Чадот од депониите тешко допира до институциите

25.08.2023 11:25
Чадот од депониите тешко допира до институциите

Тетово и Гостивар веќе неколку дена се гушат во чад по пожар на депонијата во близина на тетовска Волковија. Чадот и миризбата се шират низ целата полошка котлина. Државниот инспекторат за животна средина изврши увид, а пожарникарите и понатаму се на терен поради огнот кој тешко се гасне.

Граѓаните се жалат дека воздухот во Тетово е екстремно загаден. Општината ги повика граѓаните да избегнуваат излегување надвор. „Поради загадувањето, избегнувајте излегување на јавни места и останете во затворени простории. Ја повикуваме јавноста да биде одговорна и претпазлива. Да не се фрла ѓубре на несоодветни места и да не се пали“, информираа од општината. Екологистите бараат одговорност за енормното загадување, особено од депонијата, која што со години ги труе жителите на тетовскиот крај.

Ситуацијата е алармантна

Пожарникарите велат дека ситуацијата е алармантна и бараат помош од државните институции. Командирот на Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Тетово, Авни Амети вели дека и во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на терен за гаснење на пожарот.

„Се интервенира на депонијата што се запали вчера, а имавме и други интервенции на иста локација, Општина Брвеница. Досега сме фрлиле вода донесена од 40 камиони кои имаат капацитет да носат десет тони вода и пак има оган“, вели Амети.

Тој смета дека е потребна помош од сите институции да излезат во пресрет поради ситуацијата. „Треба да ги смириме граѓаните зошто често се јавуваат за загадување на воздухот. Имаат право. Чекаме да се вклучат сите институции за да завршиме со депонијата. Вчера контактиравме со експерт кој посочи дека овој смет мора да се стави во голема дупка и да се затрупа со земја. Таму на локацијата е почнато да се копа. Се надевам дека денес ќе се смири чадот“, вели тој.

Опожарување на депонија за комунален смет во близина на селото Волковија

Инспекторите на терен

Од Државниот инспекторат за животна средина веднаш излегле на терен по информацијата за опожарување на депонијата за комунален смет лоцирана на нива во близина на село Волковија. Виш инспектор за животна средина и државен инспектор од Гостивар извршиле вонреден инспекциски надзор.

Како што информираат, правниот субјект ДТУ „Еко Ливинг“ ДООЕЛ Чегране -Гостивар, има концесија добиена од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање за управување со депонија за депонирање на комунален отпад на која се депонира отпадот од Општина Брвеница.

Пожарот избувнал во понеделникот ( 21.8) во доцните вечерни часови околу 23 часот по што веднаш било интервенирано за негово гаснење. „Пожарот е локализиран, но визуелно е видлив чад и се чувствува непријатна миризба“, утврдиле и инспекторите.

Пожар на градската депонија во Кочани

Чади на сите страни

Ова не е единствената депонија која чади и го загадува воздухот. Пожар деновиве имаше и на градската депонија во Кочани, каде беше запалена нискостеблеста вегетација и сува трева. Просторот кој е зафатен од пожарот е тешко пристапен и се наоѓа на самиот крај од градската депонијата и не опфаќа никакви отпадоци, туку исклучиво сува трева.

По добиената дојава за пожар, екипите на КЈП "Водовод" Кочани веднаш излегле на терен. Тие се сомневаат дека пожарот е подметнат. Загаден воздух летово дишеа и жителите на Охрид и Струга, каде во повеќе наврати се гаснеше, па повторно се активираше пожарот на депонијата Буково. Депонијата се третира со алги со цел задушување на пожарот, а со специјална механизација делот кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја.

Но, тоа не го решава трајно проблемот кој со години ги мачи жителите на Охрид. Дивите депонии се закана и за Струга, каде мештаните често алармираа за тешката миризба која што го загрозува нивното здравје. Иако во најава е изградба на регионална депонија во југозападниот дел на земјата, решение сѐ уште нема.

Во Северна Македонија постојат 52 нестандардни комунални депонии со кои управуваат јавните комунални претпријатија и две коишто се во согласност со стандардите - Дрисла и во Дојран.

Во првите шест месеци од 2023 година, Државниот инспекторат за животна средина добил 50 претставки од граѓани, кои најчесто се однесувале на постапувањето на инспекторите за животна средина, како и за управување со отпадот, неговото палење и слично. Во Охрид имало вкупно 29 надзори, при кои се констатирани четири неправилности.

Депонија во близина на тетовското село Волковија

Извор: https://www.dw.com/mk 

ОкоБоли главаВицФото