Новогодишни одлуки

12.01.2011 15:50
Новогодишни одлуки

Економски гледано, 2010 беше вистински кошмар за обете страни на Атлантикот. Кризите во Ирска и Грција го доведоа во знак прашање опстанокот на еврото и создадоа опасност од должнички банкрот. Во Европа и САД невработеноста упорно останува висока, околу 10%. Иако веќе 10% од американските семејства со станбени кредити ги изгубија своите куќи, изгледа дека темпото на одземање на недвижнините се забрзува.

За жал, американските и европските новогодишни одлуки беа погрешни. Како одговор на неуспесите и расипништвото во приватниот сектор се бара стегање на ременот во јавниот сектор. Исход на тоа ќе биде бавното заздравување и продолженото чекање невработеноста да опадне на прифатливо ниво. Конкуретноста исто така ќе опадне. Додека Кина ја одржуваше својата економија со вложување во образованието, технологијата и инфраструктурата, Европа и САД ги намалуваа трошоците.

Меѓу политичарите стана популарно попувањето за возвишеноста на болката и страдањето бидејќи оние кои ги трпат болките и страдањето – сиромашните и идните поколенија – ретко се слушаат. За да заздрави економијата, некои навистина ќе мора да претрпат малку болки. Но сè поголемата економска нееднаквост јасно покажува кој би требало да биде тоа: приближно ¼ од сите приходи во САД денес одат кај најбогатите, кои сочинуваат 1% од населението, додека на повеќето Американци примањата денес им се пониски отколку пред 12 години. Просто кажано, поголемиот дел од Американците немаа корист од т.н. Голема модернизација, која во суштина претставува Мајката на Сите Меури. Значи, дали недолжните жртви и оние кои немале никаква корист од лажниот напредок навистина треба да платат уште повеќе?

Европа и САД ги имаат истите оние талентирани луѓе, истите суровини и капитал што ги имаа и пред рецесијата. Можеби некои до овие средства беа преценети. Но главно средтвата се сè уште тука. Приватните финансиски пазари ужасно лошо управуваат со капиталот во годините пред кризата, а штетата од лошото користење на ресурсите е уште поголема откако започна кризата. Прашањето е како повторно да ги ставиме во погон овие ресурси.

Реструктуирањето на долгот – гарантирањето на долговите на сопствениците на куќите, а во некои случаи и на државите – ќе биде клучно. Тоа и ќе се случи на крајот. Но одлагањето е многу скапо – и главно непотребно.

Банките не сакаа да признаат дека давале лоши кредити, а сега не сакаат да ги признаат своите загуби, барем не додека не можат да се рекапитализираат низ добивките и огромната разлика меѓу неповолните кредити кои ги одобруваат и рекордно ниските камати по кои се задолжуваат. Финансискиот сектор ќе врши притисок на државите за целосна отплата, дури и кога тоа води кон огромни социјални трошоци, голема невработеност и општествени несреќи – иако тоа е последица на нивното лошо работење.

Но, како што занеме од искуство, има живот и по реструктуирањето на долгот. Никој не би сакал да и’ го посака на ниедна земја она што Аргентина го претрпе во периодот 1999-2002. Но таа земја трпеше и во годините пред кризата – годините на кредити од ММФ и сиромаштија – пред сè, од високата невработеност и сиромаштијата, и нискиот и негативен раст.

Откако го спроведе реструктуирањето на долгот и девалвацијата на валутата, Аргентина со години имаше неверојатен раст на БДП, во просек 9% годишно за периодот 2003-2007. До 2009 националниот доход беше двојно поголем од оној во 2002 г., и над 75% поголем од најголемото ниво пред кризата.

Исто така, стапката на сиромаштија во Аргентина е намалена за ¾ од најголемото кризно ниво, а државата многу подобро мина низ финансиската криза од САД. Можеме само да претпоставуваме што би се случило ако Аргентина не го одолговлекуваше толку „судниот ден“ – или да го одлагаше уште повеќе.

Значи, се надевам дека во новата година ќе престанеме да им придаваме внимание на финансиските чудотворци кои нè вовлекоа во овој циркус – и дека малку ќе се потпреме на здравиот разум. Ако веќе мора да боли – најголемата болка нека ја почувствуваат оние кои се одговорни за кризата и кои имаат најголема корист од меурот кој и’ претходеше на кризата.

Извор: Slate

Фотографија: Мишел Дупонт

ОкоБоли главаВицФото