Има ли Македонија свој Срѓа Поповиќ?!

01.11.2013 09:49
Има ли Македонија свој Срѓа Поповиќ?!

Деновиве Балканот загуби голем човек, редок човек, нормален во подобрите времиња, посебен кога е најтешко и кога сите одбираат да бидат обични и исти.

Срѓа Поповиќ е важен за секоја од овие напатени земји и народи, граѓанин и човек неоптoварен со националното и популарното, пример за храброст и за контратенденција кога мнозинството ќе прегрне одредено режимско или квазинационално лудило.

Од тој аспект, Срѓа нема дом, тој им припаѓа на сите, на слободоумните и на храбрите луѓе кои во него ќе пронајдат инспирација и пример.

Во време на мир, човек може да биде и полош од бомбардирање. Во време на војна, проблемот е да се најде човек од сите бомби. Ете, така јас би го опишал човекот како Срѓа: во мирните времиња да бидеш мирот, а во лудите времиња да бидеш немирот на режимот.

И видете, оваа дефиниција говори и за непретенциозноста на ублажениот интелектуалец, кој не се доживува себеси, ниту пак треба да биде сфатен како гениј, како посебен, туку како човек кој неуморно опоменува и дејствува против девијациите и неслободите во едно општество. Како што би рекол Албер Ками, демократијата е социјална и политичка вежба на практикувањето скромност.

Срѓа Поповиќ, непретенциозен и во малцинство, наспроти претенциозноста и лажната грандиозност на балканските националистички режими кои го опиваат мнозинството граѓани. Тоа е најголемата вредност на еден слободен човек, да има храброст да биде малцинство, да биде различен, кога сите ги збиваат редовите во заштита и промоција на лудилото.

И кога велам има ли Македонија свој Срѓа Поповиќ, пред сѐ прашувам: дали имаме луѓе кои со храброст се спротивставуваат на национал-популистичкото лудило на режимот, додека во исто време, со искрена скромност се борат за демократијата и слободата.

Срѓа Поповиќ никогаш не верувал дека има одговор на сите прашања, и можеби тука лежи неговата посветеност и далековидност. Човек кој знае да го препознае погрешното, но никогаш нема арогантно да мисли дека неговото сфаќање на слободата и демократијата треба да биде апсолутно. Ниту, пак, има апсолутно сфаќање за демократијата, затоа што демократијата за да биде тоа што е ниту смее да биде апсолутна, ниту пак е најдоброто нешто што постои. Како што се вели, борбата за демократијата е таа да биде најмалку лошиот режим.

Еве, ние, иако така мали и млади, ги пробавме сите режими и денес би требало да знаеме.

Јас не се борам за нешто најдобро, туку за нешто подобро, не мислам дека знам сѐ, но се спротивставувам на оној кој претендира да нѐ уредува под идеолошката матрица дека знае сѐ. Ја мразам и ѝ посакувам смрт на илузијата на режимот, на илузиите на квазидемократите, но не гајам илузии дека јас го имам најдобриот можен одговор.

Вистинскиот демократ верува дека разумот може да освести многу луѓе за огромен број проблеми, и дека со разум утре може и да ги регулира. Но, не верува дека разумот доминира, дека тој владее врз сите луѓе и врз сиот свет. Затоа, вистинскиот демократ е скромен, зашто признава и одредено незнаење, признава одредена доза на хазардерство во своите напори и дека ништо не е дадено, ниту му е дадено. И оттука, тој признава дека му се потребни и другите, дека неговото битисување како малцинство не му значи ништо, затоа што сака и други малцинства за со нив да го сподели тоа што тој го знае, со тоа што останатите го знаат.

Но, вистинскиот демократ не е кукавица која во целиот процес одбива да одбере страна, затоа што различни страни секогаш постојат. Не е еден од мнозинството, кој секој проблем, секоја дебата, секое несогласување или сопствено незнаење ќе го маскира или релативизира зад – сите се исти. Не е човек кој се плаши да засука ракави и да се извалка во одбрана на нешто вредно или во напад на нешто опасно.

Мојот заклучок, а тоа овие денови се виде, е дека Македонија има многу малку вистински демократи, малку луѓе ала Срѓа. Повеќето, сакале да признаат или не, се дел од тажното мнозинството, иако можеби истото го презираат. Не се индивидуи и не се малцинство кое реално се бори против лудилото, затоа што додека внимателно ги бираат своите битки, борбата ќе заврши. Можеби најголемата трагедија е што за многу луѓе тука, борбата е изгубена уште пред да почне. Којзнае, можеби само во целосно изгубените ситуации, се раѓаат луѓе како Срѓа.

Слика: Свирачиња