За одличниот нов албум на Дејвид Боуви

11.03.2013 11:13
За одличниот нов албум на Дејвид Боуви

David Bowie
The Next Day,
Iso/Columbia Records, 2013

Конечно после пауза од десет години Дејвид Боуви го објави новиот албум The Next Day. Албумот се работеше околу две години со дологодишниот соработник на Bowie, Тони Висконти и со музичари и соработници од подоцниот период на Боуви како Гејл Ен Дорси, Захари Алфорд и Гери Леонард. Ова е можеби најдобро остварување од периодот на Outside, албум исполнет со беспрекорна музичка концепција, со креативна, инспиративна, емотивна, енергична, ретроспективна музичка приказна која дефинитивно ќе биде на врвот од најдобрите остварувања за 2013 година. ‘Ем познато, ем различно’ е исто така одлика на концептот на албумот, почнувајќи и од дизајнот на омотот, инспириран од омотот на прекрасниот албум Heroes. Низ четиринаесетте песни може да имаме различни асоцијации со различните периоди на Боуви, но сепак талентот и способноста да го регенерира својот стил придонесува албумот да биде доказ за големината и важноста на местото на Боуви не само во историјата на рокенролот, туку и во креирањето на сегашната состојба на рок музиката, бидејќи повеќе критичари и писатели прогнозираа (заради влошената здравствена состојба на Боуви) дека Боуви нема да се врати со нов албум или со турнеја. Уште во првата насловна песна, која музички нè враќа во времето на Diamond Dogs, преку содржината на текстот инспирирана од англиската историја, Боуви ни потенцира дека повторно е тука и дека сè уште не е мртов: “Here I am, not quite dying, My body left to rot in a hollow tree, Its branches throwing shadows on the gallows for me, And the next day, and the next and another day.”

Најавата на албумот се случи на денот на роденденот на Боуви, 8 јануари, 2013, со синглот и видео Where Are We Now?, каде што e прикажана црно-бела ретроспектива на Берлинската фаза, но истовремено има визуелна доминација на две глави, идеја или концепт присутен и за време на Концертот во чест на 50-от роденден на Боуви. Истовремено тие асоцираат и на богот Јанус кој со своите две глави гледа на различни страни во минатото и во иднината. Токму тоа го прави и Боуви во областа на рок или популарната музика во последниве четири децении, се инспирира од различните музички стилови, од сопствените развојни фази и креира интертекстуален пристап во сферата на музиката како процес на взаемно анимирање на различни музички слоеви, до многузначност во толкувањето на истото.


Првите пет песни од албумот доминираат по првите две-три слушања пред сè преку мелодискиот концепт, промената на ритмичкиот пулс комбинација меѓу поенергични и посмирени песни. По втората песна Dirty Boys, каде што има одлична мелодиска-ритмичка подлога со делницата на саксофонот следи песната The Stars (Аre Out Tonight) која беше втор промотивен сингл за новиот албум. Видеото ја надополнува песната, содржи блага пародија на светот на ѕвездите, односно инверзија и на кариерата на Боуви. Во музичка смисла има впечатлив водечки гитарски мотив надополнет со придружба на гудачи. Нежната, лирска вокална и мелодиска делница на песните Love is Lost, Where are We Now? и Valentine’s Day, се разбранува со If You Can See Me, која почнува со моќен вокален вовед на Дорси и продолжува да се движи во брзо енергично темпо на симболично ниво рефлектирајќи ја состојбата на глобализацијата, доминирањето на Америка. По динамичната (You Will) Set the World on Fire албумот се заокружува со две мирни песни - You Fell So Lonely You Could Die и Heat. Во последната песна Heat во а ла Скот Вокер амбиент, Боуви го завршува својот нов албум со признавање дека е пророк и лажго- I am a seer, I am a liar. Боуви си игра и провоцира преку принципот на обновување, а не преку пасивната имитација на познати музички формули и сè уште е водечка личност во областа на рок музиката преку која нуди нов почеток.

ОкоБоли главаВицФото