Химната како национален симбол

14.12.2009 13:58
3339609320051226201341.jpg

Увод: Химната како „внатрешно“ оспоруван симбол

„Нациите без национален идентитет стануваат плен за другите нации.“ (Мустафа Кемал Ататурк, 1923)1

Политичката борба за меѓународно признавање на Република Mакедонија беше претставувана и оправдувана првенствено како борба против оспорувањата на националниот идентитет и на националните симболи од страна на соседните држави. Официјалната државна политика на „еквидистанца“ не ги перципираше и претставуваше соседните држави како најблиски потенцијални соработници, туку како „ловци“ кои постојано го демнат својот плен (македонската нација) и кои вложуваат огромни напори за да докажат дека таа е „вештачки конструирана“, без или со крајно сомнителен национален идентитет.

Во овој политички контекст, истражувањата беа главно преокупирани со улогата на националните симболи во борбата за меѓународно признавање на Република Македонија, неретко претставувана и како борба за меѓународно признавање на националниот идентитет: со името на државата и знамето како симболи оспорувани од страна на грчката официјална политика; со македонскиот јазик и хероите од Илинденското востание како симболи оспорувани од страна на бугарската официјална политика; со МПЦ (но, и АСНОМ) како симболи оспорувани од страна на Српската православна црква и некои српски политичари.

Меѓутоа, националните симболи не беа оспорувани само „однадвор“, туку и „однатре“. Токму затоа, анализата на процесите на политичко конструирање на државните симболи на Република Македонија мора да ја има предвид и „внатрешната“ политичка борба. Во рамките на партиско-политичката борба можеме да идентификуваме два политички фронта: првиот, на релација доминантна „заедница“ - доминантна не-мнозинска „заедница“; вториот, во рамките на „македонскиот политички блок“, главно помеѓу ВМРО-ДПМНЕ - СДСМ, кои досега ги менуваа ролјите владејачка партија - клучна опозициона партија. Политичката борба во врска со дефинирањето на државните симболи досега се водеше главно на првиот политички фронт - помеѓу политичките партии на етничките Албанци во улога на оспорувачи на државните симболи изгласани од страна на мнозинството предводено од „македонскиот политички блок“ и политичките партии на етничките Македонци во улога на бранители.

За разлика од знамето, актуелната државна химна на Република Македонија „Денес над Македонија“ е еден од маргинализираните национални симболи кој многу повеќе беше мета на внатрешно, отколку на надворешно оспорување2. Химната беше едногласно усвоена во 1992 год., на собраниска седница на која беше усвоено и знамето со шеснаесеткрако сонце, но во отсуство на политичките претставници на „албанскиот политички блок“. Иако законскиот процес ги задоволи уставните барања за двотретинско мнозинство („за“ гласаа 88 од 120 пратеници), политичкото оспорување на химната започна истиот ден кога „Денес над Македонија“ беше официјално прогласена за државен симбол3. [...]

1. Официјални приказни за химната на Република Македонија
1.1. Во потрага по официјална приказна

[...] По релативно неуспешната реална и виртуелна прошетка во законодавниот „дом“ на државните симболи, одлучив да го продолжам трагањето „одоздола“, од Струга. Уште по првите разговори со мештаните ми стана јасно дека „градот на поезијата“ не е само место каде што е создадена и за прв пат изведена „Денес над Македонија“, туку и место каде што се конструирани првите официјални приказни за химната на Република Македонија, благодарение на локалните иницијативи за државно одбележување на значајниот настан. [...]

1.2. Приказната за „Денес над Македонија“: неуспешен обид за создавање на национален мит?

Локалните иницијативи за конструирање официјална државна приказна за „Денес над Македонија“ како национален симбол можат да се класифицираат во рамките на постојните обиди за создавање национални митови за континуитет4. Навистина, текстот на „Денес над Македонија“ претставува одличен повод за конструирање интегрален мит за континуитет кој ќе ги содржи трите компоненти: името на територијата (содржано во насловот, како и во стихот „Македонија слободна, слободно живее“); етничкиот идентитет (во стихот „Македонците се борат...“); и „вековната борба за државност“ (во стиховите „Од ново сега знамето се вее на Крушевската република“). [...]

1.2. Приказни за официјалната химна: конфликт на интерпретации

Официјалната собраниска публикација за химната, објавена по повод контроверзниот јубилеј од 2001 год. во Струга, нуди интересен материјал за анализа од кој можат да се идентификуваат три различни конфликти на интерпретации на химната. Првиот конфликт е помеѓу обидот за конструирање на национален мит за химната „одоздола“ (врз основа на локалниот мит заснован на чинот на „праизведбата“ во Струга) и обидот за конструирање на официјална приказна „одозгора“ (фокусирана врз демократските процедури во Собранието кои резултираат со усвојување на државната химна). Вториот конфликт на интерпретации е помеѓу партиите во рамките на „македонскиот политички блок“ кои се обидуваат да создадат официјална приказна за химната која ќе биде во согласност со нивното „читање“, поточно кажано - пишување на историјата. За третиот конфликт сведочи отсуството на какви било политички претставници на етничките Албанци како актери во ритуалот на свеченото одбележување на 60-годишниот јубилеј во Струга. Ова отсуство може да се протолкува како симптом за конфликтот меѓу „македонскиот политички блок“ и „албанскиот политички блок“. Првиот се обидува да ја легитимира постојната химна како над-етнички, национален симбол, а вториот се обидува да ја оспори „Денес над Македонија“ како етнички симбол, кој не е прифатлив за сите граѓани на Република Македонија. [...]

1.2.1 Собраниската „официјална приказна“ за „официјалната химна“

Официјалната приказна за химната, раскажана од Стојан Андов - претседателот на Собранието во 2001 год., може да се толкува како обид за легитимирање на националната химна како државен симбол а) донесен согласно Уставот и демократските процедури; б) како инклузивен, обединувачки симбол со кој се идентификуваат сите граѓани на Република Македонија.

[...] Откако пристигнатите дела на конкурсот биле разгледани од страна на посебна работна група, на комисијата за Уставни прашања и биле доставени три предлози за химна5, по што комисијата оценила дека „предложената творба ’Денес над Македонија’ и музички и текстуално побудува чувство на гордост, достоинство и припадност на самостојна и суверена Македонија“. Според мислењето на комисијата, во интерпретација на Андов, „Денес над Македонија“ го изразува „...вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава“.
Меѓутоа, обидот на Андов да создаде кохерентна и непроблематична приказна со која ќе го легитимира изборот на „Денес над Македонија“ како химна која ги задоволува зададените критериуми, се соочува со бројни тешкотии. Кревката приказна на Андов дава повод за поставување на повеќе прашања, кои го ставаат под сомнеж не само тврдењето дека песната „Денес над Македонија“ е избрана согласно зададените критериуми и демократските процедури, туку и дека е „општо прифатена како химна од граѓаните на Република Македонија“.
Како прво, останува нејасно на кој начин „Денес над Македонија“ музички и текстуално побудува „припадност на самостојна и суверена Македонија“ - имајќи предвид дека текстот и мелодијата се создадени 50 години пред прогласувањето на самостојна и суверена Македонија, а првата музичка обработка на Тодор Скаловски е создадена во 1944 година.

Како второ, останува нејасно на кој начин избраната химна ги изразува „природните карактеристики на Републиката... и современите стремежи за демократско општество и европска и светска интеграција“. Имено, освен двосмисленото спомнување на „Македонија“, во текстот на песната има само еден стих кој асоцира на некакви „природни карактеристики“, стихот „Горите македонски шумно пејат...“ Потоа, може ли да се очекува од песна напишана од страна на комунист уште во 1941 година да ги изразува „современите стремежи за демократско општество“? Уште понејасно е на кој начин песната ги изразува современите стремежи за „европска и светска интеграција“, ако се знае дека во песната не се спомнува никаков друг географски или политички ентитет освен „Македонија“.
Како трето, останува да лебди и прашањето на кој начин „Денес над Македонија“ го изразува „...вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава“, имајќи предвид дека песната се повикува исклучиво на историските традиции на Крушевската република, од која нема поминато еден век, туку само 89 години - до денот на прогласувањето на химната на Република Македонија.
Сепак, еден од најконтроверзните приговори во врска со изборот на „Денес над Македонија“ за химна, е дали песната воопшто го изразува „заедништвото и сожителството“, приговор кој станува особено актуелен во пост-конфликтниот период кога е прославена 60-годишнината од нејзината прва изведба. Во своето излагање Андов потенцира дека „Денес над Македонија“ е општо прифатена како химна од граѓаните на Република Македонија“. Меѓутоа, изјавата на тогашниот Претседател на Република Македонија Борис Трајковски во неговата поздравна телеграма прочитана на прославата фрла малку поинаква светлина. Борис Трајковски најнапред изнесува општ став дека „Химната е еден од најпрепознатливите симболи на државноста и израз на единство и на определбите на граѓаните на секоја држава“. Веднаш потоа, тој симптоматично изразува „верба дека нашата слободарска химна уште долго ќе одекнува на сите меридијани и ќе нè зближува и обединува околу нашата татковина“. ['Телеграма од Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски', 2001, 25]

Изразувањето на верба од страна на Трајковски дека химната успешно ќе ја остварува својата мисија како фактор на зближување и обединување во иднината може да се протолкува и како предупредувачка сугестија дека таа не успеала да ја оствари својата мисија на крајот од пост-конфликтната 2001 година. Впрочем, за тоа сведочи и отсуството на политичките претставници на етничките Албанци од Македонија како активни учесници во државното одбележување на 60-годишнината од „химната“ во етнички поделената Струга.

Во „официјалната приказна“ на Стојан Андов можат да се детектираат уште два стремежа: маргинализирање на поводот за државното одбележување - 60-годишнината од првата изведба на „Денес над Македонија“ во Струга, и истакнување на сопствената улога како еден од „татковците на нацијата“ кој непосредно учествувал во дефинирањето на националните симболи. [...]

1.2.2. Изборот на официјалната химна: „Многу врева за ништо“?

Химната „Денес над Македонија“ е оспоруван симбол не само после нејзиното изгласување, туку и за време на собраниската постапка за избор на „нова“ химна на Република Македонија. Резултатите од анализата на конфликтот помеѓу членовите на жирито задолжени за текстот и членовите на жирито задолжени за мелодиските вредности на пријавените песни, како и на конфликтот во однос на „авторството на ’Денес над Македонија’, го разнишуваат ’официјалниот мит’ дека химната, како ’општоприфатен’ симбол, била избрана согласно сите демократски процедури“. [...]

1.3. Струшки приказни за (не)официјалната химна

Наспроти официјалните приказни за химната на Република Македонија во кои како главни настани се опишуваат демократските процедури непосредно по изгласувањето на новиот Устав од 1991 година, стружани се обидуваат да конструираат своја официјална приказна за создавањето на „Денес над Македонија“ во која како главни настани се опишуваат првенствено комунистичките активности при прославата на 1942 година во Струга.

Сепак, во првиот посериозен обид за создавање официјална историја на „Струга и Струшко“ не се прави голема фама од чинот на изведувањето на „популарната песна“ [Каланоски, 1970, 90-1]. Дури во 1981 година, на еден научен симпозиум во Струга, на пречекот на новата 1942 година му се придава пошироко значење, и тоа токму поради „првото лансирање на песната ’Денес над Македонија се раѓа’“. При реконструкцијата на настанот водена токму од авторот Владо Малески, песната која во 1970 година беше опишана како „популарната песна“ е преопишана како „најпопуларната песна во цела Македонија“, и како „еден вид македонска химна“. ['Стенографските белешки...' , 1981]. [...]
Откако популарноста на песната6 е крунисана со нејзиното прогласување за химна на Социјалистичка Република Македонија во 1989 год., стружани навиваат истата песна да биде прогласена и за химна на Република Македонија, заедно со текстот. [...]

По прогласувањето на „Денес над Македонија“ за химна на Република Македонија продолжуваат настојувањата на Стружани за претставување на чинот на создавањето на „химната“ како историски настан, но сега со митски димензии. [...]

Во обидот да се создаде кохерентна локална приказна за фамозниот пречек на 1942 година во Струга, се јавуваат конфликтни интерпретации во однос на повеќе моменти од „историскиот“ настан. Како прво, дали песната се вика „Денес над Македонија“, „Денес над Македонија се раѓа“, или пак „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“? Потоа, дали Владо Малески ја испеал песната сам на гитара, заедно со Боре Путо (Хаџиески) и Димче Кошарко (и Стефо Балтоски), или пак во импровизиран хор со сите останати? Има големи разидувања и во однос на тоа кој сè бил присутен во куќата на Сотир Шута на пречекот на новата 1942 година.

Сепак, најмногу конфликтни интерпретации има во однос на тоа дали аријата на „Денес над Македонија“ е плод на фантазијата на Малески (како што сведочи Чакаревски), или пак е веќе позната и преземена песна. Според алтернативната приказна на Сотир Стефан Опетчески, Владо Малески е и композитор и автор на текстот. Но, песната „Надежда болна легнала“ не му била инспирација на Владо Малески да ја компонира „Денес над Македонија“, туку песните: „Букетот тој што ми го даде при заминување на војна“, потоа „Ајде браќа да минеме преку Вардар за Велешко“ и како трета е песната „Телеграма дојде од Европа за султанот“. Овие песни му биле содржински и мелодиски посочени од Стефан Опетчески, кој како хармоникаш бил присутен при првичното изведување на „Денес над Македонија“ [Опетчески, 2004, 70-1]. Приказната на Опетчески е алтернативна верзија на официјалната приказна на првиот мелограф на „Денес над Македонија“ Тодор Скаловски, кој тврди дека мелодиската основа на оваа песна ја прави народната-староградска песна „Надежда болна лежи и умира“.

Различни интерпретации, од различни политички перспективи, се изразени и на јубилејот „60 години од првото исполнување на химната на Република Македонија ’Денес над Македонија се раѓа’“ - особено во однос на тоа што симболизира песната. Така, според претседателот на сојузот на струшките борци, песната станала „нешто како симбол на разгорената борбена традиција на македонскиот народ“ [Балоски, 2004, 90]. Од поетското излагање на градоначалникот на Струга Ромео Деребан, се добива впечаток дека песната го изразува слободарскиот дух и новото време - „новото сонце на слободата“. За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Ацо Сајковски, „Денес над Македонија“ израснала во „симбол на вечната борба на Македонецот за сопствен идентитет и лична слобода, за афирмација на интелектот“, означувајќи ја победата на националниот стремеж „пред интернационализмот и стремежот за создавање на некакво наднационално чувство“. Наспроти познатите приговори дека песната е комунистичка творба која одразува комунистички цели и идеали, од анализата на причините за појавување на химната „Денес над Македонија“ Сајковски заклучува дека „песната е само дел од големата идеја пренесувана со векови од генерација на генерација за ослободување на Македонија“. За него е најбитно тоа што химната „во себе ги носеше целите на ВМРО“ и „го одржуваше континуитетот на историската борба на македонскиот народ“ ['Шеесет години...', 2001, 8].

2. Перцепирањето на државната химна како национален симбол

Моето теренско истражување не беше мотивирано само од прашањето како државната химна како јавен симбол го репрезентира националниот (или етничкиот) идентитет, туку и дали приватните мемории и доживувања што ги инспирира химната се во тесна врска со чувството за национална (или етничка) припадност. [...]

Избраното иницијално прашање „Која песна била изведувана како национална химна на првата Македонска држава?“ беше намерно двосмислено и збунувачко, мотивирано од методолошката согледба дека некои двосмислени и збунувачки прашања можат да бидат од полза во анализата на двосмислените и збунувачки идентитети. Имајќи предвид дека во Република Македонија зема замав трендот да се зборува за „национални симболи“ без да се реферира на некоја постоечка национална држава, прашањето беше намерно така формулирано за да ги поттикне мемориите за „националната химна“, но и да ги ограничи во контекстот на „првата македонска држава“.

Согласно моите лични мемории за „првата Македонска држава“ - АСНОМ-ска Македонија, конституирана на 2-ри август 1944-та година - имав очекување дека поголемиот дел од испитаниците ќе споделуваат слични мемории, и дека за повеќето од нив одговорот на иницијалното прашање ќе се разликува од одговорот на прашањето: „Која е актуелна химна на Република Македонија?“.
Меѓутоа, после поставувањето на иницијалното прашање, и повеќето неформални разговори за химната, моите првобитни очекувања беа во голема мерка изневерени.

2.1 „Химната на првата македонска држава“ - Античка Македонија

„Која песна била изведувана како национална химна на првата македонска држава?“
„ - Па, што знам, некоја песна која го слави Александар... кралот Александар... Македонски... “ (пензионер, Битола, 67 години)

Едно од поголемите изненадувања од неформалните разговори беше големиот број одговори во кои првата „национална химна“ се сместува во контекст на Античка Македонија како „прва македонска држава“. [...]

2.2. „Химната на првата македонска држава“ - Самуиловата држава

„Првата македонска држава? Зборуваме за држава која не е Самуилова?“ (25-годишна уметница од Скопје)

Кога станува збор за „првата македонска држава“ и „националната химна“, најмал дел од испитаниците упатуваа на т.н. „Средновековна Македонска држава“ - едно од актуелните жаришта на културниот конфликт, разгоруван од македонската и бугарската историографија [...]

2.3. „Химната на првата македонска држава“ - „Крушевската Република“

„Која е според тебе првата македонска држава?
- Крушевска Република... претпоставувам... (...)
- Да... десет дена - десет дена, нема врска...“
(постдипломец од Скопје)

Националниот мит7 за Крушевската Република како „прва македонска држава“ не опстојува само во строфата „Од ново сега знамето се вее на Крушевската Република...“, туку и во мемориите на голем број граѓани на Република Македонија. Митот за „првата република на Балканот“ е клучен елемент во националната меморија која се реанимира на секој 2-ри август во Крушево - на големиот народен митинг на Мечкин Камен8. Свечениот митинг што секоја година се одржува пред споменикот на Питу Гули, оваа година започна токму со интонирање на химната „Денес над Македонија“, која беше заеднички испејана од голем дел од присутните9. [...]

2.4. „Химната на првата македонска држава“ - „АСНОМ-ска Македонија“

„Која е за тебе првата македонска држава?
- АВНОЈ-ска Македонија. Макар што за некои и тогаш не сме биле ослободени. Така што прва химна би била „Денес над Македонија“, истата што и денес. Само што „Денес над Македонија“ се раѓаат нови криминалци...“ (професор од Битола)

Иако, според очекувањата, најголем број од испитаниците ја лоцираа „првата македонска држава“ во 1944-1945 година, реферирајќи на неа почесто како на „АСНОМ-ска Македонија“, а поретко како на „АВНОЈ-ска Македонија10“, сепак, големо изненадување за мене беше сознанието дека речиси исто толку испитаници воопшто не можеа временски да ја лоцираат „првата македонска држава“.
Уште едно изненадување беше дека за најголем дел од моите соговорници одговорот на прашањето за химната на „првата македонска држава“ беше идентичен со одговорот на прашањето за актуелната химна на Република Македонија - песната „Денес над Македонија“, која за првпат е прогласена за химна дури во 1989 год. Само двајца испитаници експлицитно споменаа дека на отворањето на првото заседание на АСНОМ како химна не била изведена песната „Денес над Македонија“, туку „заборавената“ песна „Изгреј зора на слободата11“. [...]

2.5. „Химната на првата македонска држава“ - Република Македонија

Наспроти најновите медиумски трендови за откривање на трагите на „македонската прадржава“ во праисторијата и обидите на „државниот“ археолог Паско Кузман да ја претвори Владата во антички музеј, една помала група соговорници сметаше дека за национална химна на „првата македонска држава“ може да се зборува дури од 1991 година:
„...што би кажала кога некој би те прашал за првата македонска држава?
- Па да, би рекла 91-ва, 92-ра... Барем јас ја доживувам како таква.“
(НВО-активистка од Скопје) [...]

2.6. Државната химна и националниот идентитет

„Јас сум прво Македонка, а дури потоа Влаинка... На пописот се пишав како Македонка.“ (Ица Гули, внука на Питу Гули)
„Јас сум прво Македонец, а после Ром. Немам друга татковина освен Македонија. Тука сум се родил, тука сум израснал, тука војска сум служел.“ (продавач на семки на Гумења, Крушево)

Изјаснувањето на внуката на Питу Гули, кое делумно коинцидираше со изјаснувањето на уште еден нејзин сограѓанин, кој го претпочиташе националниот идентитет „Македонец“ во однос на својот етнички идентитет, беше поттикнато токму од прашањето „Дали е во ред спомнувањето на Питу Гули во химната како Македонец12?“

И според одговорот на еден професор од Битола, идентитетот „Македонци“ во химната подразбира нешто пошироко од актуелната доминантна употреба на „Македонци“ во етничка смисла: „Во химната не се подразбираат под Македонци само етничките Македонци, туку пошироко, сите кои се бореле за Македонија, независно од етносот“.

Слично сметаа и повеќето други испитаници. За нив, сознанието дека Питу Гули е Влав воопшто не е пречка за тој да се вброи во славните Македонци што се борат за „својте правдини“:

- Нема врска што е Влав. Се борел заедно со другите за ослободување на Македонија.
- Точно е тоа, Влав е. Ама се борел за Македонија, за македонска Република.
- Да, затоа што живеел на територијата на Македонија. И се борел за ослободување на Македонија.
- Па, се борел и тој храбро за Македонија... и животот го дал.

И за една млада продавачка од Битола, спомнувањето на Питу Гули како Македонец воопшто не претставува проблем: „Ако сметал дека е Македонец, и се борел за Македонија, за ослободување на својата земја, тогаш мораме да го признаеме како Македонец“. Според неа, за признавањето како „Македонец“ не е доволно само некој да „се борел за Македонија, за ослободување на својата земја“, туку и да „сметал дека е Македонец“. Еден скопски студент, пак, смета дека е доволно тоа што Питу Гули станал дел од македонската историја, за да се вброи меѓу Македонците: „Па, веќе кога Крушевската република се сместува во македонската историја, мислам, и тој е дел од таа историја...“

Кај одреден дел од испитаниците забележлива беше тенденцијата за експлицитно идентификување на Власите како Македонци. За една 80-годишна домаќинка од Скопје, која имаше свежи мемории како социјалистичката младина пред секој настан ја пеела „Денес над Македонија“ како химна, на прашањето дали е во ред тоа што Питу Гули се спомнува како Македонец, одговори вака: „Не знам како да ти кажам. Тогаш сите бевме едно“. Нејзината изјава алудира на ефектите од тековната државна политика на исклучиви етнички идентитети, на тоа дека денес сите граѓани на Република Македонија не се „едно“, како во социјалистичкото „тогаш“, туку или се Македонци, или Албанци, или Турци, или Власи, или Роми, или Бошњаци, или Срби, или „други“.

Меѓутоа, иако за мнозинството граѓани денес е речиси незамисливо некој македонски државјанин да се изјаснува и како Албанец и како Македонец, за дел од Власите и етничките Македонци е сосем прифатливо некој да се изјаснува и како Влав и како Македонец. [...]

Дилемата дали инклузивниот над-етнички идентитет „Македонец“, кој евентуално се промовира во „Денес над Македонија“ е компатибилен со тековните исклучиви етнички идентитети, кои се промовираат во Уставот, ја поставив и на мојот личен блог, неколку месеци пред почетокот на истражувањево:

„Дали тоа [спомнувањето на Питу Гули] значи дека во текстот на нашата химна зборот „Македонци“ се употребува во не-етничка смисла?
Секоја чест ако е така, но тогаш текстот на химната не одговара на нашата пост-рамковна етно-националистичка реалност.
Ако пак не е така, дали е тогаш фер да се споменуваат само етничките „Македонци“, а не и другите конститутивни етникуми спомнати во преамбулата на Уставот?“ [Трајаноски, 2006]

Уште во првиот коментар, популарната блогерка Оксиморон го претпочиташе духот на химната, инспириран од принципите на Крушевскиот манифест, наспроти „новите правила на играта“ во пост-рамковна Македонија, поставени од некои „борци за човекови права“:

Го имаш читано крушевскиот манифест со кој се повикува на востание?
Во него се вели: „...без разлика на вера, народност, пол и убежденија...“
На почетокот сите беа едно и се бореа за едно. За еднакви можности. На поле за културен натпревар помеѓу народите. За самостојна држава. За Македонија. :)
Е, потоа дојдоа некои „Борци за човекови права“, им ја зедоа топката и поставија нови правила на играта ;)

Иако преамбулата на уставот од 1991 год. се повикуваше на „државно-правните традиции на Крушевската Република13“, Република Македонија не беше конституирана како држава на сите граѓани „...без разлика на вера, народност, пол и убежденија...“, туку првенствено како „национална држава на македонскиот народ14“. Соочена со дилемата дали го претпочита духот на Уставот на „пост-рамковна“ Македонија или духот на „Денес над Македонија“ (која реферира на Илинденското востание за „самостојна држава“ - Македонија), Оксиморон ја избра актуелната химна:

Химната си е сосем во ред - јасно си кажува дека сите кои живеат на територијата на Македонија, без оглед на вера, народ, пол и убедувања... се Македонци. Дека државноста е пред етносот. Шо за мене е сосем логично и прифатливо.

Дека „химната е сосема во ред“ се согласи уште еден коментатор, кој нагласи дека Питу Гули е „македонски херој“, „без разлика на неговото етничко потекло“:

Се борел за интересите на оваа држава и затоа неговото име се спомнува во химната, како и на другите, како најзначајни фигури во македонската национална историја. Освен тоа, не е ли доволно тоа што Манифестот ги повикува СИТЕ на борба против окупаторот?!

Ваквото размислување коинцидираше со мненијата на повеќе мои соговорници, кои беа убедени дека спомнувањето на Питу Гули ја легитимира химната како инклузивен симбол, кој ја одразува борбата на „сите националности за својте правдини“, како што се изрази еден млад граѓански активист.

Меѓутоа, имаше и поинакви ставови. На пример, во разговорот со двајца струшки пензионери, едниот од нив сугерираше дека

...не само Питу Гули, туку и некој Турчин може требало да спомнат. Ти текнува, во филмот за Крушевската република има и Албанци и Турци. И Турците биле дел од рајата. И дел од Турците биле угнетувани.

Симптоматично беше тоа што иако во филмот за Крушевската република15 имало „и Албанци и Турци“, мојот соговорник од Струга се залагаше само за спомнување на „некој Турчин“, што наиде на одобрување кај другиот пензионер. Дури подоцна, во текот на разговорот дознав дека станува збор за стари другари, едниот етнички Македонец, другиот Турчин, кои носталгично зборуваа за времињата по ослободувањето кога во Струга постоел етнички соживот.

Моите провокативни прашања, дали е фер што во химната не се застапени другите конститутивни (етнички) заедници спомнати во преамбулата на Уставот (освен етничките Македонци и Власите), и дали е фер што воопшто не се спомнува ниту една жена, предизвикуваа различни реакции. [...]

2.7. Наместо заклучок - многу неодговорени прашања

Целта на теренското истражување, претставено во овој напис, беше да ја испита улогата на државната химна како национален симбол и како дел од националната имагинација. Во првиот дел од написот, трагајќи по официјалните приказни за актуелната македонска химна, се обидов да предочам зошто постојните обиди за конструирање на официјална приказна за „Денес над Македонија“ оставаат впечаток на неуспешни обиди за креирање нов национален мит за континуитетот на македонската државност. Се обидов да покажам и зошто не успеаја обидите на стружани да го наметнат локалниот мит за „првата изведба на химната на Република Македонија“ како национален мит кој ќе се одбележува на исто рамниште со митот за „пукањето на првата пушка“ на 11 Октомври. Според моите согледби, неуспехот на обидите на стружани не се должи само на непомирливиот конфликт на интерпретации помеѓу парцијалната „локална“ перспектива16 и перспективата на „центарот“ околу создавањето на државната химна, туку и на постојаното оспорување на „Денес над Македонија“ како државен симбол од страна на политичките партии на етничките Албанци, кои по 2001 се наметнаа како главни партнери во процесот на градење нација.

Преку идентификувањето на „пукнатините“ во официјалната приказна за химната, реконструрана од излагањето на Стојан Андов, се обидов да го предочам постоечкиот јаз помеѓу посакуваната нова државна химна и избраната стара химна. Наспроти зададените критериуми на државниот конкурс, со кои химната беше замислена како интегративен и општоприфатен симбол кој ќе еманира демократски и европски вредности, процесот на „ре-избор“ на старата химна ги одразуваше старите не-демократски и етно-националистички вредности.

Исто така, се обидов да предочам дека „Денес над Македонија“ е оспоруван симбол уште при нејзиното донесување, преку анализа на повеќе „митски“ конфликти: конфликтот помеѓу членовите на жирито, конфликтот околу авторството на „Денес над Македонија“, и „конфликтите на интерпретации“ во процесот на создавање на локалниот мит и при обидот истиот да се етаблира како национален мит за време на свеченото одбележување на јубилејот на „химната“ во Струга. Од различни партиски перспективи, тогаш „Денес над Македонија“ истовремено се отфрлаше и прифаќаше како „комунистичка творба“, но и како израз на „целите на ВМРО“.

Во вториот дел од написот снастојував да покажам дека идеолошките пораки кои ги дисеминира „Денес над Македонија“ не соодветствуваат на постоечките претстави за „првата македонска држава“ кои можат да се класифицираат во пет различни периода. Тоа е сосем разбирливо ако се има предвид дека текстот на „Денес над Македонија“ е настанат уште во 1941 год., како израз на пропагандните обиди на еден круг „напредни“ комунисти, кои преку артикулирање на идејата за македонска нација се обидуваат да мобилизираат што поголем број антифашисти, агитирајќи дека одново се вее „знамето на Крушевската Република17“. Ако се земе предвид актуелниот владин тренд за изумување на што е можно подолговечна државна традиција, како и настојувањата за „лустрирање“ на „комунистичкото“ минато, тогаш може да се постави хипотезата дека успехот на овие процеси може да го доведе под прашање официјалниот мит за „Денес над Македонија“ како израз на „...вековниот стремеж на македонскиот народ за сопствена држава“.

Бездруго, официјалниот мит за „Денес над Македонија“ како општоприфатен „национален“ симбол е сериозно разнишан по потпишувањето на „Рамковниот договор“ и од аргументите на „албанскиот политички блок“ дека химната е етноцентричен симбол кој не е компатибилен со мултиетничките стремежи на „пост-рамковна“ Македонија. Идејата на Арбен Џафери дека химната е етноцентричен „код“ кој треба да се укине и замени со не-етнички код е поткрепена со уверувањето дека таа е перцепирана како туѓ и непријателски „код“ од страна на припадниците на Албанската „нација18“. Истото уверување го споделува и Али Ахмети, кој го застапува ставот дека „Химната треба подеднакво сите да нè претставува и во тие рамки двете најголеми заедници“ [„Лидерот на ДУИ...“ , 2005]. За жал, за мене остана неодговорено прашањето дали перцепцијата на поголемиот дел од етничките Албанци од Република Македонија кореспондира со ставовите на нивните политички претставници19.

Останаа отворени и неколку други прашања:
Дали законите за нови државни симболи на Република Македонија ќе се гласаат согласно оспоруваниот принцип на „Бадентерово мнозинство20“ или пак согласно принципот на „двотретинско мнозинство“?
Кога станува збор за државната химна, дали ќе биде успешна потрагата по „заеднички код на идентификација“ (Џафери) како „фактор на зближување и обединување во иднината“ (Трајковски)?

При евентуален избор на нова државна химна, дали таа ќе претставува „комбинација на македонски и албански симболи21“, или пак ќе претставува „неутрален“ не-етнички симбол, како што се залага Џафери?
Дали и текстот и мелодијата на „Денес над Македонија“ ќе влезат во евентуалните комбинации како „македонски симболи“, или пак ќе се претпочита само некоја „неутрална“ мелодија без текст22?

Дали по евентуалниот избор на државна химна „прифатлива за сите граѓани“ ќе престане да се интонира химната на Албанија на собирите што ги организираат етничките Албанци во Македонија23? Во таков случај, дали „Денес над Македонија“ ќе биде прифатена како неофицијален „етнички симбол“, слично како што знамето со „Сонцето од Вергина“ беше прифатено како неофицијално етничко знаме од страна на некои етнички Македонци?

Желбата да се пронајде одговор на некои од овие отворени прашања мотивира на нови истражувања. За некои одговори, ќе треба само да го причекаме исходот од политичката борба за дефинирање на државните симболи на Република Македонија.

_______________________________________

[1] Една од славните изјави на Кемал Ататурк изложени во Спомен собата на Ататурк, во Народниот музеј - Битола.

[2] Веројатно поради ова химната само еднаш се споменува од страна на Дeнфорт [1996, 251], во неговата детална анализа „на улогата што националните симболи ја играа во борбата за меѓународно признавање на Република Македонија“ [Danforth, 1997, 668] ("of the role national symbols have played in the struggle over the international recognition of the Republic of Macedonia"). За жал, химната како национален симбол е занемарена и во анализата на Kolsto [2004, 189] каде што се посветува внимание не само на надворешните, туку и на внатрешните конфликти во однос на македонските национални симболи, и нивната улога во „создавањето засебен македонски идентитет“.

[3] Пратениците на коалицијата ПДП-НДП, на посебна прес конференција го изразија својот став дека „не можат да ја прифатат химната ’Денес над Македонија’ бидејќи според нив е комунистичка и текстот што е во неа ја велича само борбата на еден народ - македонскиот, негирајќи ја борбата на другите националности во Македонија“. [„Прес конференција на ПДП-НДП..., 1992, 3].

[4] Повеќе за ова видете кај Брунбауер, кој разликува три компоненти на митот за континуитет во случајот на Македонија: „името на територијата, етничкиот идентитет, и вековната борба за државност“ („age long struggle for statehood“) [Brunnbauer, 2005, p. 277].

[5] Станува збор за „Химна“ од Таки Хрисик, „Денес над Македонија“ во музичка обработка на Тодор Скаловски и „Да ни бидеш вечна“ од Александар Џамбазов.

[6] Популарноста на песната се должи, меѓу другото, и на тоа што со таа „свечена песна“ започнувала и завршувала програмата на Радио Телевизија Скопје.

[7] Во своето обраќање на 2-ри август во Пелинце, Претседателот на Републиката реферираше на Илинден 1903-та како на „Македонскиот национален мит и духовно извориште“.

[8] Претседателот на Владата, во своето обраќање на Мечкин Камен на 2-ри август 2007 год., потсетува дека „...на почетокот на 20-от век, во Македонија основниот стремеж претставуваше борбата за слобода и за создавање сопствена држава...“.

[9] Сепак, како за време на клучните моменти од ритуалите во Крушево и на Мечкин Камен беше пуштана песната „Земјо Македонска“, перципирана како „неформална химна“ на ВМРО-ДПМНЕ, која беше одбиена на конкурсот за нова химна.

[10] Ниту еден од испитаниците не го спомена официјалното име - „Демократска Федерална Македонија“.

[11] „Преди отворуењето на Собранието, народните пратеници и присатниот народ ја испеа химната: „Изгреј зора на слободата...“ [Стенографски белешки од Првото заседание на АСНОМ, 292.]

[12] Иако Питу Гули не се спомнува веднаш после стихот „Македонците се борат...“, четворицата спомнати херои на Крушевската Република се перципираат токму во таа смисла.

[13] После премената од 2001, остана само „традицијата на Крушевската Република“.

[14] И по „промената на правилата“ од 2001 год., зборот народ продолжи да се употребува во исклучиво во смисла на „етнос“. Со измените на преамбулата, носител на суверенитетот стана „Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“

[15] Соговорникот реферираше на филмот режиран од Љубиша Георгиевски, „Републиката во пламен“ (1969).

[16] Иако некои стружани се обидуваат да го оправдаат митот за праизведбата на „Денес над Македонија“ како инклузивен мит, политичките претставници на етничките Албанци од Струга не играат никаква улога ниту во процесот на конструирање на официјалната приказна, ниту пак за време на официјалната прослава на 60-годишнината од праизведбата на „химната“.

[17] Или, според една од верзиите, дека воскреснале „славните ѕидари на Крушевската Република“.

[18] Токму затоа Џафери предлага текстот од химната во кој се спомнува Гоце Делчев да биде избришан и заменет со мелодија од Бетовен: „Идејата за Бетовен е всушност слободно размислување како да се најде заеднички код на идентификација, ако веќе етничките кодови не се доволни.“ [„Македонија ќе ја загуби битката со Грција“, 2005]

[19] Обидот за започнување разговор на македонски јазик на тема „Денес над Македонија“ со неколку албански дуќанџии од Охрид и Струга беше одбиван, обично со образложение дека воопшто не сакаат да коментираат на таа, за нив очигледно чувствителна тема, или пак дека воопшто не се заинтересирани за „политика“. Одреден дел од нив изјавуваа дека воопшто не знаат која е химната.
При разговорот со еден пензионер од Струга јасно се чувствуваше неговата нелагодност при споменувањето на државната химна: „А дали знаете која е сегашната државна химна?
- Па, некоја македонска... Пошто е сега посебна македонска држава... Извини што не можам да ти одговорам на прашањава. Некој друг треба да прашаш.“

[20] Според Гордана Силјановска, експертка по Уставно право, „ако власта сака овие закони да се носат со двојно мнозинство, ќе мора да се додаде амандман на членот 5 од Уставот“. [„Уставот против државни симболи...“, 2007]

[21] Како што неодамна јавно се изрази владиниот портпарол во врска со можните комбинации за идниот грб [„Уставот против државни симболи...“, 2007]

[22] Според изјавата на претставник на ДУИ, во периодот кога ДУИ беше во владејачката коалиција: „Химната треба да е прифатлива за сите граѓани. Најприфатливо е таа да е мелодија без текст бидејќи така може најбрзо да се постигне компромис“. ['ДУИ сака химна без текст', 2005]

[23] Според изјавите на претставници на ДУИ, такво нешто не може да се очекува: „- Не, не може да се очекува да се откажеме од химната на Албанија бидејќи и ние сме Албанци. Тогаш на партиските собири ќе се интонира химната на Албанија, а ќе се почитува и државната химна.“ ['ДУИ сака химна без текст', 2005]


Извадок од зборникот текстови Ехото на нацијата во издание на Темплум.

Слики: Александар Станковски







Денес доделуваме три примероци од „Ехото на нацијата“. Доколку сакате да добиете една од овие книги, посетете го овој линк и одговорете на денешното наградно прашање.

 

Супер четиво.

Супер четиво.

Ми се допаѓа. И само нешто да

Ми се допаѓа. И само нешто да додадам кога се во прашање химните. Химната која била интонирана на Првото Заседание на АСНОМ не била „Денес над Македонија“, туку „Зора на свободата“, која била пеена и во текот на борбата против фашизмот. Наскоро старата песна била променета со нова, поради тоа што текстот на „Зора на свободата“ е на бугарски јазик. Очевидно на борците против бугарскиот фашистички окупатор не им пречело да стојат простум на химна која се пее на литературен бугарски јазик. Кога веќе зборуваме за идентитетите. 

Знамето на Крушевската Република

Одличен текст на Жарко! Само уште да имаше некој од антиквичариве да го прочита. Се надевам дека авторот во некој следен текст ќе даде објаснение кое е всушност „знамето на Крушевската Република“. Сигурно тоа не биле 16-те моркови, или пак денешната ветерницата, туку знамето на Охридските востаници од Илинденското востание - и поточно на војводата Петар Чаулев:

http://tinyurl.com/y9a6u7j
http://tinyurl.com/y889cft
 

http://www.youtube.com/watch?