Херојот Ленче

17.01.2014 11:51
Херојот Ленче

Фотографијата на 12-годишното девојче Ленче Наумова ги преплави тие јулски денови насловните страници на сите весници во светот. Таа и Живка Анастасова беа своевидни херои - последни живи извлечени се од урнатините, после четири дена минати без храна и вода. Живка остана 80 часа, а малата Ленче Наумова трпеше глад и жед 77 часа.

Драмата и спасувањето на храброто девојче го следеа многу сниматели, новинари и граѓани. Поминувајќи го четвртиот ден после катастрофата, покрај урнатините на зградата во која некогаш живееше, доктор Јован Јуруковски, слушна детски глас.

-Има ли некого долу, праша тој.
-Жива сум, жива, одговори детски глас.

Беше тоа страшно. Како да удри гром, се сеќава десетина години подоцна Ленче Наумова. Се разбудив од сон и видов како куќата се тресе. Потрчав до прозорецот, но повторно се вратив на каучот. Тоа и ми го спаси животот. Сѐ се стемни и јас одеднаш се најдов притисната меѓу каучот и шифоњерот. Се гушев и викав: Мамо, тате, на помош. Но никој не одговараше. Така заспав.

Бев жедна и многу спиев, раскажува Ленче. Постојано беше темно и не можев да се поместам. Едната рака ми беше слободна и таа ми служеше како 'мерка'. Мерев како една бетонска плоча постојано ми се приближува. Првиот ден беше далеку еден лакт, а со секој потрес доаѓаше поблиску. Кога ме извлекоа, плочата беше само неколку сантиметри од мене. Да останев до вечерта, сигурно ќе ме убиеше.

Одеднаш чув чукање и гласови. Повикав: На помош, на помош. Почна да паѓа и прашина, која ми го печеше и така исушеното грло. Првите зборови што ги чув беа:

-Како си малечок?
-Јас сум девојче. Ленче е тука, одговорив. Чувствував како забрзано работат. На половина метар од мене догледав отвор.

-Копајте лево, копајте лево, повикав. Тогаш догледав војничка капа, титовка.
-Ленче, како си?
-Добро сум, чичко.
-Еве ти вода.

Ништо послатко во животот не се бев напила од тие неколку голтки. Дури тогаш почна битката за мојот живот. Со тестери го сечеа мојот „кафез“. Најпосле ме подигнаа силните раце на чичко Миле Јовановиќ, офицер на ЈНА. Како бебе ме понесе на раце, додека од сите грла ечеше:

-Да живее Ленче! Да живее Армијата!

Потоа Ленче ја одведоа во болница. Окружена со топлината на своите соученици, наставниците на училиштето „Гоце Делчев“ и роднините, почна да се опоравува. Не толку од повредите колку од тагата за таткото кој остана во урнатините. Во Белград го заврши VIII одделение во училиштето „Исидора Секулиќ“, во Скопје средно економско училиште, а потоа се запиша и на факултет. Во првите десет години луѓето не ја забораваа Ленче. И денеска веројатно добива писма и разгледници. Децата од Советскиот сојуз го преплавија храброто девојче со разгледници и значки. Нико Јовичевиќ од Рисанѝ ја посвети совјата песна која почнува со стихот: „Ленче, симболу на древниот град со тешки рани“.

Многу нешта од тие денови се заборавија, но јас никогаш не ги заборавив моите спасители, старешините на ЈНА Миодраг и Драгољуб Јовановиќ, вели Ленче.

Но, не само таа. Никој во градот на Вардар не може да ги заборави момчињата во сивомаслинести униформи. Од првиот час на катастрофата во спасувањето на граѓаните учествуваа 4.570 војници. Подоцна ги имаше многу повеќе. Тие спасија од урнатините 428 човечки животи и евакуираа 4.000 граѓани.

Армијата подигна во Скопје шаторска населба за 60.000 луѓе, а на војничките казани секој ден се хранеа 60.000 луѓе. Војниците-инженерци ја подигнаа населбата Аеродром. Со указ на Претседателот Тито се одликувани 590 градители-војници.

80 часа без храна и вода

Само три часа после Ленче, спасителите открија уште еден „жив гроб“, во шестокатницата на „Југобанка“. Зградата изгледаше стравично и малку кој можеше да поверува дека во неа може да има жив човек. Но сепак, членовите на спасувачката екипа Бечир Собари и на милиционерот Златибор Јовановиќ им се причини дека слушаат сигнали од урнатините. Веднаш беше повикана француската екипа, која допатува во Скопје со прецизни инструменти, што можеа да регистрираат отчукувања на срце и на пет метри под бетонот.

Под урнатините има живи, рекоа тие. Спасителите почнаа забрзано да работат.

Најодзади допреа до Живка Анастасова, приклештена со греди околу половината. Додека спасителите ги сечеа гредите таа разговараше со нив и со лекарите.

Каде се моите деца? Живи ли се?, беше нејзиното прашање.

Ѝ рекоа дека се живи. Но тоа беше лага. Кој во тој момент можеше да ѝ ја каже вистината на жената која без вода и храна помина под урнатините 80 часа? Маж ѝ беше жив. Тоа утро тргна порано на пазар. Оттогаш, четири дена чека тука и се надева. Нивните деца останаа под урнатините.

Подоцна Живка беше испратена на лекување во Дивчибари. Ѝ рекоа да остане колку сака. Еден ден кај Ваљево ја застанаа група Роми:

Ти ли си Живка од Скопје? Еве ти четири варени пченки. Друго немаме.

Извор: Земјотрес, НИО Студентски збор, 1977, Скопје.

ОкоБоли главаВицФото