Над сто македонски научници, уметници и интелектуалци повикаа за мир во Украина

09.03.2022 21:14
Над сто научници, уметници и интелектуалци од земјава повикаа за мир во Украина

Вчера на социјалните мрежи се рашири Повик за мир во Украина отворен за потпишување на членови на академската заедница, научници, уметници и интелектуалци.

Во повикот стои:

Ја осудуваме инвазијата на Русија врв Украина. Го осудуваме секој акт на убивање, уништување и разнебитување што е дел од оваа инвазија. Сочувствуваме со и ги поддржуваме сите граѓани на Украина во нивните напори за одбрана на својата држава и изразуваме огромна поддршка за нашите колеги од академската заедница, на сите интелектуалци, уметници, научници во нивните напори да ја заштитат својата земја.

Истовремено, ги поддржуваме, охрабруваме и повикуваме нашите колеги професори, научници, уметници и интелектуалци од Руската Федерација, како највисоко образовани, најкомпетентни, најслободни и најкреативни општествени дејци кои ги краси храброст, автономност, висок морал и личен интегритет, да го кренат својот глас ПРОТИВ ИНВАЗИЈАТА на нивната држава во територијата на една СУВЕРЕНА ЕВРОПСКА ДРЖАВА. Убедени сме дека ВИЕ, наши руски колеги во моментов можете да направите исклучително многу за враќање на МИРОТ. Вие можете да бидете клучните миротворци со секој дигнат глас за МИР ВО УКРАИНА.

Науката е незамислива без глобална соработка на научниците ширум светот, а уметноста е бесмислена доколку не ги помине границите. Секоја изолација води кон стагнација и деградација. Само со повторно воспоставување на мирот во Украина, научниците и уметниците ќе можат слободно да творат, да се вклучуваат во меѓународна соработка, како со вас, така и глобално, за да донесат благосостојба за планетата Земја.

Досега, според Мимоза Ристова, професорка на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, повикот го потпишале 101 лице, и посочува дека е отворен за сите кои се согласуваат со изложените вредности. 




ОкоБоли главаВицФото