За странците и Германците

29.12.2010 16:07
За странците и Германците

Кога станува збор за Германија, 2010 ја обележа досега невидено отворената јавна дискусија. Дојде до вистинска експлозија во полемиката која со години се водеше воздржано. Конечно јавно се призна дека странците не се гастарбајтери, работници на привремен престој. Отворени беа многу прашања како, на пример, колкава интеграција може да се бара од едвај писмениот работник од источна Турција, а колку од академски образованиот жител на Истанбул.

Расправата се засили по осознавањето дека овие вториве, значи, добро образованите и амбициозни странци, и онака ја заобиколуваат Германија. Од ова сознание се роди теоријата според која во Германија исклучиво живеат лошо образовани, неуки странци кои немаат волја ни капацитет за нешто што се нарекува – интеграција.

Иако оваа теорија не е нова, таа во 2010 г. доби нов гласноговорник во ликот и делото на Тил Сарацин, социјалдемократски политичар и поранешен член на управата на Германската централна банка. Неговата книга „Германија се укинува самата себе“ веднаш се најде меѓу најпродаваните, а Сарацин беше учесник во многу јавни и ТВ дискусии. Таму главно се расправаше за теоријата според која иднината на Германија е загрозена поради сè поголемиот број на странци, при шти Сарацин посебно ги истакна оние од муслиманска вероисповест.

Оваа тема не го заобиколи на главниот спортски настан за 2010, СП во фудбал во Јужна Африка. Иако и на минатите првенства за репрезентацијата играа фудбалери чии родители не се родени Германци, годинава германската репрезентација веќе на прв поглед покажа во колкава мера Германија станала мултикултурно општество.

Претставникот на сојузната влада за интеграција, Марија Бемер, не ја пропушти можноста да го нагкласи фактот во јавноста дека 11 од 23 играчи од националниот тим имаат странско потекло.

„Кога малку подобро ќе погледнам околу себе, гледам дека нè има од сите страни. Многумина велат: ’Ние сме Германци, ние припаѓаме овде!’ И затоа сметам дека е многу важно што Месут Озил реши да заигра за германската репрезентација. Тоа беше важна одлука и мислам дека многумина што израснале овде треба да се решат за истото.“

Месут Озил, од турско потекло, и Сами Кедир, со германско-туниско потекло, се два примери за успешна интеграција. Сепак, клучот за успешна интеграција, пред сè, е јазикот.

Кој не го зборува јазикот на земјата во која живее е само пасивен набљудувач. Оние кои ќе го научат јазикот – напредуваат, а и на другите им се дава добар пример“, смета Бемер.

Меѓутоа, шарената германска репрезентација со освоеното трето место на СП во фудбал и мултикултурните маси кои пред екраните на плоштадите на германските градови го следеа успехот на германскиот тим – се едната страна на медалот.

Втората страна се покажа набрзо по СП, кон крајот на август, кога од печат излезе споменатата книга на Сарацин. Всушност, авторот и претходно ја разбрануваше јавноста, главно на сметка на странците, меѓутоа, овојпат привлече внимание со тезите за ниската интелигенција на доселениците од турско и арапско потекло, како и со тврдењето дека „Евреите имаат заеднички ген“. Сепак, не се сите странци на мета на Сарацин.

„Доселениците од Источна Европа, Индија, Кина или Виетнам немаат проблем со интеграцијата. Овие групи се пообразовани и имаат повеќе изгледи на пазарот на труд дури и од Германците. Тие ја облагородуваат Германија, економски, културно и општествено“, вели Сарацин.

Но според него тоа не важи и за 4 или 6 милионите доселеници од муслиманска верописповед. Проблеми со интеграцијата на оваа група имаат многу европски земји.

„Оној кој не е образован, кој доаѓа овде само поради социјалните придобивки, кој со себе го влече многучленото семејство, кој ја одбива нашата култура – тој вечно останува странец и повеќе го чини општеството отколку што придонесува“, заклучува Сарацин.

Ваквите и слични негови изјави возбудија многу духови во Германија. И додека некои се согласуваат со него, префрлајќи му единствено за начинот на кој ги изнесува тие вистини во јавноста – други сметаат дека Сарацин е на сосем погрешен пат. Меѓу нив е и новиот германски претседател Кристијан Вулф кој уште додека ја преземаше функцијата изјави дека во фокусот на неговата работа ќе се најде токму интеграцијата. А во својот прв значаен говор, додека се прославуваше 20-годишнината од обединувањето на Германија, Вулф изјави:

Христијанството несомнено спаѓа во Германија, Јудаизмот несомнено спаѓа во Германија. Тоа е нашата христијанско-еврејска историја. Но, во меѓувреме, и исламот спаѓа во Германија.“

Но, наместо да ги смири, оваа изјава дополнително ги возбуди духовите. Овојпат вознемирени беа конзервативните кругови.

„Ние, како Христијанска унија, сме за доминантна германска култура во земјава. Ние сме против мултикултуралноста. Таа е мртва“, кон крајот на октомври изјави Хорст Зехофер, претседател на Христијанско-социјалната унија.

Расправата околу тоа како да се однесуваме кон странците, посебно муслиманите, продолжи неколку недели подоцна кога германскиот претседател ја посети Турција. Своите критичари дома тој ги стиши со говорот во турскиот парламент чија суштина гласеше: „Христијанството несомнено спаѓа во Турција“. Муслиманите во Германија можат да ја практикувата својата вера, што се гледа по сè поголемиот број џамии. Истовремено, Германија очекува „христијаните во исламските земји да го имаат истото право, својата вера да можат да ја практикуваат јавно, да школуваат свои свештеници и да градат цркви“.

Пред крајот на годината расправата за доселувањето и интеграцијата на странците се смири. Но со оглед на демографската состојба и недостатокот на работна сила во многу сектори, доселувањето е тема која уште долго ќе ја преокупира германската јавност. Оваа тема, како што рече германскиот министер за внатрешни работи, „бара смисла за реалност, поддршка, сталоженост и трпение“.

Извор: deutsche welle

Auslander Raus!

Auslander Raus!

ОкоБоли главаВицФото