Почитувана шведска владо

21.12.2010 11:45
Почитувана шведска владо

Поздрав, или како што вие таму велите, Hallå! Знаете, ние овде во САД ја сакаме вашата земја. Вашите коли Волво, месните тркалца, вашиот мебел кој тешко се склопува – никогаш не ни е доста од тоа!

Сепак, една работа ме мачи – зошто Amnesty International, во посебниот извештај, изјави дека Шведска одбива да ја решава вистинската трагедија со силувањата? Всушност, велат дека во цела Скандинавија, вклучувајќи ја и вашата земја, силувачите „уживаат неказнивост“. До истиот заклучок дошле и ОН, ЕУ и шведските групи за заштита на човековите права: Шведска, едноставно, не го сфаќа сериозно сексуалното насилство врз жените. Како инаку би ја објасниле оваа статистика која ја подготви Кетрин Акселсон од организацијата Women Against Rape (Жените против силувањето):

- Шведска има НАЈГОЛЕМ број пријавени солувања по жител во Европа;
- Бројот на силувања се зголемил четирикратно во последниве 20 години;
- Бројот на осудени силувачи? Тој е во постојан пад.

Акселсон вели: „На 23 април годинава, Карина Хаг и Налин Пекгул (парламентарна застапничка и претседателка на женската секција на Социјалдемократската партија во Шведска) во весникот Göteborgs напишаа дека дури 90% од сите пријавени силувања во Шведска никогаш не стигнуваат до суд“.

Ќе повторам уште еднаш: во девет од десет случаи кога жените ќе пријават дека биле силувани, вие воопшто не се трудите да започнете правна постапка. Затоа не е ни чудно што, според Шведскиот национален совет за превенција на злосторствата, статистички е поголема веројатноста во Шведска да бидете силувани отколку ограбени.

Порака до силувачите? Шведска ве сака! Замислете го сега нашето изненадување кога вие наеднаш решавате да го прогонувате Џулијан Асанж врз основа на обвинувањето за сексуално насилство. Односно, најпрвин го обвинивте, а потоа, по истрагата, ги отфрливте најтешките обвинувања и го повлековте налогот за апсење.

Потоа ве притисна конзервативниот застапник во парламентот, и глеј! Се свртевте за 180 степени и повотрно ја отворивте истрагата за случајот Асанж. Само што сè уште не сте го обвиниле за нешто. Го барате само за „испитување“. Значи вие – кои мирно седевте и дозволивте илјадници Швеѓанки да бидат силувани, а силувачите да поминат неказнети – вие решивте дека токму сега е моментот за репресивни мерки против еден човек – оној човек кој американската влада сака да биде уапсен, затворен или (во зависност од тоа кој политичар или јавна личност ги слушате) убиен. Едноставно се случило да сте тргнале да го гоните врз основа на можен „незаконски полов однос, две обвиненија за сексуално злоставување и едно за силување (трет степен)“. И додека илјадници шведски силувачи слободно шетаат, вие тргнавте во меѓународен лов по човекот од широки размери, на Џулијан Асанж, преку Интерпол!

Какви борци против силувањето станавте, шведска владо? Зарем жените во Шведска наеднаш треба да се чувствуваат побезбедно?

Всушност, не. Многумина ве прозреа. Тие гледаат за што, всушност, се работи овде, во случајот на „обвинение без обвинение“. И знаат дека цинично и грозно ги користите реалните и секојдневни закани на кои се изложени жените за да им помогнете на интересите на американската влада и обидите да се замолчи Викиликс.

Не се преправам дека знам што се случило меѓу господинот Асанж и двете тужителки (сето она што го знам го дознав од медиумите, па сум збунет како и сите останати). И жал ми е ако пребрзо донесов заклучоци кои можеби се погрешни, настојувајќи да ја искажам централната американска вредност: сите луѓе се апсолутно невини сè додека пред суд не се докаже спротивното. Цврсто верувам дека секое обвинение за сексуален напад треба енергично да се истражи. Нема ништо лошо во тоа што вашата полиција сака да го испраша Асанж за тие обвиненија, па иако разбирам зошто тој побарал засолниште (луѓето тоа го прават кога им се закануваат со убиство), без оглед на сè, Асанж треба да одговори на прашањата на полицијата. Исто така треба да се тестира за полово преносливи болести, како што бараа наводните жртви. Верувам дека Шведска и Обединетото Кралство имаат спогодба и средства да пратат шведски иследувачи во Лондон за да го испитаат Асанж.

Но вие не го сторивте тоа, не поминавте толкав пат до друга држава барајќи го осомничениот за сексуален напад, како што не сте во состојба да го сторите тоа на сопствените улици и во судниците, со оглед на големиот број пријавени силувачи во вашата земја. Тоа што вие, Шведска, ретко биравте да го правите тоа во минатото, е причина зошто целава работа сега смрди до небо.

И да не заборавиме уште еден конечен заклучок на Кетрин Акселсон од организацијата Жените против силувањето:

„Постои долга традиција на користење на силувањето и сексуалното насилство за политичките агенди кои немаат ништо со безбедноста на жените. На југот на САД линчот на црнците често се правдаше со тоа дека тие силувале или дека само погледнале бела жена. Жените не прифаќаат нивните барања за безбедноста така да се злоупотребуваат, додека силувањето и понатаму се занемарува, во најдобар случај, или дури и се штити, во најлош случај.“

Оваа тактика на користење на силувањето за прогонување на малцинствата или оние кои претставуваат проблем, виновни или невини, додека истовремено се врти главата на друга страна од јасните злосторства како силувањето – е она што, се плашам, се случува во настанов. Сакам да се погрижам добрите луѓе да не молчат и вие, Шведска, да не успеете во својата намера ако сте здружени со корумпираните влади како што е мојата.

Минатата недела Наоми Клајн напиша: „Силувањето се користи за прогон на Асанж на ист начин на кој прашањето за ’слободата на жените’ се користеше за напад на Авганистан. Разбудете се!“

Се согласувам.

Освен ако немате докази (а кога би ги имале, досега веќе би издале налог за апсење), откажете се од барањата за испорачување и зафатете се со работата која долго одбивавте да ја работите: заштитете ги жените од Шведска.

Ваш,

Мајкл Мур.

17 декември 2010

Линк до оригиналот: http://www.michaelmoore.com/words/mike-friends-blog/dear-government-of-sweden

Извор: zamirzine.net

Фотографии: Тереза Влцкова

ОкоБоли главаВицФото