Владата најавува изградба на космодром во Средно Дупени

16.12.2012 11:38
Владата најавува изградба на космодром во Средно Дупени

Преку изградбата на космодромот, чиешто чинење се проценува на 3,26 милијарди евра, владата сака и нашата држава да им се приклучи на земјите кои дале свој придонес во астронаутиката, како и да го зголеми бројот на вселенски туристи во преспанскиот регион.

За таа цел, Министерството за транспорт и врски објави барање за изразување на интерес за учество во меѓународен повик за изградба на космодром во Средно Дупени, точно помеѓу Преспанското и Охридското езеро.

Од министерството напомнуваат дека барањето е дел од мерките и активностите на владата за подобрување на националниот сектор за воздухопловство и вселенски истражувања.

Предвидено е во рамките на целокупниот проект да биде вклучено финансирање, проектирање, изградба, оперирање и одржување на новиот космодром.

„Владата на Република Македонија, преку постапка за доделување концесија или постапка за доделување договор за воспоставување јавно приватно партнерство, ќе избере приватен партнер или концесионер од приватниот или јавниот сектор кој ќе биде одговорен за имплементација и реализирање на проектот преку јавно приватно партнерство или концесија. Изјавата за интерес со краток опис на активностите на компанијата и копии од оперативните и финансиските извештаи од последните три деловни години, заинтересираните субјекти треба да ја достават 10 декември 2013 година“, информираат од министерството.

Во објавеното меѓународно јавно барање е истакнато дека космодромот се наоѓа близу Охридско Езеро, на кое е предвидено да се гради аеродром на вода, со што овие две воздушни пристаништа би можеле потесно да соработуваат во блиска иднина, како и да помогнат во туристичката промоција на нашата земја во странство, а се потенцира и тоа дека со изградбата на космодромот ќе се овозможи подобра поврзаност на Македонија со вселената. Барањето е објавено во дневните домашни и меѓународните печатени медиуми, како и на интернет-страницата на Министерството за транспорт и врски.

„Космодромите претставуваат атрактивен и корисен начин космонаутите да патуваат во вселената, и со овозможувањето на изградба на таков космодром во Средно Дупени се очекува дополнително зголемување на бројот туристи“, велат од Министерството за транспорт и врски.