Македонија како Бенарес

17.12.2010 15:28
Македонија како Бенарес

Гледајќи го новиот заплет („пакистанската врска“) во македонската идентитетска сапуница, ми текна како Марк Твен се обидувал да го разбере феноменот Бенарес.

На Твен ме потсети расејувањето на апсурдниот грчко-македонски судир кон тешко пристапните планински зони во Пакистан; македонската држава таму на Хималаите се обидува да докаже дека пакистанското племе Хунзи се „наши“, додека грчката држава не штеди пари да го убеди другото пакистанско племе, Калашите, дека се антички Грци, т.е., се разбира, Македонци (кои се Грци; ова замешателство тешко дека би можеле да го опишат и Монтипајтоновците).

Марк Твен, значи, зборува за фамозниот град Бенарес и интересно е како неговите зборови пред повеќе од сто години звучат современо и применливо и во нашиот случај. Овде, во регионов, зборот „Македонија“ денес звучи како зборот „Бенарес“ во Индија. А Марк Твен како да го опишува македонско-грчкиот проблем, пишувајќи за градот на североистокот на Индија: „Бенарес е постар од историјата, постар од традицијата, постар дури и од легендата, и изгледа двојно постаро од сето тоа заедно!

Според легендата, Варанаси или Бенарес (древното име), е основан од богот Шива, во еден понеделник, пред многу илјади години, а Буда во предградието на тој магичен Град на светлината ја одржал својата прва проповед по просветлувањето. Велат дека во Варанаси е родено самото време и дека тоа не е град туку состојба на духот.

Ние во Македонија заглавени сме денес, се чини, во некаков апстрактен простор, чардак ни на небо ни на земја, во нешто што не е ниту град ниту држава ниту територија, туку е состојба на раскараниот дух, судир на два „идентитета“ соочени еден со друг како јарци на балван среде некоја хималајска пустелија. Заглавени меѓу „Минатото кое трае долго“ (наслов на книга на југословенскиот надреалист Душан Матиќ) и „Иднината која трае долго“ (истоимена книга на Луј Алтисер). Заглавени во мит, во неподвижно простор-време.

Загрижувачки голем број луѓе заглавуваат во митови во време на големи општествени кризи. Митовите се своевиден екран врз кој групите ги проектираат своите колективни стравови. Бруталното забрзување на процесот на историската еволуција, наглиот распад на културното и социјалното опкружување, растурањето на механизмите на солидарноста и комплементарноста кои го уредуваат животот на заедницата – сето тоа го подготвува теренот за политичката митологизација.
Постојат најмалку три димензии на митот: за антрополозите и историчарите на религијата митот е приповест со тема од минатото, многу силно поврзана со нашите чувства и дилеми за потеклото. Други, пак, митот го гледаат како мистификација, како измама, фантазам или прикривање на вистината. Трети во митот гледаат поттикнувачка сила, нешто што луѓето може да ги придвижи кон дејствување.

Создавањето митови, особено политички, не е зафрканција. Незаборавни се зборовите на еден од големите филозофи на политиката, Ернст Касирер, изречени 1946 во неговата книга „Митот за државата“: „Кога прв пат слушнавме дека се зборува за политичките митови, тие ни заличеа толку сирови, толку смешни, луди и бесмислени што тешко успевавме да ги сфатиме сериозно. Сега знаеме дека тоа беше голема грешка. Не треба да ја направиме и втор пат. И поради тоа е потребно да се пристапи кон внимателното проучување на потеклото, структурата и техниката на политичките митови.“

 

 

 

 

Политиката нераздвојно е поврзана со симболите и со придружните ритуали. Не е можен политички систем заснован само врз рационални принципи, односно ослободен од симболичките конотации. Таква проста политичка работа СДСМ не успеа да сфати од формирањето навака. Моќта на симболите добро ја сфаќаше Љубчо Георгиевски и тоа е една од ретките добри работи што му ја пренесе во наследство на Груевски. За жал, митотворството на Груевски излезе од сите можни рационални граници и се заканува (неговото разбирање на политиката како пропаганда, како постојано создавање и продавање на „добри приказни“) да и’ нанесе трајни историски лузни на македонската идеја за држава. На културен план, во позитивна „митотворечка“ смисла, преродбениците се покажаа застрашувачки тенки, неуки и необразовани - а притоа мошне агресивни и самобендисани; направија парампарче во областа на културната политика или, ако сакате, во областа на државната симболика и идентитетот. На смешка може да се каже дека нашата власт го оживеа славниот париски слоган од 1968 година: „Фантазијата да владее!“ Само што кај нас владее една многу проста, јадна, малограѓанска фантазија, фантазија на кичот, на сиромаштијата која сака да изгледа начаталено (модниот креатор Ношпал со своите унформи-народни носии е најновиот пример за сосема збудаленото национално митотворство; но проектот „Скопје 2014“ е пример без конкуренција - што ќе се изучува по светските факултети за некоја година - до каде оди националистичкото бунило и културниот инженеринг на една примитивна популистичка власт).

Оној кој им се спротиставува на лажните национални митови и на ритуализацијата на политиката најчесто е непопуларен. Што не е добра препорака за политичка кариера. Но, има интересни случаи. Томаж Масарик, славниот основач на Република Чехословачка и еден од најмаркантните политичари на 20 век, бил екстремно непопуларен кога влегол во политиката како човек кој докажал, со жалење но без двоумење, дека биле лажни средновековните манускрипти врз кои биле засновани многу чешки митови.

Извор: Глобус, 14.12.10.

Буда, кому името му потекнува

Буда, кому името му потекнува од македонскиот збор БУДЕН - БУДА, навистина во предградието на тој магичен Бенарес,град на светлината, ја одржал својата прва проповед по просветлувањето. Кога се знае дека само сонцето е постаро од Македонија, Буда може да се каже дека е првиот Македонски просветлител. Затоа и сонцето е земено како симбол на Македонија! Затоа и нашите просветители СДСМ, ја сменија бојата од плаво во жолто, жолто како сонцето, жолто и златно како Буда.

Ohm Namah Shivaya, have a nice day!:)

јако ова браво :)

јако ова браво :)

/me се превртува во гроб.

/me се превртува во гроб.

Недостатокот на

Недостатокот на митологија/митоманија во политичкиот дикурс на сегашната опозиција, според мене е само делумно точна констатација. Нивната национална митоманска генеза е содржана во континуитет со веќе изградените митови од 1945 навака: двата Илиндена, Карпош, Гоце Делчев, Крушевската Република, АСНОМ... Вториот обид (на Груевски, после Георгиевски) на ДПМНЕ да востановат трајна промена на културната матрица (и на економската распределба) е проследена со нови митови: Аце Македонски, Каменот од розета повторно дешифриран, Хунзите и сл. На локалната популација овие митови и делуваа смешно. Сега веројатно такви емоции се предизвикуваат само во странство. Насмевките нас ни се претворија во кисела гримаса.

Всушност во сиромашна средина, каде верувањето и празноверицата се масовно консумирани, преродбеничките митови наидуваат на плодно тло. Секако прашање на увид во вистинскиот став на врвот во преродбеничките кругови е дали тие и самите поверувале во вистинитоста на сопствените пропаганди. Веројатно важноста и делотворноста на митовите и симболите не е навистина толкава како што и припишува Коља во текстот. Поширокиот дел од популацијата ја назира суштината, а и притиснат од решавањето на егзинтенцијалните ребуси, веројатно и не ги забележува измените во ’националниот код’ што во меѓувреме стапиле на сила. Освен тоа, станува збор за веќе де-факто двонационална држава, а овие теми не го засегаат ’помалиот брат’.

За крај (дали) сентенцата Леб и игри е прастара инвенција на човештвото, така впечатливо формулирана од старите Латини?

Гелевски тапа си само 5

Гелевски тапа си само 5 коментари

Edna recenica za Benares i

Edna recenica za Benares i dve strani za stalnata tema na Kolja. A nepovrzano.

ОкоБоли главаВицФото