Фуко во Каиро

08.02.2011 12:18
Од протестите во Египет

Или: Разликата меѓу Египет и Иран

Откако на 25 јануари започна историскиот обид за уривање на 30-годишното владеење на Хосни Мубарак, не чуди толку осудата на диктаторскиот режим и полициската бруталност колку задржувањето дистанца и внимателност („Ама ова внесува нестабилност во регионот“), или во најдобар случај поддршка со прекрстени прсти во џебот („Треба да се урне Мубарак, ама што ако исламистите дојдат на власт?“). Ако случајно го поддржувате правото на народот на побуна, во најмала рака ризикувате да ве обвинат дека сте наивни како Мишел Фуко во Иран.

Фуко во Иран стигнал кратко по „Црниот петок“ во 1978 г. за да известува за италијанскиот весник Corriere della Sera: на терен интервјуирал претставници на војската на шахот, значајни фигури од опозицијата, па дури и американски службеници во Техеран. Ги следел и демонстрациите на улиците кои растеле секојдневно. Бил ентузијастичен и тврдел дека простестантите не се борат само против шахот Палави туку и против „глобалната хегемонија“, верувал во Хомеини и сметал дека новиот „муслимански“ вид политика навестува почеток на еден нов облик „политичка духовност“. Главната теза на Фуко била дека ниеден западен интелектуалец кој сака да го задржи сопствениот интегритет не може да остане рамнодушен спрема она што се случувало во Иран. Главната грешка на Фуко била во тоа што режимот на ајатолахот набрзо се претворил во брутална теократија.

Бил во право

Да застанеме за кратко: зарем Фуко морал да антиципира што ќе се случи? Се разбира, секој стручњак за макрополитика или меѓународни односи ќе ви каже дека мора да се биде внимателен кога се работи за префрлање на моќта (треба првин да се дознае кој стои зад „тоа“), а тоа е и причината зошто тие во начело – а Египет овде не е исклучок – најчесто се двоумат да се наклонат кон една од страните (дури кога нештата се колку-толку извесни, тогаш почнуваат големите коментари). Големината на Фуко е во тоа што решил да не биде рамнодушен. Или како што Славој Жижек ќе каже во својата книга „In Defense of Lost Causes“: „Фуко бил во право кога се ангажирал, а сите инсинуации на либералните критичари дека тоа е само уште едно поглавје во тажната сага на западните радикални интелектуалци кои своите фантазии ги проектираат на некоја егзотична странска зона на турбуленции, што им овозможува да ги задоволат симултано своите еманципаторски желби и својот таен ’мазохистички’ порив за сурова дисциплина и опресија, целосно ја промашуваат суштината“. Се разбира, post festum Фуко не бил во право.

Случајот со Египет, сепак, не ни овозможува да паднеме во замката на Фуко. Главната разлика меѓу Иран од 1978 и Египет од 2011 е следнава: иранската револуција беше исламистичка и националистичка, насочена против секуларизмот и западните влијанија. Египетската побуна не е ни исламистичка ни националистичка, и наспроти по некој искршен излог на Мекдоналдс и осудите на Барак Обама, во суштина се стреми кон поголемо западно влијание во смисла на демократизација и овозможување праведни избори.

И иако Фуко можеби уште тогаш можел или морал да знае во која насока ќе се одвива воспоставената теократија, со тоа сè уште не е укината легитимноста на моментот (или, ако сакате, Настанот) во кој народот се побунил против корумпираниот шах кој од самиот почеток претставувал кукла за спроведување на американските интереси.

Коцката уште се врти

Подеднакво е можно дека и Мухамед Ел Барадеј, како што сметаат некои, да биде играч на глобалниот поредок зад кој стојат фондациите на Форд, Бил Гејтс и Сорос, како и тоа дека во еден миг да му се приклони токму на Иран, бидејќи неговата сопруга наводно е во роднинска врска со ајатолахот Махдави Кани, ама тоа на ниеден начин не го дискредитира египетскиот револт. Всушност, дури и ако ова е само уште една можност да се спроведат уште пожестоко неолибералните реформи, зарем попрво не би ја одбрале нултата година на демократијата во која на идните избори можеби ќе биде можно владејачката партија да не освои над 90% од местата во парламентот, одошто 30 години диктатура во која апсолутната власт е во рацете на еден единствен човек?

Сите податоци од теренот говорат во прилог на тоа дека египетската побуна навистина била спонтана, поттикната главно до младите жители кои неверојатно снаодливо се служат со друштвените мрежи како алати за создавање движења, а дали во брзо време ќе ја вклучат во своите интереси токму оние глобални играчи кои 30 години го поддржуваа Мубарак на никој начин не ја доведува во прашање. Или, како што самиот Фуко рече еднаш во еден од своите текстови за Corriere della Sera: „Не можам да ја пишувам историјата на иднината, а подеднакво невешт сум во предвидувањето на минатото. Меѓутоа, би сакал да се обидам да сфатам што се случува токму сега, бидејќи деновиве сè уште ништо не е завршено, а коцката сè уште се врти“.

Историја на египетската иднина

Во тоа е поентата: да се остане на цинична или скептична дистанца сега, кога бунтот сè уште се одвива и ништо не е решено, значи, не само да се остане во сигурната кула на недонесувањето вредносни судови тку, пред сè, да се откажеш од интегритетот кој секој интелектуалец мора да го задржи. Најпосле, овде станува збор за тоа дека треба да се има храброст да се поддржи некоја побуна, макар после и не била во право.

Кога би ја пишувале историјата на египетската иднина врз основа на сите податоци (а последниот во низата е тој дека Муслиманските браќа го поддржаа Ел Барадеј, што значи дека шансите за нов Иран се сè помали), уште во овој миг би дошле до заклучокот дека од исламистите поголема опасност претставува поголемиот увоз на неолиберализам во Египет. Меѓутоа, тој уште одамна, токму со Мубарак, пушти пипки во арапскиот свет што, меѓу другото, го потврдува и фактот дека една британска корпорација, Водафон, е одговорна за укинување на комуникациите (телефонските повици и праќањето пораки од мобилен) меѓу египетскиот народ. Сега се работи за тоа најпрвин да се избори минимум демократија, за потоа можеби да се појде и чекор понатаму.

Извор: novossti.com

odlicen tekst. neodolivo me

odlicen tekst.
neodolivo me potsetuva na nashava situacija, vo koja mnogu (pa i takanareceni intelektualci) sedat so skrsteni race nad smrtno ranetata (ili duri vekje i mrtvata) makedonska demokratija, navodno vo neizvesnost od toa koj kje ja nasledi novata politicka garnitura.

ОкоБоли главаВицФото