Штетите што ги направи земјотресот (1)

14.08.2013 10:09
Штетите што ги направи земјотресот (1)

Оштетувања во станбениот фонд

На 26 јули Скопје изгледаше како да е бомбардирано. На сите страни разурнати куќи. Оние згради што не беа паднати, или беа навалени, или нивните ѕидови беа распукани. Имаше згради кои не паднале, но преградните ѕидови се урнале и од улица се гледаше мебелот. Некои згради не беа урнати, но затоа пропаднале за еден или два ката в земја. Имаше згради чии два ката се слеале во еден затрупувајќи ги жителите од двата ката. Земјотресот не ги собори сите згради во Скопје. Главно се распаднаа зградите од средна големина, од 2—5 ката, што беа градени со цигла, како и приземните згради во стариот дел на Скопје, градени од неотпорен материјал. Солитерите покрај Вардар и другите високи згради во „Карпош", кои беа градени во рам конструкција од армиран бетон, главно не паднаа и така не затрупаа луѓе, макар што и тие се многу оштетени. Оние згради кои немаа вертикални армирани столбови, туку само хоризонтални бетонски плочи, а такви во Скопје имаше најмногу, сосема се урнаа и бетонските плочи со својата тежина ги пригмечија нивните жители. Граѓаните што беа на пазар или на улица, кога дојдоа пред своите куќи, најдоа само громада од камење, железо и бетон. Тоа беа моменти на голема несреќа и бол. Најмногу настрадаа општините „Кале" и „Саат Кула" каде што станбениот фонд е речиси уништен 100%. Општина „Идадија" исто така многу настрада, бидејќи голем број згради се урнати, но има и доста поштедени. Во општината „Кисела Вода" има значителни штети и некои згради се паднати, но се смета дека оваа општина најмалку настрада во земјотресот. Од вкупната станбена површина во Скопје која изнесуваше 1.630.000 м2, или од вкупно 36.500 станови што претставува 33,5% од вкупниот станбен фонд во Македонија, ќе може да се поправат и тоа со крајни напори на градежната оператива од сите братски републики само 9.639 стана. Ова значи дека близу 80% од станбениот фонд на Скопје е уништен и дека околу 180.000 луѓе останаа без покрив. Оние згради кои не паднаа, но беа толку многу разурнати и склони на паѓање, беа минирани и урнати уште во првите денови по земјотресот, бидејќи претставуваа опасност за минувачите.

Градскиот штаб за борба против елементарни непогоди отпечати плакати кои беа закачени по куќите со натпис „Забранета употреба на објектот". Ретки беа зградите без такви плакати.

Но, кога дојде есен и почнаа дождливи и студени денови, некои семејства и покрај опасноста влегоа во своите уште непоправени домови, па се искачија дури и на 15 кат, иако одвреме навреме се чувствуваа потреси.



Штети во индустријата

Во прво време се сметаше дека индустриските објекти во градот многу не настрадаа. Дури кога се изврши стручен преглед се установи дека и во индустријата штетите се огромни. „Од 45 поголеми индустриски претпријатија, колку што ги има во Скопје, во 14 се наполно уништени градежните објекти или се онеспособени за подолго време, 13 претпријатија се делумно оштетени, додека сè на сè 18 фабрики бараат помали поправки. Колку е тоа тежок удар за столанството на Македонија најдобро го објаснува податокот дека скопското стопанство учествуваше со 40% во стопанските фондови на Републиката" — рече другарот Крсте Црвенковски во својот реферат на Пленумот на ЦК на Сојузот на комунистите на Македонија одржан на 10. VIII. 1963 год. во Титов Велес. Во областа на индустријата огромни разорувања претрпеа како градежните објекти, така и основните средства и опремата. Низа фабрики се сосема оштетени, а добар дел претрпеа значителни загуби. Околу 6 индустриски претпријатија претрпеа сериозен удар во одделните постројки кои треба да се набават од странство. Земјотресот со своите катастрофални последици го парализира во основа целокупниот стопански живот на градот, а Републиката ќе ги чувствува последиците речиси една деценија. Скопската индустрија претрпе загуба во висина од 8,5 милијарди динари. Некои претпријатија се толку оштетени, што во денешните услови се поставува прашањето дали постои економска оправданост за нивното обновување и опстанок — рече во својот реферат другарот Црвенковски. Огромни загуби има текстилната индустрија. Текстилната фабрика „Кузман Јосифовски-Питу" е речиси најоштетената фабрика во Скопје. Кај неа се разурнати и градежните објекти и опремата. Разурната е погонската хала, трафостаницата, котларницата, урнати се двата оџака, а текстилните машини се исто така значително оштетени. Целокупната загуба во оваа фабрика се цени на околу 1,5 милијарда динари.

Големи загуби претрпе и фабриката „Македонски фолклор". Во неа не ќе биде можно да се обнови работата во скоро време и затоа се обезбеди екипа за демонтирање на предилницата.

Зградата на фабриката за конфекција „Прогрес" е многу оштетена, но машинскиот парк е главно сочуван.



И во металната индустрија има значителни оштетувања. Така металското претпријатие „Коце Металец" претрпе директна загуба од близу 70 милиони динари. Халата за производство на лимени конструкции е наполно уништена. Оштетувања има и кај другите простории и во опремата. Металскиот завод „Тито" не претрпе големи загуби освен во леарницата. Првите денови по земјотресот се сметаше дека Железарницата не претрпе штети. Но една екипа стручњаци од Институтот за испитување на материјали утврди дека бетонските носечки столбови се пукнати и дека се поместени ротационите печки. Сепак, овие загуби не се големи. Кожарницата „Гоце Делчев" и фабриката за чевли „Водно" претрпеа сериозни оштетувања во градежните објекти, но, машините и инсталациите им се сочуваа. Исто така помина и Тутуновиот комбинат со загуби од 700 милиони, како и Графичкиот завод „Гоце Делчев" со штета над 400 милиони динари. Рудникот за хром „Радуша" не претрпе разурнување, но затоа остана без стручен кадар: од сите инженери само еден остана жив.

Фабриката за бои и лакови „Пролетер", фабриката за сапун и козметички производи „Цветан Димов", фабриката за стакло и стаклена волна, Електрохемискиот комбинат „Билјана", Фабриката за синтетички влакна и ацетилен „Наум Наумовски-Борче", фабриката за цемент „Усје" и „Лепенец", фабриката за бетонски конструкции „Карпош", фабриката за мебел „Треска" и Термо-електричната централа „Маџари" претрпеа незначителни штети и по неколку дена почнаа со работа. Работниците беа пак први што влегоа под покрив. Стравот од потресите на вознемирената почва беше совладан прво од колективите на производните претпријатија, а седум колективи не ја прекинаа својата работа ни на 26 јули.

 (продолжува)

ОкоБоли главаВицФото