Зреење на животот: Кон изложбата на Синиша Новески „Патина на љубовта“

15.02.2024 01:37
Зреење на животот

Мајка со дете

Што е живот? Ова прашање во неквалификувана форма има неброени одговори. Но, во една конкретна квалификувана форма, која го опишува феноменот на човештвото и обмислувањето на постоењето, животот најчесто е разбран и опишуван како потрага по љубовта. Од древните епови, преку античките филозофии, па сѐ до современата музика љубовта е водечка тема која проникнува во секој сегмент на човечката цивилизација во сите нејзини временски, просторни и културни манифестации. Се работело ли за „среќата“, за „смислата“ или за „благосостојбата“ тие сите на еден или на друг начин се поврзани со љубовта. Љубовта не само како поим за романтична врска, туку како суштинска состојка во односот на поединецот спрема другите поединци и спрема заедницата. Во оваа смисла љубовта е поливалентна. Меѓу другото, таа може да се однесува на родителска љубов, на семејна љубов, на пријателска љубов или општо на алтруистична љубов. Таа може да биде еднострана од многу причини, но како таква љубовта бара заемност и само во заемноста ја добива својата целисходност. Човечкиот живот во сооднос со љубовта е искуствен феномен и подразбира процес на зреење, слично како и кај плодовите на благородните дрвја или пак, како што е случајот со најдобрите вина. Плодовите и виното се убава метафора за животот и љубовта. Времето незапирливо тече и секој обид да се сопре е залуден. Единствено што може да се направи е со преданост да му се посветиме на животот во секој миг од неговото изминување. Да се сака животот и да се љуби во животот го прават неумоливиот истек на времето вреден за живеење. Така времето станува сојузник во „зреењето“ поточно во создавањето на најубавата патина од животното искуство. Во оваа смисла поврзаноста меѓу љубовта и виното е легендарна. Посветеноста и времето се сојузници на најдоброто вино; истото е случај и со животот. Животот живеен со љубов и за љубов ја создава и ги сублимира сите искуства, најрадосните и најтажните и од нив ја создава најубавата патина. Патината е интимно поврзана со вајарството. Она што по правило би требало да „обезвредни“ најчесто за скулптурата претставува додадена вредност. Времето и физичките околности учествуваат во „создавањето“ на уметничкото дело. Атмосферските и амбиенталните влијанија се вклопуваат во изборот на материјалот, на техниката на изработката и на идејната замисла на скулпторот.

Фамилија неразделни

Во биолошката сфера „патината“ се создава со „зреење“. Начинот на кој живите организми се приспособувале и се приспособуваат на условите на околината се примарниот двигател за комплексниот биодиверзитет на планетата Земја. Уште од времето на Кромањонците, кои ги создаваат најстарите познати слики на пештерските ѕидови, човештвото ја почнува уметничката манифестација на човечкиот живот како свесно битие. Оттогаш, па сѐ до денес, а извесно и во иднина, една нишка се протега низ сите ери, цивилизации и култури – онаа на љубовта.
Скулпторот Синиша Новески со овој избор на дела за изложбата „Патина на љубовта“ зборува со уметнички јазик токму за животот и за љубовта како главен двигател. Соочувајќи се со неговите четиринаесет скулптури и „исчитувајќи“ го поттекстот на творештвото на Новески може да се заклучи дека тој го разбира животот како „патина на љубовта“, а неговиот уметнички израз е посветен на „претставување“ и толкување на оваа најголемо животно „таинство“.

Македонски пиреј

Според Новески, животот претпоставува страдање. Не само во смисла на болка и тескоба, туку во смисла на неминовноста дека не постои живот во „вакуум“. Од мигот на зачнувањето, раѓањето, растењето, стареењето и смртта ние „страдаме“, поточно го искусуваме влијанието на физичките и на општествените закони врз нас. Така и ќе ја почнеме размислата за оваа изложба на Новески, со делата што го симболизираат изворот на биолошкиот и на социјалниот живот.

Липсан

Сите сме родени од мајка. Кога една жена ќе зачне и забремени почнал нов човечки живот. Од праисторијата мајката е симбол за изворот на животот. Оваа тема е суптилно изразена во реалистично-стилизираното дело во мермер „Мајка со дете“. Положбата на телото, знаците на бременост кои се наѕираат на стомакот и на дојките и особено поставеноста на рацете, интуитивно го поврзуваат набљудувачот со поимот „мајка“ која очекува дете. Спокојството и нежноста со која дланките ги допираат страните на стомакот укажуваат на „комуникацијата“ меѓу мајката и нејзиното неродено бебе. Главата е благо наведната надолу како во контемплација за она што следи. Изделканиот и фино обработен мермер го најавува ова радосно исчекување. Сјајните одблесоци на скулптурата го рефлектираат темелниот пристап на жената која наскоро со љубов ќе се грижи за плодот на нејзината утроба. Од мигот на раѓањето и во некое догледно време тие ќе бидат неразделни. Но „неразделноста“ не е само физичка. Таа е и состојба на умот и на срцето. На оваа тема Новески зборува со скулптурата „Фамилија неразделни“. Ова е надрелистично дело изработено во бронза. На него патината доаѓа до израз. Членовите на семејството претставени како неразделни го искусиле животот и ги носат „белезите“ на живеењето. Сеедно, тие се неразделни зашто секоја радост, секоја тага, секое задоволство и секоја болка ги обединиле во заемноста на постоењето. Вдлабнатите патинирани лузни сведочат за тоа. Симболиката на поддршката за детето на мајката и на таткото кое е „израмнето“ со нив зашто тие го држат од двете страни не може да се превиди. Зреењето на детскиот живот е интимно поврзано со воспитувањето чија основа е љубовта.

Година на коњот

Љубовта е најчеста тема во животот затоа што ни е од пресудна важност и затоа што неретко нејзиното искуство е како она на фатаморгана. Токму она што толку многу го посакуваме ни се привидува на хоризонтот постојано бегајќи колку и ние да се обидуваме да го стигнеме. Неброени се ваквите животните секвенци, исечоци или „апстракции“, кои се преточени низ разни уметнички изрази. Новески извајал неколку вакви апстракции на животот. Во делото „Македонски пиреј“ тој со своите раце и алатки апстрахирал универзална човечка состојба да се биде „откорнат“ на кој било начин. Речиси целата скулптура е корења и стилизирано торзо. Главата е несразмерно мала во споредба со нив. Ова е обратнопропорционално со тоа како се претставуваат светиите на иконите. Нивните глави, поточно чела, се изразено големи. Така се прикажува „умот“ кој достигнал совршенство. „Македонски пиреј“ е далеку од ваквото совршенство. „Болното“ искуство на искорнатост доминира. Но, како што секој Македонец знае од славниот роман на Петре М. Андреевски, македонскиот пиреј е метафора за неумоливиот копнеж да се живее како „свој на свое“; колку и да е тоа исцрпувачки. А исцрпувачки е. Доволен е еден поглед на скулптурата „Липсан“ за секој од нас кој поживеал на Земјата да се поистовети со неа. На неа има многу „лузни“ и патина. Гравитацијата, мистериозната сила, која нѐ одржува во живот и која ја одржува ја вселената во рамнотежа, не ни е секогаш сојузник. Таа буквално го зема нашиот волумен и тежина против нас постојано „тегнејќи“ нѐ надолу. Ова е уште една животна апстракција на Новески. Ова е тело уморно од животот. Тело со огромна „грутка“ во градите. Оваа фигура е апстрахиран сублимат на универзалното човечко прашање, „Вреди ли што било“? На ова прашање уметникот одговара со апстрактна фигура на коњ, а ја именува како „Година на коњот“. Ова фасцинантно животно со милениуми го облагородува животот на човештвото. Коњот е дел од највозвишеното и најстрашно во историјата на нашата цивилизација. Разни култури и религии му даваат исклучително важно значење. Но, има една одлика кај ова благородно животно што фасцинира. За оваа одлика авторот Бранко Ќопиќ пишува во култниот расказ „Ти си коњ“ каде што на дедото на Бранко Раде, му се вели дека е како коњ. А зошто? Одговорот е во ова реторичко прашање, „Се видело ли коњ да е пакосен и завидлив, туѓата среќа со очи да не може да ја види?“ Токму така, пред нас е една надреалистичка фигура на коњ во поза на полно достоинство. Грациозност и животен елан слеани заедно! Да, да, и неговото бронзено тело е ишарано со патина, но тој им се радува и ним зашто му се радува на животот.

Будење

Апстрахираните фигури ги заокружува скулптурата „Будење“. Се работи за уметничка химера на петел и човек. Ваков „хибрид“ не е познат во митологијата, но самиот наслов и најпознатата „ролја“ на петелот пред зората недвосмислено ја покажуваат „пораката“ на скулпторот. Повикани сме на будење. За какво будење станува збор кажува самиот Новески кога го коментира ова дело. Половината петел половината човек „го повикува набљудувачот да се разбуди за својата поврзаност со природниот свет“. Дека итно треба да се разбудиме и оваа година ни кажува и „часовникот на судниот ден“. За оваа година е поставен на деведесет секунди до полноќ. Тоа што нема пандан во митологијата оваа скулптура ја прави уште повпечатлива. Човештвото е повикано да се разбуди од антропоцентричниот сон за супериорност над живиот и неживот свет. Петелот нѐ потсетува не само дека сме дел од кругот на животот, туку и дека човештвото е исто толку зависно од рамнотежата во природата како и секое друго живо суштество.

Жена со гитара

Токму затоа животот е чудо. Според појавноста на оние живите изгледа како нешто најобично и секојдневно. Од онтолошка и статистичка гледна точка да се биде жив е исклучителен феномен! Секој од нас живите го надминал коефициент на речиси занемарлива веројатност. А ете нѐ живи сме и тоа ни е толку природно. Зашто е толкаво чудо, не е ни чудо што ние луѓето се очудуваме на тоа да се биде жив. За нас, животот има додадена вредност. Поимот жена е еден од оние со исклучителна додадена вредност. Мотивот на жена е честа уметничка фигура која го претставува животот. На оваа изложба Новески претставува повеќе женски фигури: „Жена со гитара“, „Жена со виолина“, „Жена“ и „Везилка“. Првата е во мермер, следните две се во бронза и последната е во оникс. Секоја од фигурите е во положба која го карактеризира дејството, поточно состојбата. „Занесот“ е својствен за сите четири. Да се биде жена и да се дејствува како жена е историски подвиг. Патот на еманципацијата и стремежот кон рамноправноста не е првенствено класен, расен, културен национален или религиозен. Најпрвин тој е родов. Долга е изодената патека од самарјанката со која Исус разговара на кладенецот до Дорoти Деј и до Симон Вејл. Новески оваа долга и тешка патека ја доловува со четирите женски фигури. Контрастот меѓу вокациското („Жена со гитара“, „Жена со виолина“) со „традиционалното“ („Везилка“) нагласката ја става не на фактот дека се работи за „женски“ музичар, туку дека музичарот по некоја случајност е жена. Во дадениот контекст фигурата насловена само со „Жена“ го заокружува уметничкиот впечаток длабоко импресиониран од поимот „жена“ кој толку „гордо звучи“.

Жена со виолина

Освртот кон оваа изложба го завршуваме со три метафори за љубовта и за животот. Новески овие метафори ги изразил преку скулптурите „Крилата тежат“, „Кошава“ и „Дунав и Сава“. „Крилата тежат“ е метафора за сето она што го карактеризира животот како „тежок“. Она што по својство е наменето за да нѐ вивне во лет знае да биде тескобен товар. Дарот станал клет. Но „тежината“ на крилата не го менува фактот дека се крила и дека служат за летање. Така е и со животот. Неговата несомнена физичка, емотивна, ментална и социјална тежина нѐ воведуваат во „егзистенцијална криза“. Но, кризата е секогаш и нова можност повторно на животот да се гледа како на дар што возвишува. Оваа тема е продолжена со скулптурата „Кошава“. Легендарниот „белградски“ ветар, својствен за пределите јужно од Карпатите, знае да дува со сто и триесет километри на час. Новески успеал „невидливиот“ ветар да го „улови“ во движење. Женска фигура му одолева исправено и стоички. Наместо да ја „стутка“ и да ја заплетка во од ветрот има естетска улога и ја истакнува нејзината женственост. Бронзената фигура е патинирана од глава до петици. Оваа жена не само што живее наспроти ветрот, туку таа ужива додека го прави тоа. Колку повеќе кошавата „носи“, толку повеќе го дефинира нејзиното присуство.

Жена

Конечно Новески ги спојува патината на љубовта со патината на животот. Местото каде што Сава се влева во Дунав е исклучителен природен феномен. Надвисната од „Калемегдан“ во неговото подножје се случува непрестајна прегратка меѓу двете реки. Според уметничката композиција на Новески, реките многу повеќе би сакале тоа да е бакнеж, а не „превртена“ прегратка на „грб со грб“. Средбата е со краен интензитет и речиси агонија што љубените не можат да се видат очи в очи. Патината речиси целосно ги покрила, симбол за неисполнет копнеж. Телата се атлетски според пропорциите на класичните скулптури. Уметникот решил она што го симболизира, љубовта, да ја прикаже преку античкиот идеал за човечкото тело. Тука нема ништо „повеќе“ ниту „помалку“. Женската и машката фигура се полнотата на човечкото постоење. Патината ништо не одзела, туку му додала на убавината кон која животот заснован врз љубов постојано се стреми.

Везилка