Научници ги рекреираат загубените мириси од минатото

05.07.2022 14:40
Академици ги рекреираат загубените мириси од минатото

 

Работејќи под називот Odeuropa, група хемичари и историчари повеќе од две години изолираат и репродуцираат клучни мириси поврзани со значајни моменти и локации. Мирисот, тврдат тие, бил неправедно игнориран во академските обиди да се разбере минатото, особено имајќи го предвид неговото влијание врз секојдневниот живот.

„Во науката и во историското проучување постои хиерархија на сетилата. Ние сакаме да видиме мултисензорен пристап“, вели Сесилија Бембибре, предавач по одржливо наследство на Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL). „Постоеше сфаќањето дека сетилото за мирис е помалку благородно човечко сетило и дека е некако помалку објективно, помалку образовано и уште помалку доверливо.“

Таа наведе пример каде што како дел од комплетот дизајниран за изложбата Fleeting – Scents in Color во Mauritshuis во Хаг беше создаден мирис кој одговара на мирисот на валканите канали на некогашниот Амстердам .

Конзорциумот од експерти вклучени во проектот има седиште во Амстердам, но има истражувачки бази во Германија, Италија, Франција и Словенија, како и во UCL и Универзитетот Англиа Раскин во Кембриџ.

Поширокиот проект, финансиран со грант од 2,8 милиони евра од програмата на ЕУ Хоризонт во 2020 година, има за цел да ја воспостави науката за олфакторната историја со помош на визуелни и писмени докази за да ги состави клучните мириси генерирани од застарените занаети, навики и типови на исхрана. Д-р Мариек ван Ерп, проектен менаџер на експериментот Odeuropa, ќе ги поврзе различните дисциплини за да создаде мултидимензионална, дигитална, пребарлива претстава на нашето олфакторно наследство.

„Во Германија анализираат десетици илјади историски слики поврзани со мирисот, додека во Италија се концентрираат на текстуална анализа, од стари медицински формули до прирачници за готвење“, вели Бембибре, истражувачка од проектот.

Таа објасни дека голем дел од работата е фокусирана на подучување на компјутерите да препознаваат слики кои се однесуваат на мириси, на пример скица на некој што си го држи носот. Со изложување на алатките за дигитално пребарување на низа слични слики, истражувачите можат да создадат алгоритам што препознава гестови во други илустрации.

На крајот, оваа работа ќе овозможи составување енциклопедија на историски мириси, спореден дел од проектот што го води д-р Вилијам Тулет на Англија Раскин. Овие мириси ќе ги објаснат променливите средини во светот, и ќе дадат увид во животите на оние кои се вклучени. И олфакторните знаци, тврдат истражувачите, треба да се зачуваат и за потомството, а не само визуелните, физичките и пишаните.

Но, има многу комплексности кои треба да се средат - како што истакнува Бембибре: „Многу е тешко да се добијат потребните информации за да се вратат мирисите“. Во нејзината хемиска работа таа го репродуцираше мирисот на попара од 1750-тите во историското здание Кнол во Кент, чиј опис се појавува во романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф.

Таа, исто така, го репродуцирала мирисот на библиотеката во катедралата Свети Павле во Лондон преку екстрахирање на детектибилни елементи од воздухот во 2017 година, пред да биде реновирана. Потоа ја поканила специјалистката парфимерка, Сара Мекартни, да се обиде да го создаде истото олфакторно искуство, само врз основа на нејзините инстинкти за неговите компоненти. Во случајни испитувања, јавноста беше подеднакво убедена во двата обиди да се имитира мирисот на библиотеката.

„Се обидуваме да одлучиме дали е академски важно дали ќе ги зачуваме автентичните мириси со соодветните хемикалии или дали едноставно се обидуваме да евоцираме искуство со создавање сличен ефект денес“, вели Бембибре.

Друга тешкотија за истражувачите е тоа што човековите реакции на мирисите се прилично радикално променети. „Ние немаме историски носови. Не е така едноставно, дека сега мирисаме на ист начин како и порано, а некои мириси значат различни нешта“.

За среќа, не сите изгубени мириси се непријатни. Odeuropa го истражува и мирисот на темјан и неговото историско и културно значење. „Навистина сакаме да ги вклучиме заедниците. Сега имаме живи „сведоци со носеви“ кои можат да ни помогнат да рекреираме мириси од нивното детство или од занаети кои повеќе не постојат“, вели Бембибре.

Истражувањето на Odeuropa има корист од зголемениот интерес кај комерцијалните парфимери за нише мириси - кожа, зачини и чад сега се вообичаени компоненти во скапите брендови.

Уметниците, исто така, почнаа да му пристапуваат на светот на мирисот, избирајќи да ги придружуваат галериските ревии со ароми по нарачка, како што е изложбата на Аника Ји во салата Турбина на Тејт Модерн во Лондон минатата есен. Викиншкиот центар Јорвик во Јорк го предводеше патот со воведување мириси на своите експонати пред повеќе од две децении.

ОкоБоли главаВицФото