1018 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Пет, 17.05.2024 01:08
Таму волкот од глад
утробата вжештена
со заби си ја кинел.
Таму бегалците од окови
со камен на камен
гроб си копале.
Таму голите мртовци
на трпеза од свои коски
месечината на залаци ја делеле.
Таму елените свадбари
со заплеткани рогови
костури станувале.
Таму на безживотна скрка
маѓесници од свои жили ткаеле
знаме за на свадба.
Младоженец – ветар
невеста – магла.
Зачудо во нивна колепка
(грст земја и надеж)
безимен цвет се отвора.
Ајде да го крстиме,
Сон името нека му е.