Насилството на режимот е одраз на неговата немоќ

13.12.2010 14:56
Насилството на режимот е одраз на неговата немоќ

Во својот говор Сјаобо ја споредува Кина со песната „Пуста земја“ на поетот Томас Стерн Елиот: „Нацијата која ја игнорира својата младина и своите деца може да ги изгради сите облакодери кои ги сака, но всушност, на тој начин таа само го користи својот подем обвиткан со облаците за украсување на пеколот“.

Говорот, кој го одржа пред две години кога беше награден со признанието за Современ кинески придонес, досега беше објавен само еднаш, во едно илегално кинеско списание. Го одржа само шест месеци пред објавувањето на „Повелба 08“, петиција која на почетокот ја потпишаа 350 кинески интелектуалци, а која повикува на политички реформи во Кина. Ли беше уапсен само неколку часа откако „Повелба 08“ се појави на интернет и сега ја отслужува 11-годишната затворска казна поради „поткопување на кинеската државност“.

Ли во својот говор вели дека затворањето и злоставувањето од страна на властите нема да го поколеба да зборува отворено.

„Фактот дека сум внимателно следен од полицијата за време на последниве 19 години не претставува предизвик за мојата храброст. Кога владата го користи својот апарат за државна безбедност против беспомошните интелектуалци тоа само може да значи дека режимот веќе долго е гнил во своето јадро и дека насилството е само одраз на опаѓањето на неговата моќ“, вели Ли.

Тој во својот говор ги нападна и оние кои се согласиле на спогодба со кинеските водачи, прифаќајќи големо богатство за политичка поддршка од нивна страна, изјавувајќи дека „луѓето кои се нурнати во потрага по богатство или затруени од задоволствата на удобниот живот“ ја прифатиле улогата во „фабрикуваниот карневал“.

Моќта на перото на Ли и елеганцијата и јаснотијата на неговото пишување зачкрипеа по нервините завршетоци на кинеската влада, која сè уште не го изгубила својот вкус за оловна пропаганда, пишува Telegraph.

„Јас не чувствувам срам поради хорското партиско пеење за нивната величина и самофалба. Кога улогата на владата станува пеење на бесконечниот хвалоспев или самовеличење, главната мелодија станува шега на народната песна и звучи како самрак на диктатурата“, вели Ли во својот говор.

Кариерата на овој нобеловец е обележана со неговата непоштедлива искреност, како и по критиката за рамнодушноста на кинеското општество, „цинизмот“ на неговите интелектуалци и кукавичлукот на оние Кинези кои ја напуштиле државата.

„Кога оние кои молчеа за време на годините на терор ќе го кренат својот глас до максимум по напуштањето на земјата, тоа е само чин на кловн кому безбедноста му е загарантирана“, вели тој.

Меѓутоа, во својот говор Ли исто така ги открива и своите длабоки внатрешни превирања и „длабоката тага и срам“ поради своето пишување кое го споредува со „дива трева“ што расте на кинеската пуста земја.

„Декаденцијата пренесена во ’Пустата земја’ на Елиот е како алегорија за нашата модерна цивилизација“, вели тој. „Гледајќи наназад, наоѓам дека на моето пишување е втиснат печатот на растење во културната пустина, обележано со фрагменти кои се преостанати од Културната револуција“, додава Ли. „Многу мои есеи се минливи како облаци и не можат да ја избегнат судбината дека еден ден ќе завршат во ѓубриште“.

Ли вели дека уште од протестот на плоштадот Тјенанмен во 1989 г. се обидува „да се бори и живее со достоинство“, но дека не успеал да го избегне чувството на „живеење во срам, под небесното око“. Наспроти тоа, тој ветува дека ќе ги засили своите писателски напори „за да нема срам пред трагичната песна која мртвите од 4-ти јуни (денот кога се случи масакрот на Тјенанмен) ја компонираа со своите животи“.

Извор: telegraph.co.uk

Слика: Жанг Ксиаоганг