Нова студија ја побива претпоставката дека мажите се лoвци, а жените собирачи

12.07.2023 12:17
Нова студија ја побива претпоставката дека мажите се лoвци, а жените собирачи

Со децении научниците веруваа дека првобитните луѓе имале поделба на работата: мажите главно ловеле, а жените биле задолжени да собираат. Ова гледиште не било ограничено само на академици. Често се користело за да се каже дека мажите и жените денес треба да се држат до наводните „природни“ улоги кои ги открило првобитното човечко општество.

Една нова студија сугерира дека визијата за првобитните мажи како ексклузивни ловци, едноставно e погрешна - и дека доказите дека и првобитните жени исто така ловеле, постоеле отсекогаш. Поточно, новото истражување побива еден од клучните докази на кој научниците се потпираа за да заклучат каков веројатно бил животот во периодот што започнал пред околу 200.000 години, кога хомо сапиенсот првпат се појавил како вид.

До директен доказ не може да се дојде бидејќи таа фаза завршила пред околу 9.000 години, кога луѓето полека почнале да го развиваат земјоделството и населбите. Но, насекаде низ светот има групи, често во оддалечените области на земјите со низок и среден приход, кои сè уште живеат животи на ловци и собирачи. Така, научниците гледаат на нив како еден вид прозорец во минатото на човештвото. Антрополозите и другите специјалисти добија дозвола од овие групи да живеат покрај нив и изработија детални набљудувачки извештаи.

Досега, општата смисла меѓу научниците беше дека овие извештаи претежно укажуваа на мажите како ловци, а на жените како собирачи, со само повремени исклучоци, вели Роберт Кели, професор по антропологија на Универзитетот во Вајоминг и автор на влијателни книги и написи за ловечките општества. Но, Кели вели дека гледиштата што тој и другите ги имале за типичните родови поделби околу ловот се засновале на анегдотски впечатоци од извештаите што ги читале, во комбинација со теренската работа во која многумина лично се ангажирале. „Никој“, вели Кели, не направил систематски „резултат“ на она што го кажуваат опсервационите извештаи за жените кои ловеле.

Истражувачите кои стојат зад новата студија се тим од Универзитетот во Вашингтон и Универзитетот Сиетл Пацифик. „Решивме да видиме што точно има таму“, вели водечкиот истражувач Кара Вол-Шефлер, биолошки антрополог. 

Свеж поглед на старите докази

Вол-Шефлер и нејзините соработници ги прочешлале извештаите од далечната 1800 година до денес. И наместо да се потпираме на резимето на тие извештаи - како што често прават научниците кога анализираат голем број од нив, во тој контекст Вол-Шефлер забележува: „нашата цел беше да се вратиме на оригиналните етнографски извештаи за тие популации и да видиме што всушност било напишано за ловечките стратегии“.
Нивните наоди - објавени во списанието PLOS One - се дека во 79% од општествата за кои постојат податоци, жените навистина ловеле. Покрај тоа, вели Вол-Шефлер, она што го правеле жените не било само опортунистичко убивање на животни. Во поголем дел од времето, вели таа, „ловот бил наменски. Жените имале свој алат. Имале омилено оружје. Бабите биле најдобрите ловци во селото“. Со други зборови, „поголемиот дел од културите за кои ловот е важен, ги обучувале своите девојчиња и жени сами да ги изработат своите алатки и да одат на лов“, вели таа. Вол-Шефлер вели дека очекувала да најде докази за тоа дека жените ловеле - но не до овој степен. „Тоа парче доказ беше навистина недоволно ценето“, вели таа, „иако е застапено во литературата“.

„Импликациите од овие резултати се потенцијално огромни”, вели Кимберли Хамлин, професорка по историја на Универзитетот Мајами во Оксфорд, Охајо, која е специјализирана за начините на кои еволутивната наука фигурирала во пошироката култура. „Мислам дека покрај митот дека Бог направил жена од машко ребро да му биде помошник, митот дека мажот е ловец, а жената собирач е веројатно вториот најтраен мит што ја натурализира инфериорноста на жената“, вели Хамлин.

Тоа ја поттикна идејата, вели таа, дека „мажите треба да бидат насилни, од нив се очекува да бидат агресивни, како еден од основните елементи во акцентирање на моќноста и ефикасноста на токсичната машкост“ што се користи за оправдување на штетното машко однесување, вклучувајќи го и силувањето. Популарниот наратив за мажот како единствен – или барем речиси ексклузивен ловец, исто така, се користи имплицитно, но и експлицитно, за да се расправа за политиките кои даваат приоритет на улогата на мажот како „природен хранител“ – и кои исто така ги ограничуваат мажите на таа улога со, на пример, негирање на татковското отсуство, додава Хамлин.

На истиот начин, тврди таа, „идејата дека на некој начин жените се природно предодредени да бидат негувателки и мајчински фигури, без разлика дали им се допаѓа тоа или не“, често лежи во основата на политиките кои ефективно „го принудуваат мајчинството кај жените“ – вклучувајќи политики кои го ограничуваат пристапот до абортус и контрацепција. Наодите на новата студија се „возбудливи“, заклучува Хамлин. „Навистина ќе нѐ охрабри да ги доведеме во прашање голем дел од овие идеи за тоа каква е наводно природата на мажите и жените.

Научниците се соочуваат со промената на наративот за ловците

За тоа колку се консеквентни наодите од студијата за науката, научниците велат дека тие додаваат на збирот на докази кој се гради со години. Кели вели дека и покрај издржливоста на стереотипите околу првобитниот лов кај човекот во популарната култура, научниците веќе добиле една појасна слика.

Уште во средината на 1960-тите, вели Кели, научниците се согласувале околу доказите дека најголемиот дел од исхраната во општествата на ловци-собирачи потекнува од растителна храна собрана од жени. „Луѓето велеа: „Треба да ги наречеме „ловци - собирачи“ за да го нагласиме тоа." До 1980-тите, додава Кели, многу повеќе жени навлегоа во областа на антропологијата. Во споредба со нивните машки претходници, овие жени научници честопати можеа да добијат поголем пристап до жените во општествата во кои се практикува потрага по храна. Резултатот покажа мноштво нови описи на женските активности - вклучувајќи и повеќе извештаи за жени кои ловат.

Така, првичната реакција на Кели на студијата на Вол-Шефлер е дека, иако нејзината организација и табелирање на податоците се „навистина нови и корисни“, кога станува збор за сликата што ја прикажува за ловните практики на жените, „немаше ништо што можеше да ме изненади или да ме просветли. Некако го знаев сето ова“.

Сепак, едно откритие му се измолкна на Кели. Тој вели дека сегашното консензусно гледиште тврди дека дури и кога жените ловат, тие се занимаваат со многу поинаков облик на лов од оној што го практикуваат мажите. „Општата шема е дека мажите со намера излегуваат да ловат крупен плен“, вели Кели. „И жените со намера излегуваат да собираат растителна храна, а исто така интенционално или опортунистички го ловат помалиот, посигурно собран плен“ - што значи животни како што се гуштери и зајаци.

Спротивно на тоа, новата студија покажа дека во една третина од општествата за кои постојат податоци, жените ловат крупен плен. Со други зборови, тие навистина тргнуваат во потрага по одреден вид од големите цицачи, поврзани со стереотипот на мажите ловци. „Би можел да сметам дека тоа е нешто ново“, признава Кели, додавајќи: „навистина би сакал да одам да ги погледнам етнографиските извори во врска со ова прашање“.

Вивек Венкатараман од Универзитетот во Калгари е уште еден антрополог кој изразува сомнежи. Тој забележува дека Вол-Шефлер и нејзините колеги морале да се ограничат на општества за кои имало експлицитни извештаи не само за ловечки практики, туку и прецизни информации за тоа кој точно ловел. Резултатот е дека студијата се заснова на опсервации на 63 групи. „Но, се разбира, постојат неколку стотици општества во кои се во потрага по храна“, вели Венкатараман. „Треба да знаеме што се случува таму пред да можеме да извлечеме опсежни заклучоци.

Клучни индиции кои беа занемарени

Ренди Хас не се согласува со критиките на студијата. Како антрополог на Државниот универзитет Вејн, Хас забележува дека општествата кои ги анализира студијата на Вол-Шефлер ги има низ целиот свет. Понатаму, вели Хас, „имањето повеќе податоци не значи дека ситуацијата е подобра. Мојата идеја е дека доказите користени во студијата се добро структуриран, висококвалитетен примерок кој всушност е поверојатно да даде посигурен резултат отколку што може да даде пообемен примерок на опсервации со понизок квалитет“.

Уште повеќе, вели Хас, неговото сопствено искуство илустрира како „речиси универзалното“ гледиште за мажите како единствени ловци на голем плен може да ја искриви перцепцијата на истражувачите во препознавањето на податоците за спротивниот став. Покрај создавањето слепи точки во разбирањето на современите општества на ловци-собирачи, Хас вели дека се чини дека тоа ги навело научниците да ги превидат клучните индиции од другиот главен извор на доказ за првобитните луѓе: античките погребни места и таму пронајдените човечки останки и артефакти.

Во 2018 година Хас беше дел од тимот во Перу кој најде закопано лице старо 9.000 години со невообичаено голем број алатки за лов. „Сите само претпоставувавме дека оваа личност е машко“, раскажува тој. „Сите седат наоколу, кажуваат работи како: „Леле! Ова е неверојатно. Тој сигурно бил одличен ловец, голем воин. Можеби бил поглавар!“. " Хас не ни помислил да го доведе во прашање полот на личноста сѐ до околу една недела подоцна, кога дошол колега кој е стручњак за анализа на структурата на коските, кој што испорачал бомбастична проценка: најверојатно посмртните останки се женски.

Тимот потоа користеше современа технологија. Стружејќи го емајлот од забите пронајдени во гробот, пронајдоа протеини кои недвосмислено го потврдуваат тоа: овој очигледен мајстор ловец бил женско. Вџасени, Хас и неговите соработници одлучија да ги прегледаат записите за слични наоди низ Америка во претходните 70 години. Во 27 индивидуални гробници пронајдени со ловечки алат, пронајдени се 11 случаи во кои лицето е од женски пол.
Тие спроведоа статистичка анализа која открива дека овој сооднос е поврзан со веројатноста дека од 30 до 50% од поединците закопани со ловечки алатки во древните американски гробници се жени. Со други зборови, вели Хас, „ловот на големи цицачи во ова време во Америка беше родово неутрална активност, или барем речиси таква“.

Зошто требаше да помине толку време за да се открие ова? Зошто овие наоди порано не го привлекоа вниманието на светската јавност?

Хас вели дека во еден од записите од ископувањето тој и неговите соработници повторно ги анализирале - остатоците од жена стари 11.000 години пронајдени во 70-тите со врв од камен ставен под нејзината глава. Научниците кои првично го открија гробот го игнорираа сопственото откритие. Хас вели:, „Тие напишаа нешто во смисла: „Доколку овој шпицест камен беше поврзан со маж, ќе претпоставевме дека е ловечко оружје. Но, со оглед на неговата поврзаност со жена, неговата употреба како кујнска алатка ќе имаше повеќе смисла“. Хас и неговите соработници одлучија дека треба да се прекласифицира како алатка за лов.

Превод: Елена Митреска

Извор: https://www.npr.org/

ОкоБоли главаВицФото