

03.12.2010 13:25
demonite-na-prerodbata-3.jpg

сцена 32, ЕНТЕРИЕР, НАПОЛНО МРАЧЕН ПРОСТОР

Собата е во потполн мрак. Не може да се одреди дали е бесконечно долга или завршува неколку метри потаму.

Во собата има ДЕМОНИ. ДЕМОНИТЕ се бледи, голи луѓе прекриени со крв.
ДЕМОНИТЕ носат купчиња балега. Ги фрлаат во средината на темниот простор. Се чини дека немаат причини тоа да го прават. Исчезнуваат и се враќаат со рацете полни гомна. Го фрлаат гомното на купот и го повторуваат процесот.

Не е баш дека ДЕМОНИТЕ само работат. Тие меѓусебно се фаќаат за гзовите, се напаѓаат еден со друг и се обидуваат да се степаат.

Џејсон Робертс, фрагмент од „Злоќудниот грбавец“


Милчо Манчевски е најновиот „гемиџија“ пуштен низ водата на преродбата. Фамилијарниот идеолог-пропагандист (во преродбата идеологијата и пропагандата се едно та исто) без многу да му ја мисли го пушти во Вардар сплавот со Милчота Национале, со добри шанси довчерашниот дворски уметник на Груевски да стане „предавник“ (реката тече накај Грција), а можеби дури и „гемиџија“ (член на омразениот ГЕМ, друштво од кое со гнасење се оградува секој здравомислечки и хипернеутрален Македонец, од типот на претседателот на ЗНМ, Роберт Поповски, на пример).

Не дека славниот режисер на спотови не заслужи пропагандистите на преродбата „да му го бричат со зелено џамче“; Манчевски со своите идиотски спотови (некои од нив и во форма на играни филмови) ја поддржа преродбата, таа идиотска изградба на политичка кулиси, токму во периодот кога груевистите триумфално газеа сè пред себе, ветувајќи ни дека ќе изградат уште поубава и постара Македонија. Манчевски, со својот спотовски, манипулативен, неодговорен и гастарбајтерски македонизам се налепи како мува на гомно врз новиот антички македонизам на Груевски и неговата опскурна дружина.

Зошто фамилијата го истурка од своите редови дечкото што толку ветуваше?! (Груевски и Манчевски - на многумина тоа им изгледаше како маркетиншки пар од сништата, Madman џинови од авенијата Скопје: чиста нарцистичка пропагандна халуцинација, појака и од Матрикс!) Милчо падна заради Мајки. Милчо падна зашто го изигнорира Татко. Не само што не го „испоштува“, туку во својот последен филм Милчо отворено се подбиваше со Таткото (т.е. пастирот) на нацијата. Предавникот и соросоидот (да ми прости Роберт Поповски на ваквите вулгаризми) Жарко Трајаноски отиде дотаму што напиша: „’Мајки’ не е обичен филм. ’Мајки’ е обвинителен уметнички акт против Република Македонија.“ Тоа беше доволно преродбенициве да дигнат рачна, Мишко да застане и да го истовари (накај реката) непослушниот и неблагодарниот „шконтер“ за кого преродбата направи толку многу, а тој и’ се измоча во раширената дланка. „Море марш од тука! За мои пари ќе ме бламираш пред цел свет!“, машки ќе тресне со тупаница по маса, ко за фајронт, фамилијарниот идеолог-пропагандист (инаку човек полн со семејни, професионални, патриотски и морални вредности).

„Мајки“, инаку, е лош филм. Добро е што Манчевски се обидел да се дистанцира од политичките господари, но поетиката и понатаму му е рекламна, површна, заснована врз стереотипи и тривијалности. Рекламата и понатаму е суштината на неговата поетика. (Затоа изгледаше нераскинлива љубовта меѓу Манчевски и Груевски кој, пак, политиката ја разбира исклучиво како пропаганда.) Првата приказна во филмот „Мајки“, на пример, во карактеризацијата на ликовите наликува на карикатура - толку ликовите се еднодимензионални; исто е и со втората приказна - етнолозите личат на залутани статисти од уште една реклама за мобилни телефони, дијалогот меѓу нив е евтин, без вистински релации, а таков е и дијалогот со двајцата старци. Третиот документарен дел, поради манипулативноста, е срам за документаристиката. Сите интервјуирани (никој потпишан со каирон, како да се глумци!) се, на некој начин, исмејани и злоупотребени, што е многу грдо, оти станува збор за крајно деликатни подрачја, кајшто има жртви, осомничени, роднини, одговорни...

Но, гледате, за преродбата воопшто не е битно дали е нешто направено квалитетно или не; битно е само „да го личи“, кулисите да го издржат дневното снимање - после како биде. Филмовите на Манчевски под преродбата не се поразлични од другите „грандиозни“ потфати на груевизмот: „Скопје 2014“, стотиците томови безвредни книги, медицинската опрема, двокатните автобуси и летечките магариња. Како и многу други (Роберт Поповски, на пример) Манчевски со прстот во уста (но со цврсто стегнатиот паричник во задниот џеб) ги гледаше и ги аминуваше летечките магариња на Златниот-Црниот (т.е. Малиот-Големиот) свети Грујо: „Да бе, стварно летаат“. Ќе му дадеа преродбенициве уште толку (не се тие шконтери, широки души се, особено за наши деца!), само изродов да не буташе прст во очи (бар пастирот, бе, мајкуму, да го извадеше од финалната монтажа?!).

Преродбата е нашата мрачна соба во која демоните носат купчиња балега и ги фрлаат во средината на темниот простор. До скоро не знаевме дали собата ни е „бесконечно долга или завршува неколку метри потаму“. До скоро повеќето од нас не ги препознаваа демоните. Малку од малку во последно време почнавме да се загрижуваме поради заморната повторливост на процесот: демоните постојано се враќаат со рацете полни со гомна и одново ги фрлаат гомната на купот. Нè теши само фактот што демоните мораат и да куртулат од работа. Тогаш почнуваат меѓусебно да се штипаат за гзовите и меѓусебно да се напаѓаат. Што е весела слика. Дури и Роберт Поповски знае колку е весела.

„Глобус“, 30.11.10.

слики: Justin Mortimer

Коља направил навистина

Коља направил навистина интересен спој. Духовит текст на едни не толку весели собитија.

Во секој случај само можеме да нагаѓаме за мотивите на Манчевски во моментот кога се асоцираше со преродбените агитпропи. Можеби навистина поверувал дека конечно во Македонија стапила на сцена една кредибилна гарнитура? Многу граѓани си ги испекоа прстите на сличен начин.

Или пак бил доволно вешт знаејќи дека може да заработи на преродбеничкиот копнеж по културна афирмација и пробив надвор од кругот на касабата? Ако е така одиграл маестрално. Со спотовите за ’мајка Македонија’ и ’Аце наш’ си го наполни трезорот, а башка му исфинансираа и еден долгометражен филм, во чија реализација никому не му давал отчети - потполно продуцентски независен.

И покрај неговата донекаде извикана кариера на голем уметник, сметам дека е веќе толку афирмиран и независен да не може да биде стркалан во Вардар. А и Њујорк секогаш му е на располагање за пријатно ’бектсво’ од убавините на Грујоленд и третманот на политичките комесари и иделошките комисии.

Се согласувам со Коља дека Манчевски експресно го врзаа пред стрелачкиот строј на ДаЛаПе, и го придружија на класата непријатели ГЕМаџии. Ама на џелатот само му експлодираше пушката в раце.

Аферим бре Милчо!

Кај Милчота нема џабе ни

Кај Милчота нема џабе ни одљубуење, а камоли заљубуење! Така што, како што некни порача милиот ни и генијален уредник на милиов ни портал: сдсмаши, одврзујте кесите! Милчо се враќа!

Ни код бабе нема џабе! А

Ни код бабе нема џабе! А камоли кај Милчота Национале!:))

Преродбата му финансираше два

Преродбата му финансираше два филма, Сенки и Мајки. Лично пастирот присуствуваше на снимањето на Сенки. Мада Милчо скоро рече дека мајка Македоња и не била толку издашна кон него: СДСМ и ВМРО одвоиле само тричави 19% од целокупниот буџет за неговите досегашни четири филма. Само Милчо не рече колку се тоа 19%? Четири милиони евра?! Толку не добил никој никогаш, за време на целата творечка кариера, во историјата на РМ!

Како бе друже па ја памтам

Како бе друже па ја памтам кога за оној мочан збогум на 21 век на митевски и оној другиот режисер како ли се викаше добија миЉон марки од СДС. Во иста година или година претходно СДС не му даде ни пет паре на Милчо за Пред дождот.

Абе Вагнер, ти се чудам на

Абе Вагнер, ти се чудам на умот, генијалците од есдесето уште пред 16 години го прокљувиле шконтерот! Вие стално доцните... (ил преурануете, јебига...)

Могуќе Латас, кој тогаш беше

Могуќе Латас, кој тогаш беше во есдесето, да го прокљувил шконтерот, уштев тогаш?! Абе што ти е континуитет и стаменост - Латас гение! Отсекоаш принципиелно бил на права страна и немало трте-мрте со дивот на преродбата! Ќе да било, така, без заебанција: Латас не даал, али у последен миг идиотот Бранко му џитна некоја сиќа на јадниов Милчо, колку да му се најде и за Пред дождот...

Кога сме кај филмовите и

Кога сме кај филмовите и режисерите. Каква иронија на судбината! Македонија после 15 години го гледа српскиот ’патриотски’ анти НАТО - анти ЕУ филм на СМ. Сега во римејк на Николај Грујошевиќ. Изгледа српската СПС камарила сега се преселила кај Сфинго и Лаплас и тука воскреснала како птицата Феникс во форма на специјални советници за борба со узурпаторот и берзански шпекулант Корош.

Ептен сме осетливи на

Ептен сме осетливи на партиска пропаганда во коментарите! Затоа ќе бришеме! Со благодарност кон нежните и растреперени души (кои чинот на бришење може да ги вознемири), поздрав!

Pa samiot tekst ako ne e

Pa samiot tekst ako ne e partiski komentar, ne znam sto e. Ili, taka moze?

ОкоБоли главаВицФото