Аква-парк

04.07.2013 08:24
Аква-парк

Претпоставувам дека, кога за Бадник, премиерот Никола Груевски постави камен-темелник за новиот аква-парк што треба да се гради во близината на спортскиот центар „Борис Трајковски“, сакаше да испрати барем две пораки. Првата е дека земјата живее во целосна нормала, па така можеме да си дозволиме уште една забавна атракција во главниот град. А втората, се разбира, е дека власта води умна политика, штом и во време на сеопшта економска криза, а уште повеќе во време на влечење на, најблаго речено, контрадикторни политичко-репресивни чекори, може да си дозволи и време и пари за изградба на уште еден луксузен објект.

Оние подзатскриени (но, јасно видливи) пораки, сепак, се поинтересни. Изборот на денот на почнувањето на изградбата на Аква-паркот (Бадник), во некои други времиња и со други актери, недвосмислено би ја маркирало секуларноста на државата, односно нејзината целосна одвоеност од Црквата. Но, со оглед на демохристијанската ориентација на владеачката партија, а уште повеќе со оглед на нивното практикување на власта, ова, јасно, не е точно! Бадникарскиот урбанистички ентузијазам повеќе може да се толкува во клучот на своевидно (дури и нервозно) бркање дневно-политички тајминг, отколку како смислена демонстрација на граѓанска благосостојба. Сепак, она што е повеќе во интерес на овој текст е изборот на самиот „капитален објект“ (како што вели премиерот), односно таа чудна македонска опсесивност кон – водата!

Имено, македонската историја на аква-паркови сигурно не е многу долга, ама веќе сега со сигурност може да се каже дека е богата. Во 2011 година, на површина од 18.000 квадратни метри, во Пробиштип се отвори првиот македонски аква-парк. Уште во време на градоначалникувањето на Трифун Костовски, во Скопје беше најавена изградба на две вакви водени атракции – еден аква-парк во општината Сарај, а друг во населбата Расадник (Кисела Вода). Што се случи со овие иницијативи засега е непознато. Уште и пред тие времиња, во периодот кога градоначалник беше Ристо Пенов, американско-македонската фирма „My Way“ неколку години работеше на проектот езерото „Треска“ да го претвори во аква-парк. Но, и од тоа не се случи ништо. За волја на вистината, токму езерото „Треска“, заедно со Олимпискиот базен во центарот на Скопје (до душа, тука треба да се додаде и Јужната трибина на тогашниот Градски стадион, што потоа беше купена од комбинатот „Силекс“), беа најмаркантните градби, изградени како резултат на самопридонесот за спортски и рекреативни објекти, што, уште пред неколку децении, го исфинансираа жителите на главниот македонски град. Конечно (од желба ли, од незнаење ли?), и отворањето на Паркот на езерата во општината Аеродром беше најавено како отворање на аква-парк! Ете, сега и Штип најавува изградба на аква-парк. Она што сега е актуелно е дека Куманово, Битола, Кратово... имаат планови за отворање спа-центри, затворени базени и слични водени рекреативни чуда. Во овој контекст треба да се споменат и скопските плажи, оние со палмите и врбите, чија смисла на постоење уште не е најјасно дефинирана. Веројатно е излишно да се споменуваат фонтаните, особено оние новоизградените, кои изникнаа речиси на секое место каде што има релативно лесен пристап до водоводните инсталации.

Како и да се земе, едно од оние библиски, неразјаснети дилеми е и таа – дали Македонија е земја богата со води или не е. Науката вели дека Македонија има задоволително количество водени ресурси (два проценти од територијата е под вода, од нив се дури 53 езера и акумулации и околу 35 реки), само што се – неправилно распоредени! Дека количеството жед за вода на овие простори воопшто не е за потценување говори и овдешната мала, ама солидна културна традиција. Еден од најубавите македонски роман е оној на Живко Чинго, „Големата вода“ (1971 година), каде што преминувањето на „големата вода“ е метафора за остварување на идеалите (во 2004 Иво Трајков го сними истоимениот филм). Според сценариото на Чинго, Димитрие Османли го сними филмот „Жед“, каде што недостигот на вода е извор на несреќите на локалното население. Можеби не треба да се игнорира фактот дека Чинго е од охридско, особено во светлото на фактот дека сценарист на филмот „Време, води“ (режија Бранко Гапо, 1980 година) е Јован Стрезовски (од струшко). Значи, од краишта кои се покрај најголемото овдешно езеро.

Со други зборови, реалноста на Македонците и водата е уште посурова од онаа што може да се види во литературната и филмската продукција. Токму Пробиштип, градчето каде што се наоѓа, за сега, единствениот аква-парк во земјата, е типичен пример на проблем со водоснабдувањето. Како и да е, Прилеп и Кичево беа на работ на меѓуградска војна околу користењето на водата од Студенчица. Да не го спомнуваме сега Вевчани, актуелно деновиве поради василичарскиот карневал, каде што своевремено започна да се урива цел еден идеолошко-политички систем поради тоа што вевчанци не сакаа да отстапат ни дел од нивните извори за водоснабдување на соседното село Октиси.

Ако се знаат овие податоци (а се знаат), кои се тогаш мотивите толку безмилосно да се експлоатира токму водата? Одговорот, оној што се добива на прва топка, е – немаме море! А и езерата (освен Охридското), некако периодично, ни остануваат без вода. Можеби и затоа премиерот Груевски вели дека аква-паркот во Скопје ќе привлече многу туристи. Небаре, реки автомобили се слеаја во Пробиштип, откога е отворен оној нивниот аква-парк. Можеби езерото „Треска“ беше најамбициозниот потфат, направен во насоката: „Скопје сака море“. Изградено на местото на некогаш мошне популарното скопско излетиште „Кривина“ на реката Треска (поширока водена речна, ама природна, површина), езерото, кое можеби беше прво од таков тип во земјата (не беше акумулација за некоја хидро-централа, туку исклучиво за рекреација), на почетокот на своето постоење имаше сосема задоволувачка посетеност. А беше направено со сите придружни елементи, актуелни во тоа време, со тушеви, соблекувални, ресторани, бифеа, детски базен, камп каде што скопјани ги оставаа своите приколки... Сè додека не се откри дека речиси нема начин водата од Треска да се прочисти. Од некои причини, таков проблем нема со акумулацијата „Матка“ (исто така од Треска), ниту пак имаше со „Кривина“ (иако може да се каже дека екологистите тогаш не беа толку самосвесни, како денес). Како и да е, езерото „Треска“ остана уште еден споменик на погрешниот ентузијазам.

Сепак, склони сме да поверуваме дека освен „морската болест“, македонските „водени лудории“ имаат и некоја друга, подлабока, смисла. Првенствената функција на водата е – хигиената! Народот рекол: „Оној што е извалкан, тој се мие“. Ако ги земете предвид сите градски елити што се занимавале со вода, лесно ќе сфатите дека на сите им била потребна секаква хигиена – и физичка и ментална. А водата, јасно, има и други функции. Таа го гаси пожарот. Онаму каде што гори, се разбира. А горело во Скопје. И буквално и метафорично.

Едно од најважните својства на водата во зачувувањето на менталната хигиена брилијантно го има опишано Блаже Конески во својот есеј „Вода“. Тој заклучува дека вистинската смисла на водата можат да ја осознаат само – мамурлиите! Жедта ја гасите природно, инстинктивно, нагонски, анимално... Мамурлукот го гасите свесно, човечки, со идеја. Оној што никогаш (или некогаш) бил на море, не сонува вода секоја вечер. Само оној што добро се напил, се натрескал, се здрвил... само тој задолжително сонува вода. И се буди поради вода. Само тој има вистински мокри соништа! Некои од тие соништа се токму такви: аква-паркови со низа тобогани, нуркање во меури од вода, скокање од скокалници во прекрасни базени..., ама и тоа некогаш не помага да се отрезниме.

Македонија дефинитивно нема да добие море. Барем не за следните неколку генерации (а тогаш нема ни да ни треба, бидејќи ќе се преплавиме со аква-паркови). Но, со сите овие води, што ги пуштаме да протекуваат, можеме да направиме само две работи: или да се удавиме во нив, или навистина да се отрезниме. Со оглед на традицијата, не верувам дека ќе ги измиеме рацете.

Извор: Граѓански

Слични содржини

Став
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото