Обезглавени исламисти

06.08.2013 08:44
Обезглавени исламисти

И покрај прогнозите на многумина западни експерти, триумфалниот поход на политичкиот ислам беше краткотраен, а второто народно востание во Египет е вистински пример за тоа. Популарната теза дека со Арапите можат да владеат само воени диктатори или исламисти се покажа невистинита. Сите кои проповедаа дека западот мора конечно да го прифати политичкиот ислам како гаранција за мир и стабилност, сега треба добро да се замислат.

Протестните движења во Истанбул и Каиро покажаа дека политичката власт на исламистите се соочува со жесток отпор од широките слоеви на населението. Токму во Египет, колевката на политичкиот ислам, коалицијата составена од либералите, демократите и војската (со пасивната поддршка на салафистите) го означи крајот на владеењето на Муслиманското братство. Тоа е историски настан.

Смената на исламистичкиот претседател Мохамед Морси, само една година по неговиот избор, не го промени само политичкиот пејзаж на Нил, туку ќе поттикне и верижна реакција која ќе го промени целиот регион. Уште од 1970-те години политичкиот ислам е во офанзива. Сега конечно претрпе тежок пораз.

Иако конфликтот помеѓу Муслиманските браќа од една страна и сојузот на војската и демократско-секуларниот блок од друга страна е далеку од разрешување, дури и сега е извесно дека Муслиманското братство се наоѓа во идеолошки и политички ќорсокак, постепено претворајќи се во чисто протестно движење со само една цел – да се поврати изгубената власт што порано и без разлика на цената која мора да се плати. Повеќето членови на Муслиманското братство не покажаа ни најмала желба за преиспитување на својот политички дискурс, кој ги одведе во изолација и придонесе за избивањето на моменталната криза.

Исламистичкото водство целосно потфрли на секое ниво: на политичко, економско и социјално. Не ни треба да се трошат зборови за нивната политичка визија за развојот на Египет, бидејќи и ја немаат. Ставот дека исламот е единственото решение не може да го надомести недостатокот од политичка програма. Нивните обиди за исламизација на државата и општеството придонесоа единствено за продлабочување на борбената линија помеѓу секуларниот и религиозниот блок, и со тоа ја спречија националната расправа за иднината на земјата. Секој обид за постигнување консензус е отфрлен.

Покрај тоа, исламистите покажаа неспособност во управувањето со државните институции. Немаат доволно стручни кадри бидејќи нивната организација е строго авторитарно уредена и почива исклучиво на послушност. На ова треба да се додаде и нивниот политички конзерватизам кој е непријателски настроен кон секоја општествена промена.

Политичките неуспеси на Муслиманското братство не можат да се компензираат ниту со најмалите успеси во социјално-економската сфера. Таму токму спротивното доаѓа до израз: невработеноста, инфлацијата, сиромаштијата и социјалната беда вртоглаво пораснаа во текот на едногодишното владеење на Морси. Туристичкиот сектор е речиси парализиран, а Египет ја изгуби довербата на странските инвеститори.

Целосниот политички крах на Муслиманското братство ги лиши од политички легитимитет и доведе до отрезнување на поголемиот дел од населението, така што коментарите за воената завера се поедноставување на реалната ситуација. Муслиманското братство очигледно не е во состојба да учи од сопствените грешки и да се прилагоди на политичката стварност во XXI век. Наместо тоа, нивното водство и понатаму инсистира на самоубиствена конфронтација и продолжува со поларизација на земјата. И покрај тоа, ќе доживеат уште еден неуспех бидејќи реалполитиката бара подготвеност на компромиси. На тој начин, со политичкиот пораз на Муслиманското братство ќе започне фазата на пораз на политичкиот ислам, што ќе има и регионални и меѓународни последици.

Приближувањето на политичкиот ислам до интересите на западот во земјите на арапската пролет доживеа тежок удар. Муслиманското братство покажа дека не може да биде гаранција за интересите на западот во регионот. Фактот дека западот бара само ослободување на сменетиот египетски претседател, но не и негово враќање на власт, доволно говори самиот за себе.

Најголемиот губитник од второто египетско народно востание е оската Анкара/Доха, која беше финансиски и политички поддржана од Муслиманското братство. Жестоката реакција на турскиот премиер Ердоган во однос на смената на Морси е израз на неговата загриженост за турските економски интереси во Египет, како и за сопствената судбина поради протестите во Турција против неговата авторитарна власт. Ни Ал Џезира која води вистинска медиумска војна против новите египетски власти не е помалку остра.

Иронија на судбината е тоа што токму Саудиска Арабија, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, земјите во кои владејачките елити се однесуваат како Муслиманското братство, практично ги наградија Египќаните со 12 милијарди долари за смената на Морси. Меѓутоа, растот на репресијата врз политичките противници и во овие земји е јасен знак дека и нивното време полека поминува.

Извор: TAZ

ОкоБоли главаВицФото